Бедата на транзитологијата

Антикомунизмот што или владее или е во делот на политичката опозиција во Европа и на Балканот не е само уште една алка во низата критики на историското искуство на социјалистичките држави или општества. Овој идеолошки модел се базира на дискредитирање на концептот на револуција како еманципаторски проект во име на демократска и социјално праведна иднина

Од времето кога падна Берлинскиот ѕид, идеолошката матрица на неолибералната транзитологија беше основната нарација што го објаснуваше преминот на земјите на Источна Европа од владејачкиот тоталитарен модел на владеење и планско стопанство кон демократија и слободен пазар. Централната теза на оваа нарација е дека капиталистичкиот општествено-економски систем ги креира условите за воспоставување политичка демократија. Освен политички и економски, овој процес има и значајни идеолошки, образовни и културни аспекти.
Процесите што оттогаш се одвиваат во Европа произведоа спротивен ефект од ветениот и очекуваниот. По иницијалната еуфорија, поради уривањето на бетонскиот симбол на поделбите, следуваше фаворизирање тоталитарни форми на владеење, стабилитократија, хибридни режими од протодемократски тип и силен раст на ултрадесничарски, ксенофобни, екстремни националистички и фашистички партии и политички организации.

Многу од ваквите партии дојдоа на власт во државите на Балканот и Источна Европа.
На Балканот неолибералната транзитологија креираше интересен идеолошки и политички колаж, со силни елементи на авторитарно владеење, антикомунизам, класичен либерализам, етнонационализам, популизам, неолиберална економска доктрина, расизам, антисемитизам и фашизам. Претставници на ваквите политичко-економски и идеолошки соѕвездија веќе триесет години посветено работат, меѓу другото, и на ревизија на модерната историја на регионот и на индивидуалните држави.
Употребната вредност на специфичниот идеолошки модел е примарна во однос на уверувањата и јасно дефинираните програмски определби. Еден од обединувачките елементи е заедничкиот презир кон процесот за вистинска демократизација, бидејќи тој процес неминовно ги доведува во прашање легитимноста на власта на елитите што ја водат државата и функционалноста, односно одржливоста на политичко-економската состојба што ја креираат тие елити.

Антикомунизмот има посебно место во оваа хиерархија на корисни политички алатки. За релативно новите политички и идеолошки мултипрактики на Балканот, антикомунизмот првенствено е политички механизам со кој се користат во напорот да ја освојат власта.
Една од најпопуларните техники што ги користат современите ревизионисти е изедначување на идеолошките модели што стојат во меѓусебна спротивност, за да се релативизираат, или целосно да се скријат, лошите страни на системот што тие моментално го заговараат. Тоа е суштината на агресивното презентирање на тезата за „еднаквоста на насилството“ и изедначувањето на фашизмот со антифашизмот.
Во балканските ситуации се работи за изедначување на антифашистичкото партизанско движење со колаборационистите какви што беа четниците и усташите.

Мисите посветени на Блајбург и Кочевски Рог, со кои се слави злосторничката идеологија, и рехабилитацијата на Дража Михајловиќ, како божемен „прв герилец“ во окупирана Европа, како и глорификацијата на злосторници, профашисти и антисемити какви што биле Анте Павелиќ, Јуре Францетич, Николај Велимировиќ, Момчило Ѓуриќ, Павле Ѓуришиќ, станаа дел од нашето секојдневие. Усташкиот поздрав „За дом спремни“ се третира како традиционален хрватски поздрав, а добивме и категорија „равногорски партизани“.

За ова идеолошки индуцирано наметнување лаги најчесто се користи универзалната помирувачка моќ на терминот „жртва“. Подведувајќи ги сите колаборационисти од Втората светска војна под тој термин, контекстот и специфичните причини што довеле до нивното страдање целосно се маргинализираат, а вистината за нивните злосторства се крие. Факт е дека антикомунизмот не води сметка за историскиот контекст. Неговата цел е да го оправда моменталниот политички напор за освојување на власта.
Не е отповеќе да се потсетиме дека современото политичко користење на терминот „жртва“ во контекст на војните во 1990-тите го има истиот маргинализирачки ефект – криење на вистината заради идниот „соживот“ и промовирање на заборавот како доблест. Да се потсетиме на спомен-плочите, споменичните комплекси и политичките говори со кои им се оддава почит на „сите жртви во војните во 1990-тите“. Во овој процес на дехуманизација на жртвите, убијците остануваат безимени. А ревизионистите добиваат нов поттик да ги доведат во прашање извршените злосторства или сосема да ги негираат.

Оние со вишок его, недостиг од знаење и неадекватна политичка имагинација тврдат дека ваквиот историски ревизионизам претставува „искрен“ напор и „единствен“ исправен пат за откривање на „целосната“ вистина за да се оствари „конечното“ помирување на закрвените сегменти на населението. Балканските случувања се мал, но интегрален, дел на поширокиот контекст, чиј историски лак директно води во минатото, до интелектуалците и идеолозите на фашизмот и нацизмот. Локалните карактери и со епика вдахновената реторика на црногорските и регионалните политичари не можат да го затскријат тој историски лак од аналитичкиот поглед.
Тезата за „еднаквоста на насилството“ има корени во трудовите на симпатизерите на нацизмот, какви што, меѓу другите, биле Мартин Хајдегер, Карл Шмит, Лудвиг фон Мисес, Вилхелм Ропке, Ернс Нолте. Во балкански рамки тоа биле Стеван Мољевиќ, Милан Стојадиновиќ, Димитрије Љотиќ, Анте Павелиќ, Еуген Кватерник и други.

Хајдегер го споредувал советското протерување на Германците од истокот со нацистичката политика на холокауст, додека Шмит се жалел дека фокусирањето на злосторствата на Третиот рајх го игнорира „геноцидот“ што западните сојузници го направиле врз германските бирократи пред крајот на воените операции. Во оваа теза, односно ревизионистичката интерпретација на модерната историја, се вклопуваат и тврдењата дека нацистичките логори биле логичен одговор на „азиското варварство“ на болшевиците и на советскиот Гулаг. Желбата да покажат дека расно мотивираниот геноцид што го извршија Германците бил нивниот одговор на геноцидот што го направиле болшевиците се рационализира со нагласката на учеството на Евреите во руските и централноевропските комунистички партии и движења. Конечниот резултат е дискредитирање на антифашистичките движења преку претставување на фашизмот и нацизмот како копии на вистинскиот монструм: болшевизмот.

Антикомунизмот што или владее или е во делот на политичката опозиција во Европа и на Балканот не е само уште една алка во низата критики на историското искуство на социјалистичките држави или општества. Овој идеолошки модел се базира на дискредитирање на концептот на револуција како еманципаторски проект во име на демократска и социјално праведна иднина. Тоа не е само критика на Октомвриската револуција што антикомунистите ја претставуваат како логичен извор на сталинизмот.

Фокусот врз злосторствата на контрареволуционерните сталинистички процеси има цел да ја дискредитира целта на револуцијата. Современата манифестација на антикомунизмот во рамките на неолибералниот политичко-економски систем во кој живееме, исто така, е критика и на Француската револуција како извориште на нашето разбирање на самиот чин на револуцијата: промени во име на остварување социјална правда и еднаквост.

Во конечната анализа се работи за напад врз револуционерниот напор на сиромашните слоеви на населението. Ова е точката во која во регионот се допираат клиентелизмот како рамка за политичко дејствување, идеолошкиот радикализам на мнозинството (ако не на сите) учесници во политичките процеси, политичката ригидност и сервилност на опозициските партии, авторитарните тенденции на партиите на власт и нивната заедничка лага за божемна желба на обесправените и обезгласените сегменти на населението да им се обезбеди говорница од која можат ефективно да ги артикулираат своите фрустрации, потреби и барања.

(авторот е предавач на Катедрата за историја и класици на универзитетот „Алберта“ во Едмонтон, Канада)