Србија ги завршува организациските и административните подготовки за премин на нова методологија за проширувањето на Европската Унија и се посветува на реформите од сите кластери. Ова вчера го изјави Јадранка Јоксимовиќ, српската министерка за европски интеграции, која верува дека променетиот систем на преговори ќе ѝ одговара на Србија, што ќе придонесе за забрзување на процесот за пристапување во ЕУ. Деталите за новата методологија треба да бидат познати на почетокот на март.
– Овој план не го чекаме со скрстени раце и секојдневно сме во комуникација со државите-членки на ЕУ. Ние сме во партнерски однос и даваме сугестии за подготовка на предлозите за промена на новата кластерска методологија – вели Јоксимовиќ, за „Еуроактив Србија“ и „Бета“.
Таа посочува дека новиот начин на преговори бара и реконструирање на самото министерство во Србија и на преговарачката структура. На прашањето зошто деталите за новиот начин на преговарање не се објавени досега, Јоксимовиќ одговори дека причината за тоа е што ЕУ изминатата година се насочила на решавање здравствени, економски и општествени кризи поради пандемијата на коронавирусот.