Поради послабиот образовен и здравствен систем, младите лица од Западен Балкан можат да искористат половина од својот човечки продуктивен потенцијал. Во регионот најпродуктивни се младите од Словенија и од Хрватска, а најслаби од Косово и од Македонија, се наведува во извештајот на Светската банка

Младите луѓе на просторот на Западен Балкан имаат помали можности да израснат во продуктивни личности, за разлика од нивните врсници во другите развиени земји од Европа и од Северна Америка, поради недоволното вложување во образованието и во здравството. Светската банка во својот извештај предупредува на недостатоците во образовниот и здравствениот систем во земјите, поради што половина од продуктивноста на луѓето од Западен Балкан во текот на нивниот животен век ќе биде изгубена. Генералниот заклучок е дека образованието не им нуди знаења на младите што се потребни на пазарот, а здравствената заштита не им овозможува здрав и продуктивен живот. Исклучок од земјите на Балканот се Словенија, која е во групата на 15 најдобро рангирани земји во светот, и Хрватска, која е во друштвото на САД, Литванија, Италија и Шпанија, пренесува Радио Слободна Европа.

Лицата родени во Словенија ќе остварат 77 отсто од продуктивниот потенцијал што може да се искористи со завршено целосно образование и здравје, што е над просекот на регионот на Европа и на Централна Азија, а кој изнесува 68 отсто. Хрватска е на 71 отсто од искористеноста на продуктивниот потенцијал. Во Србија младата личност ќе оствари 77 отсто од продуктивниот потенцијал и е помал од европскиот просек.
Квалитетот на образовниот систем на секоја земја е од најголемо значење за развој на човечкиот потенцијал. Дете родено во Словенија до 18 година ќе заврши 13,6 години образование, а ако се разгледува според квалитетот на наученото, тоа е на ниво од 11,4 години. Хрватските деца до 18 години ќе завршат 13,4 години образование, а тоа што навистина го научиле е на ниво од 11,4 години. Во Србија лицата до 18 години ќе завршат 13,3 години од образованието, а тоа што реално го поседуваат како знаење е на ниво од 9,8 години.
По Србија, подобро оценети земји се Црна Гора и Албанија во кои младите лица ќе остварат 63 отсто од продуктивниот потенцијал. Младите Албанци до 18-годишна возраст ќе завршат 12,9 години школување, но само девет години според реалното знаење, а во Црна Гора 12,8 години, односно 8,9 години според реално наученото.

Детето родено во Босна и Херцеговина, кога ќе порасне ќе оствари само 58 отсто од продуктивниот потенцијал. Младите од оваа земја во просек може да очекуваат да завршат 11,7 години образование, но квалитетот на учењето е еднаков на 7,8 години ефективно учење.
Во Косово младите можат да остварат 57 отсто од продуктивниот потенцијал, но просечното образование на косовските ученици е 13,2 години, кое одговара на реално ниво од 7,9 години. Македонија е на дното на листата од земјите во Западен Балкан, која е направена од Светската банка, а младите лица од нашата земја можат да остварат 56 отсто од продуктивниот потенцијал. Учениците во Македонија во просек завршуваат со 11 години поминати во училиште, а ова одговара со квалитетот на образование од 7,3 години! Доколку се гледаат во светски рамки, сите наведени земји од Западен Балкан се околу просекот од 56 отсто искористеност на човечкиот потенцијал.

Како критериум што го зема Светската банка е и заостанувањето на децата во развојот (закржлавеност). За Словенија и Хрватска нема објавени податоци, но за Србија има податоци дека шест отсто од децата заостануваат во развојот. За Македонија овој процент изнесува пет отсто. Светската банка наведува дека 11 отсто од децата во Албанија заостануваат во развојот и им се закануваат когнитивни и физички ограничувања, кои можат да траат цел живот, а во Црна Гора тоа се девет отсто.
Албанија, со Азербејџан и Русија, се меѓу десетте земји што оствариле најголем напредок во областа на здравството и образованието во светот. Но ако се издвои само образованието, најголемо подобрување има во Албанија, Црна Гора и во Молдавија, се наведува во извештајот на Светската банка.

– Овие подобрувања се поврзани со интензивните реформски напори во последната декада во Албанија, кои вклучуваат подобрување на политиките за вработување и надомест на наставниците, подобрување на наставните програми и на сите нивоа на образование и ставање на фокусот на инклузивното образование насочено кон најзагрозените ученици. Со оглед на тековната пандемија на ковид-19, потребни се политички одговори за губењето на наставата да се сведе на најмало ниво и да се обезбеди континуитет во учењето на сите ученици и студенти – изјави Мирјам Салим, раководителката на Светската банка во Албанија, пренесува РСЕ.
Стапките на заостанување на децата во развој значително опаднале во Албанија, Азербејџан, Македонија и во Турција, се наведува во извештајот на Светската банка.