Новоизбраниот претседател на Хрватска, Зоран Милановиќ, ги објави податоците за имотната листа на неговото потесно семејство. На листата на недвижности и на висината на банкарските сметки нема нешто што боде очи и што би се разликувало во споредба на некое друго хрватско семејство од повисоката средна класа. Семејството на Милановиќ, гледано во балкански рамки, припаѓа во категоријата на просечно богато балканско семејство. Тоа произлегува и од споредбата на имотните листи на српскиот и на македонскиот претседател, Александар Вучиќ и Стево Пендаровски, за кои може да се каже дека располагаат со „скромен“ имот, кој се состои од еден стан од стотина квадрати, неколку илјади евра на сметките во банка, со некој земен кредит, или некое возило од постарите генерации!

Весникот „Дневник“ ја објави имотната листа на Милановиќ, кој пријавил месечна плата од 25.000 куни и на неговата сопруга Сања Мушиќ Милановиќ во износ од 14.000 куни. Брачната двојка заеднички поседува стан од 127 квадратни метри, а имаат и заштеда од 850.000 куни. Покрај ова, хрватскиот претседател поседува и стан, гаража, две ниви, ливада и викендичка со земјиште што го стекнала во наследство од трети лица. Во имотниот лист е забележано дека Милановиќ во 2016-та подигнал кредит од 700.000 куни, а месечната рата му изнесувала 4.500 куни. Истата година на лизинг купил „форд фокус“, а месечната рата изнесувала 1.300 куни. Во 2018 година зел кредит во висина од 298 илјади евра, кој бил намален на 119.520 евра. Неговата консултантска фирма во 2018 година остварила приходи од 745 илјади куни, од што неговата нето-добивка изнесувала 553.000 куни.
Имотната листа на претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, е доста скромна и ако се гледа во однос на македонските граѓани. На двата анкетни листа што ги доставил како пратеник и подоцна и како претседател на државата нема никакви промени. Пендаровски како свој имот има „југо темпо 1.1“, старо дваесет години, проценето на илјада евра. Недвижности нема. Како негов личен имот тој уште пријавил и заштеда од 12 илјади евра, кои се стекнати со наследство! Сопругата на Пендаровски вози „рено меган“ од 2005-та, а има заштеда од три илјади евра. Семејството Пендаровски не пријавило друг имот.
Српскиот претседател Александар Вучиќ во луксузна населба во Белград има стан со големина од 30 квадрати во вредност од 50.000 евра, кој го купил со финансиска помош од родителите. Веднаш до неа се наоѓа стан со големина од 104 квадратни метри во сопственост на неговата втора жена Тамара Ѓукановиќ. Таа е сопственичка и на гаража од 12 квадрати во зградата во која е и станот. Станот го купила во мај 2013 година, за 135.000 евра.

Првата жена на Вучиќ, Ксенија, е сопственичка на стан со големина од 118 квадратни метри, во вредност од 196.000 евра во центарот „Ју бизнис“ во Белград. Вучиќ го добил тој стан од државата кога бил министер за информирање, во 1998 година, па откако неговата партија ја изгубила власта, го отплатил станот. Во тоа, како што вели, му помогнало семејството и тогашниот партиски лидер Војислав Шешељ. Пошироката фамилија на Вучиќ, родителите и неговиот брат, поседуваат недвижности во вредност од 1.280.000 евра, се наведува во проширената верзија на неговата имотна карта, која ја објави порталот Крик.рс
Медиумите во регионот при објавувањето на имотните листи на високите функционери пишуваат со одредена доза резервираност за веродостојноста на поднесените податоци до надлежните институции. Ова особено се однесува на носителите на премиерската и другите функции во извршната власт, со оглед дека во сите извештаи од реномирани меѓународни организации се посочува на високата корупција, клиентелизмот, непотизмот и партизацијата при извршување јавни функции.

– Податоците на имотните листи на функционерите би требало да бидат реални, доколку во дополнителната постапка за преиспитување на податоците не се покаже дека е поинаква состојбата. Не сум слушнала дека некој од политичарите не ја прикажал реално имотната состојба, освен во случајот на поранешниот хрватски премиер Иво Санадер. Дали се реални податоците не знам, но знам дека сегашните институции во нашата држава реално немаат можности да ги проверат имотните листи на високите државни функционери. Нашите политичари се фалат дека антикорупциската комисија ги има сите овластувања за контрола, но забораваат да кажат дека оваа институција не располага со капацитети (просторни и технички) да влегуваат во 14-те „достапни“ бази на податоци. И кога станува збор за можно влијание врз одредени процеси, јас би почнал од контролата на имотните листи на судиите, па на функционерите во извршната власт, па на крајот и на претседателите на државата – вели Слаѓана Тасева, претседателка на Транспаренси интернешнл Македонија и прва претседателка на македонската антикорупциска комисија.