Соочени со долгогодишната депопулација, земјите од регионот почнаа да применуваат повеќе мерки за зголемување на наталитетот, но како што забележуваат експертите, не постои универзално решение за спречување на неповолните демографски трендови

Задржувањето на работоспособното население и зголемување на наталитетот се хроничните проблеми со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан. Покрај промовирањето на пронаталните политики со проектите за потикнување поголем прираст, сѐ повеќе може да се слушне и за „субвенционирање“ за населување на одредени подрачја, кои се соочуваат со масовно иселување на граѓаните. Податоците на Светската банка, кои се содржани во информацијата за „Миграција и одлив на мозоци во Европа и централна Азија“, покажуваат дека Хрватска е втора земја со најголема стапка на емиграција (по Малта) од земјите во Европската Унија, и тоа со стапка од 21,0 отсто од вкупното население. Според Еуростат, од Албанија само во 2018 година заминале 62.000 лица. Босна и Херцеговина ја напуштиле повеќе од 200.000 граѓани за период од седум години. Од Србија во последните дваесетина години на работа во странство заминале 654 илјади, а најмногу од нив се младите од 15 до 24 години. Светската банка соопшти дека една четвртина од граѓаните на Македонија живеат во странство, а од Косово годишно се иселуваат околу 34 илјади лица. Од Црна Гора за една година заминуваат три илјади лица. Загрижувачки се податоците и за стапката на фертилитет во земјите од регионот. Просечната стапка во светот изнесува 2,47, а на ниво на Европа 1,6, додека овој просек во регионот го имаат Словенија и Албанија. Сите други земји се под просекот, освен Црна Гора, која има 1,75, се наведува во анализата објавена на „Ал џезира“.

Соочени со долгогодишната депопулација, земјите од регионот почнаа да применуваат повеќе мерки за зголемување на наталитетот, но како што забележуваат експертите, не постои универзално решение за спречување на неповолните демографски трендови.
– Веќе се доцни со спроведување на демографските политики, но не треба да се откажуваме од нив. Позитивно е тоа што сѐ уште постои потребен потенцијал за раѓање поголем број деца, но неопходни се и мерки за поттикнување на младите луѓе да основаат семејства и да чуваат повеќе деца. Еден од најголемите предуслови е да се зголемува довербата кај нив во сопствената иднина, сигурност и просперитет на нашите простори – смета демографот Драшко Маринковиќ.
Во Србија е формирано министерство без ресор што е задолжено за спроведување на популациската политика и за демографија, а во Хрватска постои посебен државен орган со истите надлежности. Со иселувањето најмногу се соочени јужните региони во Србија, а српската влада за периодот од 2017 до 2020 година издвоила над две милијарди динари (17 милиони евра) за 112 општини и градови. Во 2019 година има позитивни резултати од популациската политика и се родени 424 деца повеќе во однос на претходната година. По 15 години стапката на вкупниот фертилитет во Србија помина над 1,5, а бројот на третородени деца е поголем за 764, за четврто дете за 370 и за петто дете за 78.

Неколку српски општини спроведуваат сопствени програми за зголемување на бројот на жителите. Најмногу се истакнува Општина Јагодина, која им одобрува помош на невработените трудници и родилки во периодот од третиот месец на бременоста до едногодишна возраст на новороденчето во вредност од 12.000 динари. За секое новородено дете се исплатува еднократна помош од 200 евра. За седум години од спроведувањето на овие мерки во училиштата во Јагодина се запишале две одделенија повеќе, пишува „Ал џезира“.
Во Хрватска бројот на жителите пораснал само во 139 места. Некои од општините даваат посебни субвенции за новороденчињата. Во Општина Стон се одобруваат по 5.000 куни за првородено дете, десет илјади за второродено и 20 илјади куни (2.640 евра) за трето и за секое наредно дете. На државно ниво Хрватскиот завод за здравствено осигурување исплатува паричен надомест од околу 307 евра и пронатален додаток во износ од 500 куни (66 евра) месечно за трето и четврто дете.
Босна и Херцеговина има најмала стапка на фертилитет во Европа и се применуваат посебни политики на ентитетско и кантонално ниво. Во ентитетот Република Српска право на надомест имаат невработените мајки во месечен износ од околу 200 евра во траење од 12 месеци, за трето и секое наредно дете во период од 18 месеци. За второ дете се исплатуваат 300 евра и 225 евра за четврто дете. Во Федерацијата БиХ и во осумте кантони вработените мајки остваруваат надомест од 50 до 100 отсто од платата.

Во Црна Гора родителите со три и повеќе деца беа исклучени од правото за добивање надомест. Околу 22 илјади мајки од почетокот на 2016 година имаа право на доживотна месечна исплата во висина од 336 евра, доколку имале најмалку 25 години работен стаж. Мајките што 15 години биле под бирото за вработување имаа право на надомест од 192 евра.
Во Македонија во последните 25 години податоците на Државниот завод за статистика покажуваат постојан пад на природниот прираст. Лани во земјава починале повеќе лица, отколку што се родиле. Иселувањето на младото, репродуктивно население, но и недостигот од мерки за развој на соодветна популациска политика се главните причини за ваквиот тренд, пишува Радио Слободна Европа.
Првпат државата влегла во негативен природен прираст. Во Македонија има 54 општини со негативен природен прираст, а четириесетина општини што го намалиле бројот на населението. Од осум поголеми региони во шест морталитетот е поголем од наталитетот.