Лидерот на албанската опозициска Демократската партија, Љуљзим Баша отворено се закани дека сите оние кои ќе се обидат да го урнат Националниот театар во Тирана, истото ќе ги снајде и нивните домови.

Баша рече дека доколку „се помине црвената линија“, булдожери ќе ги урнат и нивните домови.

– Оние кои го урнат театарот нека се подготват затоа што ќе бидат урнати и нивните домови. Ако на театарот му постават мини, ние ќе донесеме булдожери на нивниот имот. Ова е моја отворена закана. Оној кој ќе дојде да го урива театарот, прво ќе се соочи со мене – изјави Баша за тиранската телевизија Топ чанел.

На забелешката зошто опозициските пратеници не присуствуваа во Парламентот кога повторно се разгледуваше законот за театарот, Баша изјави дека тој и онака ќе бил усвоен и затоа немало што да бараат во собраниската сала.

– Но, ние имаме можност да им кажеме на Албанците како го крадат театарот за лични интереси. Театарот е црвената линија. Доколку падне тој, утре ќе падне и куќата на секој Албанец – изјави Баша.

Според него, случајот со театарот освен што е корупциска афера, тој претставува и конечно „паѓање на државата“, бидејќи се краде државен имот и се уништува дел од историската меморија на градот и националното културно наследство.

Откако албанскиот претседател Илир Мета не го потпиша Законот за уривање на театарот и го врати на повторно разгледување во Собранието, тој, со одредени мали измени кои ги направи владејачкото мнозинство, беше усвоен на 20 септември со 75 гласови „за“ и ниту еден против или воздржан, без присуство на опозицијата.

Измените се однесуваат на тоа дека ќе биде распишан тендер на кој може да се јави секој заинтересиран да гради на оваа локација под услов да изгради и нов објект на Националниот театар.

Повторно усвоениот Закон веќе е доставен до претседателот Мета, кој во рок од 20 дена треба да се произнесе дали ќе го потпише, дали повторно ќе го врати на разгледување или ќе го искористи правото да не се изјаснува, како што тоа го стори со Законот за заштита на малцинствата, по што тој автоматски ќе стапи во сила.