Повеќемесечното затворање на угостителските објекти во земјите од регионот принуди многу работници да ја побараат својата егзистенција во други професии или во земјите со повисоки плати

Олабавувањето на рестриктивниот режим за време на пандемијата дополнително ќе се одрази на работата на угостителските сектори во земјите од регионот. Покрај намалениот промет во последната година, фирмите од хотелско-угостителската „индустрија“ во овој период се соочуваат и со недостиг од квалификувани работници. Повеќемесечното затворање на угостителските објекти принуди многу работници да ја побараат својата егзистенција во други професии или во земјите со повисоки плати. Со овој проблем се соочени сите поголеми туристички земји во регионот, но и Македонија, во која поради ниските плати во туристичкиот сектор многу работници се одлучија за подобро платените работни места во странските компании.
Хрватска, во која има околу 150 илјади невработени лица, го покрива недостигот од работници во градежниот сектор со увоз на работници, но годинава со истиот проблем ќе се соочат и хотелиерите. „Вечерњи лист“ пишува дека недостигаат собари, готвачи, туристички аниматори, келнери, доставувачи, шанкери и градинари. Само во април имало над две илјади слободни работни места за услуги во сметувањето, приготвувањето и служењето на храната. Најбарани се готвачите, хигиеничарите и келнерите.

– Во последните години се забележува една константа, а тоа е пад на уделот на домашната работна сила. Некои ја менуваат професијата или остануваат во Германија или во друга земја, во која работат преку зимата. Секоја сезона имаме сѐ повеќе странци, претежно од Босна и Херцеговина и од Србија. Има дури и од Непал. Само третина од нашите работници се домашни, другите се странци. Така ќе биде и оваа сезона. Најтешко е да се најде добар готвач или келнер. Некои беа присилени да се преквалификуваат. Пандемијата предизвика потреси и на пазарот на работна сила во Велика Британија. Во оваа земја на еден кандидат има десет работни места во угостителството, покажало неодамнешното истражување на една специјализирана интернет-страница. Понудата за работа е зголемена неколкукратно, а сѐ уште не се отворени сите трговски и угостителски објекти со услуги за надвор – вели Антонио Датковиќ, директор на хотел во Хрватска.
Во Британија, која е атрактивен пазар за угостителските работници, во првите месеци од годинава се пријавиле 25.000 работници помалку од Западна Европа и од Северна Америка, во однос на периодот пред пандемијата. Некои од работниците не сакаа да ризикуваат со чекањето да се вратат на своите поранешни работни места и одбираа други понуди за работа. Втор фактор е и висината на заработувачката, која речиси е сигурно дека нема да биде на истото ниво како пред пандемијата. Во Хрватска во успешни туристички сезони платата на келнер изнесувала од седум до осум илјади куни за работа во ресторан, плус 1.500 до 2.000 куни од бакшиши. Намалениот обем на работа ќе им ја скрати и можноста за дополнителни дневници од прекувремена работа.

Јелена Табак, претседателката на Националното здружение на угостители, посочува на неповолната економска положба на угостителските работници, кои поради губењето на работата се принудени да прифаќаат работа во градежништвото или во трговијата.
– Во Заводот за вработување има невработени, но кога ќе објавите оглас за келнер никој не се јавува. Или се јавува лице што не одговара за одредено работно место. Работните места во угостителството се помалку од пред здравствената криза, но и натаму е тешко да се дојде до квалитетен работник. Во туризмот годинава ќе има помалку работа вели таа.
Со недостиг од работна сила се соочува и македонскиот угостителки сектор, по намалувањето на рестриктивните мерки за спречување на ширењето на епидемијата.
Огласите за вработување се преполни со понуди за работа за шанкери, готвачи, салатери, келнери, но работници со искуство и квалификација се јавуваат во мал број, а причина за тоа е што заминуваат на сезонска работа во странство, вели Здравко Јосифовски, претседател на Независната угостителска комора.
– Набргу може да дојдеме до состојба да почнеме да ги затвораме рестораните и кафулињата затоа што нема да има кој да работи. Ова стана многу сериозен проблем. Ако минатата година, во овој период, на еден до два огласа за работа во угостителството се јавуваа по 50 до 100 луѓе, сега нема ни 15, но главно тоа се луѓе без квалификации за угостителството – предупредува Јосифовски.

Според неговите сознанија, речиси нема угостителски локал во кој барем еден вработен не дал отказ со образложение дека оди да работи во странство. И хотелиерите во Охридско-струшкиот Регион, како најатрактивно место за домашните и за странските туристи, се сериозно загрижени за недостигот од персонал. Сите тие заминуваат во другите туристички земји во регионот. Во Хрватска, нето-платите се околу 700 евра, но со платено сместување и храна. Интересот за заминување во Хрватска, но и во други држави, е голем. Стотина вработени во туристичко-угостителскиот сектор за време на пандемијата заминаа во охридските фабрики. Попривлечни за нив се странските компании, бидејќи им нудат подобра плата, сигурност и можност за напредок во кариерата.