Од самитот на земјите од Западен Балкан испратија јасни пораки, а едната од нив е дека нема да дозволат решението за Косово да се прави без активно учество на Берлин и Париз

Берлинскиот самит, на кој се собраа лидерите на земјите од Западен Балкан, под покровителство на двајцата најмоќни европски лидери, Ангела Меркел и Емануел Макрон, донесе три важни пораки. Петчасовните средби во чиј фокус беше прашањето за Косово не доведоа до конечно решение, но сосема е сигурно дека поставија нови темели на кои ќе се гради иднината на Балканот. Германската канцеларка со организирањето на овој самит испрати јасни пораки, а едната од нив е дека нема да дозволат решението за Косово да се прави без активно учество на Берлин и Париз.
Самитот е организиран во моментот кога преговорите меѓу Белград и Приштина, кои се одвиваа со посредство на Европската Унија, навлегоа во ќор-сокак, по воведувањето високи царини за српските производи од страна на приштинските власти. Германија со средбите на лидерите во Берлин ги врати картите во свои раце. Како што пренесе Радио Слободна Европа, европскиот комесар надлежен за проширување Јоханес Хан не бил повикан во Берлин. Поради неможноста да присуствува, претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, беше испратена Федерика Могерини, која никогаш не се огради од идејата за разграничување меѓу Србија и Косово, на што остро се спротивставува Германија, пишува во анализата на „Блиц“,
Разграничувањето е модел што е јасно поддржан од САД, а претседателот Доналд Трамп во писмата до српскиот и косовскиот претседател сугерираше потпишување конечен договор во Вашингтон. Двата процеса се следеа меѓусебно, со губењето на лидерството на Брисел и неговото преземање од Вашингтон. Германија покажа дека важи за голема европска сила и дека таа го има последниот збор кога е во прашање Балканот.

Претставници на САД не присуствуваа на самитот во Берлин, но во нивно име зборувал косовскиот претседател Хашим Тачи, кој го изнел ставот дека европската дипломатија потфрлила, а решението за Косово не е можно без учеството на САД. Тачи отворено се залагал за разграничување но форсирање на приказната од Приштина, за која и лично се залага, а тоа е околу Прешевската Долина.

Втората важна порака испратена до Белград и Приштина е да се вратат на преговарачката маса. Меѓутоа, конкретен договор за враќање на дијалогот не е направен, а останува и неизвесно кога ќе продолжи, дали во Брисел или на друго место. Договорено е следниот состанок да се одржи на 1 јули во Париз, со што овој формат на разговори, Германија плус Франција со земјите од Западен Балкан, со фокус на проблемот со Косово, добива своја официјална потврда, наспроти укажувањата дека не треба да се мешаат во Бриселскиот процес.

Во Берлин најмалку се зборуваше за влегување на земјите од Западен Балкан во ЕУ и се чини дека тоа е и најважната порака од овој самит, забележува „Блиц“. Јасно е дека ни ЕУ не е без проблеми, што отворено нагласи и францускиот претседател Макрон, кој го доведува во прашање натамошното проширување на Унијата.

Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, по самитот во Берлин, изјави дека клучните пораки од Берлин се дека има „да“ за европската перспектива и „да“ за обидот за деблокада на застојот во преговорите меѓу Србија и Косово, за што се потребни дополнителни разговори.

Договор меѓу двете земји не беше можен во Берлин, затоа што двете страни се многу оддалечени со своите ставови.

– Имаше неколку идеи, но во овој момент не се приближија ставовите за прашањата за укинување на косовските царини, а ни Белград не направи чекор што во оваа фаза би водел кон признавање на Косово – изјави Пленковиќ.