Партиските стратези ја препознаа имунизацијата како можност за нова маркетиншка кампања за придобивање на довербата на гласачите. Во медиумските извештаи наместо здравствениот аспект, во преден „кадар“ беа политичарите и државните функционери, кои се обидоа да се прикажат како „најзаслужни“ за добивањето на спасоносната вакцина. Добивањето на првите вакцини на Балканот беше искористено и за надворешнополитичка пропаганда

Пристигнувањето на првите пакети со вакцина против ковид-19 во Србија и во Хрватска, медиумите на Балканот го проследија со пренагласено внимание. Во нивните дневни извештаи наместо здравствениот аспект, доминираа политичкиот маркетинг и партиската пропаганда. И овој пат во телевизиските прилози во преден „кадар“ беа политичарите и државните функционери, кои се обидоа да се прикажат како „најзаслужни“ за добивањето на спасоносната вакцина, во период кога епидемијата во регионот го достигнува својот највисок раст (и смртност), во исто време кога здравствените системи, гледано низ институционален, финансиски и кадровски потенцијал, ги покажуваат своите слабости во справувањето со невидливиот непријател што предизвика глобална економска и социјална криза. Поради тоа, партиските стратези ја препознаа можноста за нова маркетиншка кампања за придобивање на довербата на гласачите, преку фотографирање и снимање министри како ја примаат првата вакцина против ковид-19.

Политичкиот маркетинг што беше применуван во почетокот на имунизацијата беше најочигледен во Србија, во која медиумите „од минута на минута“ известуваа за примањето на првата вакцина на премиерката Ана Брнабиќ, по пристигнувањето на првата испорака на 4.875 вакцини! Притоа беше истакнувано дека „Србија прва ја донела вакцината на Балканот“, што се припишуваше како заслуга на актуелното владејачко раководство. Во Хрватска, пристигнувањето на првите две кутии вакцини, како дел од пакетот предвиден за Европската Унија, доби по малку комичен епилог.

Понесен од еуфоријата за почетокот на вакцинацијата, раководителот на Националниот штаб за справување со епидемијата, направи серија фотографии како седи на кутии во кои биле спакувани вакцините. По големите критики во јавноста тој мораше да се извини за својот потег.

Вакцинацијата против ковид-19 беше искористена и за надворешнополитички цели и за „заштита“ на српската национална кауза. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на редовната новогодишна конференција за медиумите ја искористи можноста за да соопшти дека „Србија ќе продолжи да се грижи за својот народ на Косово“. За тоа порача дека Србија никого не загрозува со тоа што испраќа лекови и вакцини на северот на Косово, што наиде на реакции кај приштинските власти.

– Не испративме никакви топови и тенкови, испративме само лекови и вакцини. Подготвени сме да испраќаме лекови и вакцини и за Албанците и немаме ништо против тоа – изјави Вучиќ.

Членот на Советот на здружението „Обединети против ковид“, епидемиологот Зоран Радовановиќ, во изјава за Радио Слободна Европа, рече дека ова е маркетиншки потег, а особено е скандалозно тоа што вакцините се испратени илегално. Од Владата на Косово соопштија дека немаат податоци дека вакцините против коронавирусот на северот на Косово влегле на официјални гранични премини од Србија. Српските официјални лица најавија дека доколку има доволно вакцини, дел од нив ќе биде отстапен за босанскохерцеговскиот ентитет Република Српска.

Темата со имунизацијата против ковид-19 беше искористена и за партиски цели во Македонија. Опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ упати жестоки критики за неснаоѓањето на Министерството за здравство и за доцнењето со набавката на вакцините. Одговорите од македонската влада беа дека првите вакцини во земјата се очекуваат во март-април, што предизвика и незадоволство кај дел од домашната јавност. Одговорот на министерот за здравство дека очекува од Бугарија и од Грција да отстапат дел од вакцините што тие ги добија во првиот пакет од Европската Унија, предизвика дополнително незадоволство кај дел од граѓаните и политичките партии, поради провокативните изјави на бугарските националисти дека „помошта е за сонародниците во соседството“!

Ни во Босна и Херцеговина не се знае кога ќе пристигнат првите вакцини. Оптимистичките најави се дека тоа ќе се случи во првото тримесечје на 2021 година, но за тоа нема прецизен датум. Поради ова во земјата се води политичка дебата за причините за доцнењето во набавката на вакцините. Бранислав Зељковиќ, директор на Институтот за јавно здравство на ентитетот Република Српска, вели дека причините за тоа се нејасните препораки од здравствените институции која вакцина треба да се користи за имунизација на населението, како и во нерасчистени надлежности меѓу ентитетите и централната власт на БиХ.

– БиХ има компликуван систем и закони за медицински средства и лекови, како и Закон за јавни набавки. БиХ нема и министерство за здравство на државно ниво, а тоа е во надлежност на ентитетите и десетте кантонални министерства – вели тој за РСЕ.