Неколкумесечниот период на исчекување за одржување на парламентарните избори повеќето земји од Западен Балкан ги става во напната политичка атмосфера, која постојано се заканува да излезе од вообичаените демократски рамки на дејствување. Колку повеќе се ближи моментот за директно соочување со гласачите толку повеќе се засилуваат и подгреваат партиските активности, за да се остави подобар впечаток пред граѓаните. Се чини дека најблиску до зоната на зовривање на партиската нетрпеливост е Србија, каде што изминатиот викенд се случи инцидентот пред Народното собрание во Белград, при што вербално и физички се соочија пратеници од власта и припадници на екстремна партија. Поединечни партиски функционери и интелектуалци предупредуваат дека состојбата во Србија е „ризична што може да резултира во конечен и голем конфликт во рамките на граѓанството во Србија“. Во преостанатите држави од Балканот, засега, изнесувањето на спротивставените ставови сѐ уште е под плаштот на некаков „демократски дијалог“.

Но имајќи го предвид досегашното искуство од претходните изборни циклуси не е исклучено граѓаните да имаат едно долго и неизвесно политичко лето.
Одлуката на српскиот претседател Александар Вучиќ парламентарните избори да се одржат во 21 јуни, значеше и неформален почеток на предизборната кампања на политичките партии во Србија. Пред укинувањето на вонредната состојба претставувањето на своите ставови и политички „платформи“ граѓаните ги искажуваа на балконите и терасите од белградските згради, за време на полицискиот час. Последниот викенд, како најпогодно место за партиска агитација се покажа просторот пред влезот во Собранието на Србија.

Двајца пратеници од владејачката партија СНС, Александар Мартиновиќ и Сандра Божиќ, почнаа со штрајк со глад поради непостапување на обвинителството за нападот на приврзаниците на движењето Двери на пратеникот Марјан Ристичевиќ, на скалилата на собраниската зграда. Еден ден претходно штрајкот со глад го започна независниот пратеник Миладин Шеварлиќ, кому му се приклучи и водачот на Двери Бошко Обрадовиќ, кој бара интензивирање на дијалогот меѓу власта и опозицијата!
Организирањето протест и антипротест со штрајк со глад е еден сегмент од неповолната политичка слика во Србија, која уште повеќе се влошува пред парламентарните избори.

Покрај длабоката поделба меѓу власта и опозицијата, политичката сцена во Србија е отежната и поради разидувањето на опозициските партии околу поддршката за бојкот на изборите. Идејата за бојкот на изборите се распадна, а прашањето е дали Сојузот за Србија сè уште постои, смета претседателот на Социјалдемократската партија и поранешен српски претседател Борис Тадиќ, кој изјави дека „се појави нова реалност, предизвикана од вонреднатa состојба и пандемијата, а потоа и со одлуката на Движењетo на слободните граѓани да излезе на гласање“. Тој вели дека не може да застане зад акцијата на Бошко Обрадовиќ пред парламентот и објасни дека лидерот на Двери се обраќал кон неговиот мошне екстремен електорат.

За сериозноста на состојбата во Србија предупреди и Слободан Првановиќ, научен советник на белградскиот Институт за физика, кој ја повика Српската академија на науките и уметностите да ги повика најважните политички актери на дијалог за наоѓање излез од сегашната состојба и со тоа да се спречат „распад и сеопшт хаос“.
Кризата во односите меѓу власта и опозицијата продолжува и во Албанија, која минатата година беше изложена на насилни протести од лидерот на најголемата албанска опозициска сила, Демократската партија, Љуљзим Баша, кои резултираа и со целосен бојкот на локалните избори. Баша изминатите денови ја отфрли поканата на премиерот Еди Рама за одржување средба во поширок состав, на која би разговарале за европската интеграција на земјата.

Протест и антипротест со штрајк со глад, како дел од предизборниот фолклор во Србија

Баша ја нарече поканата на премиерот Рама лицемерна, обвинувајќи го дека „не успеал во интеграцијата, па сега сака да се маскира со лицемерни покани“. Неговата реакција доаѓа откако премиерот Еди Рама рече дека за да се исполнат дадените услови од земјите на ЕУ се неопходни политички и институционален консензус. Рама искажа подготвеност да седне на средба со шефот на државата, лидерот на опозицијата и претставници на други институции „за да се реализираат реформите што ги бара ЕУ за забрзување на патот до европското семејство“. Албанија треба да исполни 15 услови почнувајќи од усвојување на изборната реформа, враќање во функција на Уставниот суд и конкретни резултати во борбата против организираниот криминал.
Недоразбирањата меѓу главните политички партии, кои беа присутни пред корона-кризата, продолжуваат со ист интензитет. Последното разидување меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се однесува за датумот за одржување на парламентарните избори, кои беа одложени поради епидемијата од коронавирусот. СДСМ и коалициските партнери сметаат дека изборите треба да бидат на 14 јуни и во термин што ќе се договори со опозицијата, но тоа да не биде по јуни. Од ВМРО-ДПМНЕ деновиве предлагаа избори во средината на јули.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека се за одржување избори ова лето, но избори што нема да го загрозат животот на граѓаните. Од ДУИ го повторија ставот дека имаат два критериума за одржување на изборите. Тоа се: Комисијата за заразни болести да каже дека таков процес нема да го загрози здравјето на граѓаните и вториот – ОБСЕ/ОДИХР да констатира дека можат да ги следи изборите. Разногласие околу датумот за одржување на изборите има и во ДИК, а поединечни членови практично ги застапуваат веќе познатите партиски ставови.

Нагласени политички тензии има и во Црна Гора и во Босна и Херцеговина, што само го потврдува ставот дека Балканот продолжува да егзистира со постојани политички и етнички тензии.