Поранешниот албански претседател Сали Бериша, упати критика до косовскиот претседател Хашим Тачи заради идејата за размена на територии и порача дека токму „Тачи по налог на Вучиќ го крева знамето на голема Србија“.

– Ако меѓународната заедница смета дека е дојдено времето за промена на границите на Балканот, тогаш би требало да свика меѓународна конференција и да ги презентира новите граници – вели Бериша во интервју за виенскиот дневен весник „Стандард“.

Според Бериша, идејата за промена на границите не е добра.

– Тачи се обидува да продаде еден проект како албански, а кој отсекогаш бил српски – тврди Бериша, пренесува Танјуг.

За него предлогот за размена на територии е всушност идејата за голема Србија.

– Таа почнува кај Митровица и продолжува сè до Босна. Голема Србија во овој регион отсекогаш била извор на нестабилност, војни и конфликти. Ако ја следиме идејата за промена на границите, апсолутно се движиме кон конфликт, чистење и чисто етнички држави – тврди Бериша и истакнува дека во регионот не се проблем малцинствата, туку мнозинствата.