Потенцијалната опасност од кинеските инвестиции во Југоисточна Европа е тоа што Пекинг би можел економското влијание да го пренасочи и во политичко

Кинеските инвестиции на Западен Балкан неколку години бележат постојанен пораст, за што веќе се говори за економска зависност на националните економии, а често се споменува и опасноста од политичкото влијание на Кина на Балканот, иако не е сосема јасно за какво влијание станува збор. Во последно време популарно е да се зборува уште за една опасност (покрај мигрантската криза на овие простори), а Западен Балкан се доживува како место за соочување на глобалните и геостратегиските интереси на големите играчи во светската политика. Како што пишува во анализата на „Дојче веле“, покрај ЕУ, САД, Русија и Турција, сѐ поголемо внимание ѝ се посветува и на Кина, која се нарекува нов голем играч во Југоисточна Европа, преку политичкото маркирање на теренот што се спроведува од Пекинг. Потенцијална опасност од ова би било тоа што Кина инвестицискиот капитал би можела да го преточи во политички, иако е тешко да се формулира конкретната политичка корист што би можела да ја има Кина со своето присуство во Југоисточна Европа.

Сосема е друго кога се работи за економските интереси. Откако кинескиот претседател Си Џинпинг ја објави стратегијата позната под називот „Новиот пат на свилата“, западните аналитичари почнаа да посветуваат посебно внимание на активностите на оваа светска економска велесила во делот на Југоисточна Европа. Оваа кинеска иницијатива подразбира сеопфатни, пред сѐ, инфраструктурни проекти, кои овозможуваат брз и лесен проток на стоки и услуги од Кина кон богатите пазари на Западна Европа. Важни транзитни станици на овој пат се и земјите на Југоисточна Европа, па затоа во стручните кругови се говори за земјите на Балканскиот пат на свилата.

Прва поголема инвестиција на тој пат беше Грција, каде што голема кинеска корпорација во 2009 година вложи повеќе од 650 милиони евра за концесија на период од 35 години за најголемото грчко пристаниште Пиреја, во близината на Атина. Во 2016 година Кина вложи дополнителни 280 милиони евра и со тоа оствари мнозински удел од 51 отсто сопственост.

Кинеските фирми инвестираат и во сите други земји од регионот, а вкупниот финансиски ангажман се проценува на суми од двоцифрени милијарди евра. Овде треба да се разликуваат директните инвестиции од релативно поволните кредити. Втората ставка е многу повисока, забележува Јенс Бастијан, независен економски аналитичар и еден од најдобрите познавачи за кинеското економско ангажирање во овој дел на Европа.

– Со исклучок на Грција и делумно на Србија, во сите други земји станува збор за поволни кредити на кинеските државни банки. Притоа овие кредити се условуваат со ангажирање кинески фирми, кои доведуваат кинески работници и материјали од Кина за изградба на некој мост или автопат во Црна Гора, Босна и Херцеговина или во Хрватска. Тоа во основна е конјунктурна и извозна програма за кинеската економија, која има проблем со предимензионираните капацитети – нагласува Бастијан.
Кинескиот економски интерес е јасен: конечна цел на стратегијата „Нов пат на свилата“ е економски силниот пазар на Западна Европа, а балканските земји се фингираат како влез за Европа. Затоа и се вложува во инфраструктурни проекти, но вкупниот обем на овие инвестиции е релативно мал.

Јенс Бастијан напоменува дека во јавноста се стекнува впечаток дека Кина значително повеќе вложува во овој регион од Европската Унија, но во реалноста тоа не е така.
– Кога ќе се погледне колку средства на ЕУ во рамките на различни кредитни програми се ставени на располагање за БиХ, Косово, Србија, Хрватска или Унгарија, се гледа дека тоа се повеќекратно повисоки суми од оние што е подготвена да ги вложи Кина. Овде постои голем расчекор меѓу најавите од Кина и реалната практика – вели Бастијан.

Голема е разликата меѓу износите што е подготвена Кина да ги инвестира во балканските земји и инвестициите во Западна Европа. Пекинг повеќе е заинтересиран за вложување во фирми со висока технологија, а за тоа не штеди пари. Ако најголемата кинеска инвестиција на Балканот изнесуваше помалку од милијарда евра, само преземањето на германскиот производител на роботи, пред две години, кинеските инвеститори платија 4,5 милијарди евра. Исто чинеше и ланското преземање на компанија од секторот на енергијата.
Само во Германија лани кинеските компании инвестирале рекордни 13,7 милијарди долари. Вкупните досегашни инвестиции на германската економија во Кина се двапати повисоки, со околу 70 милијарди евра, од вкупните инвестиции на кинески фирми во Германија.

Значи, во основа, е само класичен капиталистички проток на пари и инвестиции во рамките на глобализираниот пазар. Сите вложуваат онаму каде што најмногу им се исплати. Владите на земјите во Југоисточна Европа се во многу послаба преговарачка позиција. Тоа на Пекинг како посилен партнер му овозможува со релативно помали инвестиции и значително поевтино да го прави тоа во западните земји, за да ги остварува своите економски и трговски цели. Меѓутоа, не е јасно каква би била политичката агенда што ги следи инвестициите.

– Кина, за разлика од Русија, нема причина да поттикнува или поддржува некаква промена на режимот во одделни земји – нагласува Бастијан.
Кинескиот геостратегиски интерес на Западен Балкан е пред сѐ од економски карактер – поголем дел како транзитно подрачје кон Запад и мал дел како можен пазар. Тука нема никакво недоразбирање. Тоа што Кина никому не му преговара за човекови права или слобода на медиумите за сите влади на Западен Балкан е добредојден бонус, заклучува „Дојче веле“.