Очигледно е дека ЕУ и другите држави давањето помош го темелат врз основа на сопствените политички интереси и врските со одредени земји во регионот, а тоа се гледа и низ примерите со Србија, Босна и Херцеговина, Косово… Каде е Македонија во целата оваа приказна

Епидемијата на коронавирусот, која се прошири и на Балканот, покрај здравственото и економското влијание, се одразува и на надворешнополитичките релации. Соочувањето со глобалната закана ги принуди сите европски земји да ги зачуваат своите ресурси за домашните потреби, оставајќи ги помалите земји од Западен Балкан сами да се справуваат со епидемијата. Во оваа општа криза, повторно дојдоа до израз старите врски меѓу државите, што може да ги измени односите на силите на големите светски сили во овој дел од Европа. Очигледно е дека ЕУ и другите држави давањето помош го темелат врз основа на сопствените политички интереси и врските со одредени земји во регионот, а тоа се гледа и низ примерите со Србија, Босна и Херцеговина, Косово… Се чини, Македонија во времето на корона-криза се наоѓа во дипломатска дефанзива!Германскиот весник „Цајт“ објави анализа за постапките на српскиот претседател Вучиќ, по неговата изјава дека на Србија единствено може да ѝ помогне Кина, со критички забелешки на сметка на ЕУ.

Пресвртниот момент во промената на реториката на српскиот претседател кон администрацијата на Европската Унија беше минатиот вторник, кога тој на прес-конференција ја искажа познатата реченица за тоа дека „европската солидарност не постои и таа претставува бајка на хартија“. Повод за ова беше одлуката на ЕУ да го прекине извозот на медицинска опрема во трети земји, во кои спаѓаат и земјите од Западен Балкан. Поради ова Србија се свртува кон Кина и, како што вели Вучиќ, кон „братот Си Џинпинг“ за добивање стручна и медицинска помош во справување со епидемијата од коронавирусот.
Ова свртување се најавуваше подолго време. Српската влада изминатите години ги интензивира односите со Кина. Неодамна и српското министерство за одбрана од Кина купи модерни систем на вооружени дронови. Ова беше најголемата кинеска продажба на оружје во Европа по Студената војна.

– Ова не е само гест на потчинување на српскиот претседател, тоа е најава за коперникантскиот пресврт во српската надворешна политика. Кандидатот за пристапување во ЕУ се свртува од Европа кон нејзиниот геополитички конкурент Кина. Како ќе се одрази ова на пристапните преговори, останува да се види. Но едно е сосема јасно. Вучиќ се надева на Кина, а не повеќе на Европа. А тој е претседател на најголемата земја на Западен Балкан. Гестот на Вучиќ за потчинување на Кина може да биде следен и од другите политичари во регионот – пишува авторот на анализата објавена во германски „Цајт“.
Политичкиот аналитичар Драгомир Анѓелковиќ не е изненаден од отсуството на поголема помош и грижа од братска Русија за српскиот народ.

– Кина има поголемо искуство во справувањето со епидемијата. Таа располага и со економски потенцијал да им помогне и на другите држави. Порационално е сега односите со Кина да се стават на прво место, над оние со Русија, ЕУ и со САД, а тоа се гледа и во политичката поддршка за зачувување на нашиот територијален интегритет во однос на прашањето со Косово. Поважно е што ќе направи ЕУ, затоа што толку многу е зборувано за европските вредности и солидарност, а не за руската солидарност – објаснува Анѓелковиќ за „Данас“.
Немерата да се изведе полицијата на Република Српска на ентитетската линија е показател дека Милорад Додик, дури и во време на пандемија, се бори против државата Босна и Херцеговина, посочува за „Дојче веле“ Кристијан Шварц-Шилинг, поранешен германски министер, кој беше и висок претставник во БиХ.

– Ова е јасно кршење на Уставот, затоа што, според договорот од Дејтон, не постојат граници меѓу босанските ентитети, туку само „линии на раздвојување“. Додик и во кризни времиња работи на остварување на своите цели. БиХ ја изгуби способноста да функционира како целокупна држава. Внатрешно таа не може да се заштити од колапс и на земјата ѝ е потребна помош од надвор. Во услови на пандемија, покрај медицинската, на земјата ѝ е потребна и финансиска помош за јакнење на единството во земјата, за да се спречат заканувачките конфликти и распад на Босна – смета Кристијан Шварц-Шилинг
Во време на корона-криза, Брисел пројавува нагласени дипломатски симпатии кон Косово, за што Канцеларијата на Европската Унија во Приштина обезбеди помош од пет милиони евра за борбата против епидемијата на коронавирусот.
Портпаролката на канцеларијата, Динка Живаљ, изјави за „Коха.нет“ дека целта на ЕУ е да помогне во здравствената заштита на населението на Косово, но и на домашната економија, за да се ублажи кризата предизвикана од пандемијата.

– ЕУ секогаш била покрај народот на Косово, во добри и во кризни времиња. Работиме и со меѓународните организации за да му помогнеме на Косово и ќе доделиме пет милиони евра за борба против ширењето на ковид-19 – изјавила Живаљ.
Во контекст на ширењето на коронавирусот, и бугарскиот премиер Бојко Борисов ја искористи можноста да покаже колку е „загрижен“ за, како што изјави, „братскиот народ“.
– Ми се јави македонскиот премиер и побара помош. Должни сме да им помогнеме на браќата во Македонија. Ние треба да помислиме и за тоа како да им помогнеме – изјави Борисов за БГНЕС.

Впечаток е дека македонската дипломатска оператива се наоѓа во дефанзива во овој период на епидемија, што им остава простор на другите да ги реафирмираат старите врски и надворешни политички цели. Додека преостанатите земји од регионот активно се вклучени во барање конкретна помош за справување со опасноста од коронавирусот, домашното политичко водство се обидува да му даде на важност на потпишувањето на указот за полноправно пристапување на Македонија во Северноатлантската алијанса, кое не го доби потребното внимание од домашната јавност, која е преокупирана со вестите за ширењето на заразата.