Москва и Киев досега не успеаја да постигнат согласност за нов долгорочен договор за транзит на природниот гас и постои можност за спречување на испораката на овој енергент од Русија за другите земји

Стручната енергетска јавност во Србија со умерен оптимизам ги гледа случувањата околу преговорите меѓу Москва и Киев за обновувањето на договорот за купување на рускиот гас, со што би се избегнала можноста Украина да го преземе количеството на гас наменет за Србија доколку Русија да ги затвори вентилите. Русија и Украина досега не успеаја да постигнат согласност за нов долгорочен договор за транзит на природниот гас, затоа што е зголемена можноста за спречување на испораката на овој енергент од Русија за другите земји во текот на претстојната зима, пишува „Данас“.

За можни проблеми во испораката на овој енергент пишуваа српските медиуми, по неодамнешната посета на рускиот премиер Дмитриј Медведев, кои објавија за советот упатен до српскиот претседател Александар Вучиќ Србија да биде подготвена за евентуално прекинување на испораката на гас. „Данас“ ја објави и изјавата на европскиот комесар за енергетика Марош Шефчовиќ, кој искажа разочарување од исходот на минатонеделните преговори во Брисел и предупреди дека времето брзо поминува, од причина што важноста на договорот за транзит на природниот гас истекува на 1 јануари 2020 година.

Големо количество руски гас наменет за Европа поминува низ Украина и постои загриженост дека Русија би можела повторно да ги затвори вентилите. Тој апелираше до преговарачките тимови да бидат подготвени за нови рунди преговори и изрази надеж дека ќе се најде решение за неколку недели.
Србија преку Украина увезува околу две милијарди кубни метри гас, а од сопствени извори задоволува околу 25 отсто од домашните потреби. Оттука и загриженоста кај српските потрошувачи кога има недоразбирање меѓу Москва и Киев. Резервите во складиштето „Банатски двор“ и домашното производство гарантираат редовна испорака во краток период, но постои ризик од рестрикции доколку испораката на рускиот гас трае подолго време.

Љубодраг Савиќ, професор на Економскиот факултет во Белград, е умерен оптимист дека на крајот ќе биде постигнат договорот.
– Тоа е во интерес на двете преговарачки страни. Руската компанија „Газпром“ заработува на испораката на гас во Украина, каде што би се случил целосен колапс во економијата при недостиг од гас. Основен проблем е што снабдувањето со гас на потрошувачите во Европа долги години е политичко, а не економско прашање. Од Вашингтон Постои силен притисок на Брисел да не се прифати ниеден проект што го спроведува Русија. Од друга страна, во актуелната состојба и натаму нема алтернативен правец со кој природниот гас би пристигнувал во Србија. Тоа ја наметнува потребата за побрза изградба на гасоводот „Турски тек“ и гасот преку Бугарија да пристигне до српските потрошувачи – објаснува Савиќ.

Војислав Вулетиќ, генерален секретар на Здружението за гас – Србија, вели дека земјата 100 отсто е зависна од рускиот гас, кој се транспортира преку Украина. И тој се надева дека нема да дојде до нов прекин на испорака на рускиот гас за Србија.