Државното и военото раководство на Црна Гора, во соработка со НАТО, последните месеци презедоа низа чекори со кои државата станува дел од регионалната сајбер-инфраструктура на Алијансата во регионот. На ризикот Црна Гора да стане најактивниот експонент на „меката моќ“ на НАТО, пред сѐ на САД, која би се одвивала на линијата Подгорица, Тирана и Приштина, посочиле од српските разузнавачки служби, се наведува во текстот на „Вечерње новости“.

Под велот на одбраната од потенцијални руски, кинески и други влијанија, Црна Гора е подготвена за офанзивно дејствување во опкружувањето, како и за хибриден напад на Србија, која поминува низ деликатна фаза. Напролет следуваат парламентарните избори, а сѐ посилни се ударите на нејзината воена неутралност, како и притисоците за наоѓање решение за конечниот статус на Косово.

– Вистинска цел може да биде Белград, затоа што Србија ја продолжува соработката со Русија и со Кина за реализација на важни енергетски, економски, војни и безбедносни интереси. За САД, Црна Гора е клучен сојузник во регионот и извршител на американските интереси на Балканот, каде што, според нивните видувања, Русија се обидува да го обнови своето влијание. Затоа во тек е интензивирање на соработката меѓу Црна Гора и САД во областа на сузбивање на хибридните закани, преку заедничките активности на црногорските и американските сајбер-тимови – пишува „Вечерње новости“, повикувајќи се на неименувани извори.