Без каква било руска согласност во ООН, невозможно е да се дојде до какво било решение во врска со Косово, рече српскиот претседател Александар Вучиќ по состанокот во Москва со рускиот претседател Владимир Путин.

Тој додаде дека Русија активно ќе ги следи разговорите за Косово и оти секогаш навремено ќе реагира. Вучиќ посочи и дека Русија „активно ќе учествува во следењето на целокупниот процес во односите меѓу Белград и Приштина, особено влијанието на различни меѓународни фактори врз ова прашање“.

Претседателот на Србија констатира „дека компромисот е она што го сака“, но го изрази и својот скептицизам, со надеж дека работите ќе се завршат, бидејќи, како што оцени, Албанците не биле подготвени за суштински компромиси.