Со доаѓањето на зимата, градовите на Западен Балкан се гушат во смог поради издувните гасови во добар дел од старите автомобили и илјадниците оџаци, а единствените што задоволно ги тријат рацете се продавачите на прочистувачи на воздухот, пишува агенцијата АФП.

Според Светската здравствена организација(СЗО), на пописот на најзагадени градови во Европа пет се на Балканот, Тузла(БиХ), Плевља(Црна Гора) и Скопје, Тетово и Битола во Македонија.

СЗО предупредува дека со тоа им се нанесува голема штета на економијата и луѓето. Според студијата на СЗО од 2016 година, се проценува дека во 2010 година загадувањето на воздухот било причина за смртта на над 37.000 луѓе на Западен Балкан, кој брои 23 милиони жители. Тоа, во однос на бројот на жители, е шест пати повеќе отколку во Франција, но од тогаш не се преземени никакви мерки за справување со атмосферското загадување.

Меѓу најзагадените градови е Сараево, град што во текот на зимата е целосно прекриен под густиот смог од кој единствено ѕирка телевизискиот репетитор на ридот Хум. Секој ден во Сараево сообраќаат околу 150.000 автомобили кои се просечно стари 18 години. За загадувањето придонесува и масовното греење на јаглен и дрва, па во Сараево воздухот се загадува и од илјадниците оџаци.

Во Сараево, град со 340.000 жители, а во кој јавниот превоз е во очајна состојба, на почетокот на декември просечното присуство на штетни честички во воздухот изнесувало 320 милиграми на кубен метар, а во некои делови на градот надминувало и 400.

Обединетите нации(ОН) во документ од јануари 2018 година наведе дека во БиХ поради загадениот воздух „секоја година се губи 44.000 години живот“. Исто така, цената која се плаќа заради загубените денови на работа и во училиште, како и за здравствените и останатите трошоци, изнесува повеќе од 21,5 отсто од БДП.

Проблемот со загадувањето исто ги мачи и скопјани. Како резултат на загадениот воздух, постојано расте бројот на луѓе со респираторни проблеми. Властите со години најавуваат гасификација која никако да се случи. Се возат стари дизел автомобили, градскиот превоз е нееколошки и недоволен да ги задоволи потребите на граѓаните, а нееколошкото греење на домовите е најголемиот загадувач на воздухот.

Градските власти планираат краткорочни мерки, кои според невладините организации, нема да имаат никаков ефект.

Во таа насока, министерот за здравство Венко Филипче најави дека државата ќе обезбеди заштитни маски за хронично болните.