Лидерот на албанската опозициска Демократска партија, Љуљзим Баша, ги предупреди пратениците на владејачката Социјалистичка партија дека доколку на утрешната седница го изгласаат законот за уривање на Националниот театар во Тирана, опозицијата ќе ги смета за терористи.

По средбата што вечерва ја оствари со претставници на театарските уметници кои се против уривање на објектот, Баша изјави дека со усвојувањето на законот се отвора патот за сојуз меѓу алабснкиот премиер Еди Рама и компанијата „Фуша“, со цел „да се урне еден бисер од културното наследство, заради нивните финансиски и мафијашки интереси“.

Чекорот кој се очекува да го направи владејачкото мнозинство Баша го поистовети со државен удар.

– Сакам да им порачам на пратениците дека гласањето на овој закон е акт на државен удар и секој од нив го става на позиција еднаква со терористите, кои во услови на нефункционирање на Уставниот суд ја уништуваат земјата и културното наследство, за да ги наполнат џебовите на Рама – порача Баша.

Законот, според најавата треба да се најде на дневен ред на утрешната седница на албанскиот Прламент, откако на 27 јули претседателот на Албанија, Илир Мета не го потпиша и го врати на повторно разгледување.

Во образоложението меѓу другото Мета оцени дека законот ги крши начелата на „еднаквост пред законот“ и „слободата на економското делување на граѓаните“, начела кои, како што нагласи, уживаат посебна заштита од Уставот.

Баша тогаш го предупреди премиерот Рама дека доколку се обиде да го урне театарот, таков евентуелен потег би бил најава за војна.

– Ако поставите мини на Националниот театар, бидете сигурни дека мини ќе ставиме и во вашите згради – му порача Баша на Рама.

Законот беше усвоен на почетокот на јули со 75 гласови „за“ и без присуство на опозицијата, благодрание на гласовите на двајцата пратеници од Партијата за правда и национално единство, позната како „партија на Чамите“ и на пратеникот Роберт Битри, кој го напушти опозициското Социјалиситичко движење за интеграција.

Во меѓувреме, „партијата на Чамите“ ја напушти владејачката коалиција и премина во редовите на обединетата опозиција.

Националниот театар, кој се смета за еден од најубавите и најзначајните објекти по кој е препознатлива Тирана, е дело на италијанскиот архитекст Џулио Берте,

Тој почнал да се гради во 1938 по барање на албанското кралско семејство, а бил изграден следната година. Целиот комплекс „Национален театар“ oпфаќа површина од 13.000 квадратни метри, во кој освен театарот, се наоѓаат и библиотека, центарот на преведувачи и информативен центар.

Владата на местото на театарот планира изградба на неколку повеќекатници, а нов театарски објект ќе се гради на друга локација.