Националните армии во регионот располагаат со над 1.400 парчиња артилериско оружје, а воениот арсенал им се состои главно со модели од Студената војна. Најмногубројна артилерија има Романија, со 675 орудија, а по неа е Србија со 286 „топовски“ цевки, објави порталот „Балканска безбедносна мрежа“, повикувајќи се на податоци од „Милитари баланс“.
Според овие информации, главнината на артилериската моќ ја чинат 350 влечни хаубици со калибар 152 милиметри. Но во современи услови на војување тие се лесна цел за непријателската страна, бидејќи е потребно повеќе време да заземат позиција за гаѓање и за брза промена на локацијата. Од самодвижечка артилерија Романија поседува 40 руски орудија од типот „гвоздика“ со калибар 122, како и на домашна варијанта односно „модел 89“, кои се поставени на шасии на борбените возила за пешадија. Дострелот на проектилите е до 15 километри, што за сегашни услови се смета за недоволно.

Најсилно артилериско оружје со кое располага романската војска е повеќецевна лансирна ракета. Најмногу се од старите модели или 134 парчиња „АПР-40“ со дострел од 20 километри. Романија располага и со 54 нови повеќецевни лансирни ракети „ларом“ со дострел од 20 и 45 километри. Овие лансирни ракети во моментот се најмоќното оружје во оперативна употреба во земјите од регионот, пренесува „Политика“.
Србија е на второ место по бројноста на артилериското орудие. Располага со 286, но предноста на Србија во однос на Романија е што половината од нивниот арсенал е самоподвижно.

Најмногубројно артилериско оружје во војската на Србија е самоодната хаубица 2Ц1 „гвоздика“. Во употребна состојба се 67 орудија со кои може да се користат гранати со зголемен дострел од 22 километри. Посебна моќ се шест самоподвижни топ хаубици „нора Б-52“ со дострел поголем од 40 километри. Српската војска располага и со 60 самоподвижни повеќецевни лансери „М-77“ од типот „огањ“ со дострел од 22 и 40 километри. Србија има и повеќе артилериски парчиња, кои се влечени од камиони.

На трето место според опременоста на артилериските единица е Босна и Херцеговина, која има на располагање 124 парчиња, потоа Бугарија со 96 и Македонија со 86 „топовски“ цевки, која располага и со 17 повеќецевни ракетни лансери „град“ и „пламен“. Според порталот „Глобал фајр пауер“, кој ги ажурира податоците од државни и меѓународни организации, АРМ има 144 артилериски парчиња оружје, од топови, хаубици до базуки.
Хрватска е на дното на табелата и има релативно модерна артилерија, но располага со 67 парчиња. Албанија е единствена земја во регионот што не располага со артилерија. Земјите во регионот имаат различни модели на модернизација на воените сили, пренесува „Бета“.