Лидерот на најголемата албанска опозициска сила, Демократската партија, Љуљзим Баша порача дека „црвена линија на опозицијата за решавање на политичката криза е чистење на политиката од криминалот“.

Според него, „пактот“ на албанскиоит премиер Еди Рама со криминалот е темел на Владата, која е „во служба на грст банди, а не во интерес на граѓаните“.

– Кога не се занимава со луксузни изложби, како што е онаа сега во Германија, (Рама) целото свое време го троши на затворање на досиејата на неговиот брат, Олси Рама, фатен во трговија со дрога – изјави Баша во градот Берат.

Тој нагласи дека нема ни најмала можност за каков било компромис, се додека политиката не се исчисти од криминалот.

– Компромис со криминалот не може да има. Затоа упатуваме апел до сите, дури и до оние кои се прават дека не слушаат, дека нема враќање на опозицијата во Парламент поврзан со криминалот и никогаш нема да има. Политичкото решение е тука. Ние не бараме ништо повеќе од стандардите усвоени за обвинителите, судиите и полицијата за проверка на потеклото на имотот и вмешаноста во крминал. Ова е црвена линија за опозицијата. Преференцијален третман за политичарите не треба да има – нагласи Баша.

Лидерот на опозицијата посочи уште еден услов за надминување на политичката криза во земјата, а тоа, според него, е „декриминализација на изборите“.

– Оние кои прават пакт со криминалците за гласови, ги чека затвор. Ова е вториот услов за кој не може да се преговара. Без казнување на изборниот криминал, без казнување на градоначалниците и министрите кои биле откриени дека се поврзани со банди, не може да има компромис со опозицијата. Овие луѓе треба да бидат уапсени. Мора да бидат изведени пред лицето на правдата и да завршат во затвор. Секој политичар што се пазари со бандите треба да оди во затвор – нагласи Баша.

Тој на меѓународните партнери им порача „да не се прават дека не знаат, не слушаат и не гледаат“.

– Сите треба да знаат дека нема политичко решение без чистење на политиката од криминалот – порача Баша.