Во поново време дипломатијата добива и нови функции за промовирање на националниот економски, културен и традиционален идентитет на одредена земја, но и регион. Затоа, во меѓународните односи се зборува и за регионална дипломатија, која ќе биде во функција на промовирање на Балканот како привлечна дестинација за инвестирање

Словенија, Хрватска и Србија, исто како и во времето на Југославија, се во голема предност кога станува збор за местото и улогата на меѓународната дипломатија. Словенија и Хрватска имаат добро развиена дипломатска активност, поради сериозниот пристап и кохеренцијата, а Србија поради богатата традиција и одличните кадри. Во сите три земји дипломатијата игра многу важна и стратегиски добро осмислена улога. Босна и Херцеговина, со Црна Гора и Албанија, има добри поединци, но другиот дел од дипломатскиот тим не може да ги следи, пишува „Ал џезира“, за дипломатската мрежа на земјите од поранешна Југославија, која имаше силна и развиена надворешна дипломатија, која ѝ овозможуваше добра основа за градење сопствени ставови за клучните геостратегиски позиции.
Дипломатијата и надворешната политика се инструменти на комуницирање на една земја со надворешниот свет, а притоа ги артикулира државните и националните интереси. Во поново време дипломатијата добива и нови функции за промовирање на националниот економски, културен и традиционален идентитет на одредена земја, но и регион. Затоа, во меѓународните односи се зборува и за регионална дипломатија, која ќе биде во функција на промовирање на Балканот како привлечна дестинација за инвестирање.
– Како рецепт за успешна дипломатија е тоа амбасадорите да мораат да бидат инвентивни лица. Но вистински и корисни дипломатски резултати има кога од земјата ги бомбардираат со инструкции и барања за да направат нешто конкретно во корист на државата – вели Слободан Шоја, дипломат што во периодот од 2000 до 2011 година бил и амбасадор на Босна и Херцеговина во Франција и во Египет.
Во случајот со Босна и Херцеговина тој посочува на повеќе слабости во креирањето на надворешната политика. Препорачува Претседателството на БиХ да биде достојно на своите надлежности, за да се избегнат импровизации и приватизација на клучните улоги во создавање на угледот на земјата во светот.

Босна и Херцеговина е претставена со 56 дипломатско-конзуларни претставништва. Од нив 44 се амбасади, шест генерални конзулати и шест постојани дипломатски мисии. Република Србија има 102 дипломатско-конзуларни претставништва, од нив 72 се амбасади, седум мисии во меѓународните организации, два генерални конзулати и еден конзулат. Србија покрива 92 држави. Република Хрватска има 90 ДКП, амбасади, постојани претставништва и мисии, генерални конзулати и конзулати. Од 33 дипломатски мисии нерезидентно се покриваат 63 држави. Македонија има 59 дипломатско-конзуларни претставништва, од нив 42 се амбасади. Црна Гора има 28 амбасади.
Официјалните политички ставови на земјите во регионот не се менуваат со децении, па затоа исчекор во дипломатските активности се очекуваат во економското и културното претставување на секоја земја поединечно.
Во секое дипломатско-конзуларно претставништво на Србија постои дипломат што е задолжен за економски работи или за деловно-културна соработка. Идентични позиции има и во Министерството за надворешни и европски работи на Хрватска. Во најголем број случаи одредени дипломати се задолжени само за економски работи или за културни активности.
Од Министерството за надворешни работи на Македонија се наведува дека четири ДКП имаат економски дипломат или аташе задолжени за култура. Црна Гора во амбасадата во Белград има лице што е задолжено за извршување на надлежностите на Националната туристичка организација, како и локално лице вработено во амбасадата во Скопје задолжено за промоција на туристичкиот потенцијал и културна соработка меѓу двете земји.

Земјите од регионот можат да сметаат на дипломатската помош на другите земји за застапување на граѓаните од друга земја во регионот. Ова е особено во време на немири во некоја странска земја или природни катастрофи, а тоа беше користено и во случај со затворањето на границите поради пандемијата на коронавирусот.
Формалноправно не постојат заеднички мисии на Република Србија или некоја трета земја. Но има договори за колокација, односно заедничко користење простории за потребите на дипломатските претставништва со други држави. Вакви договори Србија има со Македонија и со Унгарија. Меѓу Србија и Македонија имаше обид за користење заеднички простории во две држави, но се јавија некои административни тешкотии во државите домаќини, објаснуваат од Министерството за надворешни работи на Србија, за „Ал џезира“.
Србија има склучено договори со Црна Гора и со Босна и Херцеговина за заемно застапување во давање конзуларна заштита и услуги во трети земји. Србија ги застапува државјаните на БиХ во 18 земји. Српските претставништва ги застапуваат и државјаните на Црна Гора во 40 земји во светот. БиХ ја застапува Србија во три држави во делот на конзуларните услуги.

– Потребна е поголема доверба меѓу поранешните југословенски држави. Интересите се менуваат, но со малку поголема волја и разум, можно е во неколку земји да се направи договор за заедничко претставување на конзуларните работи. Повеќе од ова е нереално, но треба да се работи некогаш некои посебни интереси на која било југословенска земја да ги брани некоја друга држава. Тоа ќе биде охрабрувачки знак дека сме влезени во период на доверба и стабилност во односите во регионот – вели Шоја, во разговорот за „Ал џезира“.