Институтот „Винча“ беше единствен нуклеарен истражувачки центар во поранешна Југославија

На прашањето дали соработката со Русија ќе доведе до изградба на нуклеарна електроцентрала, ресорниот министер одговори дека „тоа е тема за која ќе се дискутира во иднината“

Србија се подготвува за изградба на нуклеарна електроцентрала во соработка со Русија. Првите крупни чекори таа ги направи со неодамнешното усвојување на новиот закон за радијациска безбедност и со потпишувањето на спогодбата со Русија за користење на нуклеарната енергија во мирнодопски цели, пишува Радио Слободна Европа.

При последната посета на рускиот претседател Владимир Путин на Белград допатува и генералниот директор на руската државна корпорација „Росатом“, Алексеј Ликачов, кога и беа потпишани и два договора за билатерална соработка во областа за користење на атомската енергија во мирнодопски цели. Во Србија сѐ уште е во сила мораториумот за изградба на нуклеарни постројки, но ресорниот министер за енергетика не ја отфрла оваа можност во иднината. Минатата година во мај, во рамките на форумот „Атомекспо-2018“ во рускиот град Сочи, Србија и Русија постигнаа договор за принципите во соработката за користење на нуклеарната енергија.

Директорот на Агенцијата за заштита од јонизирачки зрачења и нуклеарна сигурност на Србија, Слаѓан Велинов, вели дека единствена причина за итноста за носење на законот беа роковите за усогласување на регулативата што нивната држава ги има со Европската Унија.

Експертот на Европската агенција за атомска енергија и поранешен директор на Јавното претпријатие за нуклеарни објекти на Србија, Јагош Раичевиќ, во разговор за РСЕ, забележува дека процедурата за изработка на законот била нетранспарентна.

– Новиот закон е работен во целосна тајност. Не знаеме кои институции стојат зад предлогот, немаше јавна расправа, а со законските решенија надлежностите за решавање на многу прашања се префрлени на самиот директорат, кој е владино тело – вели Раичевиќ.

Во Србија, покрај забраната за изградба на нуклеарна електроцентрала, не е дозволен и развој на проекти што се поврзани со преработка на нуклеарните горива. Пред шеесет години, во Југославија е основан институтот за нуклеарна наука „Винча“, кој беше единствен нуклеарен истражувачки центар и место каде што се чуваа радиоактивниот и нуклеарниот отпад, кои беа носени од целата тогашна југословенска територија. Прашањето за трајното одложување на потенцијалниот опасен отпад во Србија никогаш не било решено.

Европската Унија засега не ги коментира нуклеарните спогодби меѓу Србија и Русија, но се чини ни во самата Унија нема единствен став за прашањата од областа на нуклеарната енергетика.

Минатата година Брисел ја искритикува Чешка поради плановите за изградба на нуклеарна електроцентрала. Во Унгарија во тек е изградба на комплекс што би требало да ангажира неколку илјади руски научници во рамките за проширувањето на нуклеарната електроцентрала во градот Пакш, кој е на шеесетина километри од границата со Србија. ЕУ на почетокот се спротивстави
на проширување со електроцентралата „Пакш 2“, но подоцна го одобри под изговор да бидат исполнети строги услови.

Еден од условите за пристапување на Бугарија во ЕУ беше таа да даде ветување дека ќе ја затвори нуклеарната електроцентрала „Козлодуј“, која е изградена според советските проекти пред 60 години.

Ресорниот министер во српската влада Ненад Поповиќ, во интервју за „Време“, изјави дека тогашна СФР Југославија направила најголема грешка кога во 1989 година ги прекина сите државни процеси поврзани со користење на нуклеарната енергија и развој на нуклеарната технологија. На прашањето на новинарот дали соработката со Русија ќе доведе до изградба на нуклеарна електроцентрала, министерот одговори дека „тоа е тема за која ќе се дискутира во иднина“.

Експертот за енергетика Јагош Раичевиќ нагласува дека е потребно да се направи и непристрасна анализа за енергетскиот биланс за Србија, која би покажала дали има потреба од нуклеарна електроцентрала во земјата. Засега, според него, нема сериозни најави дека таков објект ќе се гради и доколку се прави тоа, ќе мора да се укине сегашниот мораториум за изградба на нуклеарни постројки во Србија.