На претстојниот српско-албански собир во Берлин, на 29 април, ќе се најде и германскиот предлог за решавање на косовското прашање, кое нема да биде во корист на Приштина, пишува „Газета експрес“.

Предлогот на Берлин, кој е против идејата за корекција на границите, најверојатно ќе се состои во тоа Србија да добие некој вид суверенитет на одредени територии на Косово, се наведува во текстот на приштинскиот весник.

Од германската влада изјавиле дека целта на Ангела Меркел и на Емануел Макрон е да се постигне стабилност во регионот, со ставање на фокусот на дијалогот меѓу Белград и Приштина.

– Стабилноста и позитивниот развој на настаните во регионот се од големо значење за германската канцеларка и францускиот претседател, кои се фокусирани на односите меѓу Србија и Косово – пренесува „Газета експрес“ повикувајќи се на неименуваниот портпарол од германската влада.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ за претстојните разговори со претставниците на косовските Албанци во Берлин, кои ќе се одржат по иницијатива од Германија и Франција, изјави дека немаат „никаква врска со кое било решение за Косово“, а темите на овој состанок се поврзани со евентуалното продолжување на дијалогот со Приштина.

– Нема никакво решение на повидок. Нѐ очекуваат тешки разговори со албанските претставници. Ќе се говори за таксите и за тоа дали ќе има продолжување на дијалогот. Најновите информации во медиумите се една од лагите на кои нема да одговарам – изјави Вучиќ, за српските медиуми. Тој потсети дека наскоро за прашањата поврзани за разговорите со Приштина ќе се расправа и во Собранието на Србија.

Во Берлин се повикани претседателот и премиерката на Србија, Александар Вучиќ и Ана Брнабиќ, претседателот и премиерот на Албанија, Илир Мета и Еди Рама и претседателот и премиерот на Косово, Хашим Тачи и Рамуш Харадинај.