Најновата дипломатска офанзива од Вашингтон и тензиите меѓу Западот и Кина ги ставаат земјите од регионот пред тежок избор за позиционирање на најновата геополитичка поделба на светот

Минатата недела државниот секретар Ентони Блинкен упати писмо до членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина во кое ги повикува на ограничени уставни промени во БиХ. Во писмото се наведува дека Дејтонскиот правен договор создаде силни основи на кои е изградена државата, но дека со текот на времето се потребни и промени. Со ова на јасен начин се испраќаат пораките од САД, по изборот на новиот американски претседател Џо Бајден, за поактивна улога во решавањето на проблемите на Балканот. Македонската јавност изминатите денови беше запознаена и со обраќањето на заменикот на помошник-државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Метју Палмер, кој го „охрабрил раководството на ВМРО-ДПМНЕ да соработува со премиерот Зоран Заев за решавање на предизвиците, вклучувајќи и надминување на разликите со Бугарија и обезбедување успешен попис“. По ова, и американската амбасадорка во Македонија, Кејт Брнс, ги повика претставниците на албанските опозициски партии да бидат „конструктивни“ во носењето на законските измени за одложување на пописот.
Деновиве во Србија ѝ се посветува медиумско внимание на пораката што новиот државен секретар на САД, Ентони Блинкен, своерачно ја додал на службеното писмо што е упатено до претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кое е протолкувано како „излегување од дипломатската практика“. Американскиот државен секретар со пенкало на крајот од писмото до Вучиќ додал дека „се сеќава на добрите разговори и се радува на нивното обновување“. За Милан Антонијевиќ, правник и поранешен директор на фондацијата „Отворено општество“, ова не значи дека се излегува од „дипломатската рамка“ и, како што вели тој, со тоа „се покажува и се најавува заинтересираноста на американската администрација за Западен Балкан, а особено за Србија“.

Најновата дипломатска офанзива од Вашингтон и тензиите меѓу Западот и Кина ги ставаат земјите од регионот пред тежок избор. Иако балканските земји, кои се ставени во средината меѓу засилените економски врски со Кина и политичките и стратегиските определби кон Западот, не сакаат да избираат страна, тие можеби ќе мора да го сторат тоа, пишува во анализата објавена на „Балканинсајт“.
Повеќето од значајните инфраструктурни проекти во регионот што се спроведуваат во соработка со Кина се проекти што претходно беа избегнувани од западните партнери. Денес, кинеските вакцини стануваат алтернатива за балканските влади само затоа што беше тешко да се добијат оние што се произведени од западни компании. Самиот подем на Кина имаше големо влијание на идејно ниво, бидејќи беше поврзан со наративи за поместување на моќта од Запад кон Исток и подемот на алтернативен модел на развој. Во Македонија соработката со Кина се сметаше за политика на авторитарната влада на Никола Груевски, така што спротивставувањето на Груевски значеше и спротивставување на поблиски односи со Кина. Сличен развој на настаните може да се забележи и во Србија, каде што односите имаат силно лично поврзување со претседателот Александар Вучиќ. Бидејќи односите меѓу САД и Кина брзо се влошуваа по 2016 година, а како што ЕУ стана помалку доверлива кон Кина, соработката со Пекинг стана политички чувствителна, се забележува во текстот на „Балканинсајт“.

Поради глобалните промени, сите други земји од Западен Балкан, освен Србија, го намалија ентузијазмот за соработка со Кина. Дури и во Србија, владејачката елита ја балансираше соработката со Кина со потези за реафирмирање на односите со Западот, вклучувајќи и потпишување договор со Косово под покровителство на поранешниот американски претседател Доналд Трамп во Вашингтон во 2020 година.
Денес е невозможно да се зборува за Кина на Балканот без да се земат предвид поширокиот глобален предел и состојбата на игра помеѓу Истокот и Западот. Односите меѓу Западот и Кина значително ќе го одредат начинот на размислување и позиционирање на актерите од Западен Балкан, исто така, и во светот. Сепак, настрана дополнителната претпазливост и можеби погласните заложби за нивните стратегиски ориентации, балканските земји веројатно нема да ја жртвуваат соработката со Кина, затоа што таа соработка не е резултат на преферирање, туку од неопходност, се констатира во текстот на „Балканинсајт“.
Милош Дамјановиќ од БИРН во друга авторска анализа се осврнува на тоа како земјите на Балканот заземаат различни пристапи за поставување кон новите геополитички позиционирања.

Во соседна Србија, за разлика од одлуката на Романија за ограничување на пристапот на кинеската телекомуникациска технологија, српските влади долго време се обидуваа да ги заштитат своите геополитички вложувања кон Кина и Русија. Видливо е однесувањето на српското работоводство за придобивање на наклонетоста на Пекинг, што се прави преку медиумите контролирани од владејачката елита во Србија за промовирање позитивни наративи во врска со Кина.
Во интервју за БИРН, новиот главен преговарач на Црна Гора со ЕУ, Зорка Кордиќ, зборува за плановите на нејзината земја. Таа дава смели процени дека Црна Гора планира да ги исполни сите услови за да стане земја-членка до 2025 година. Сепак, како што признава, многу ќе зависи и од политичката волја меѓу постојните земји-членки на ЕУ да дозволат друга земја да влезе во Унијата. Неодамна се разгоре и спорот меѓу Бугарија и Македонија за идентитетот, кој ги закочи надежите на Скопје за брзо отворање на пристапните преговори со ЕУ, посочува авторот Дамјановиќ.