Кина ја почна реализацијата на големи инфраструктурни проекти во Црна Гора

Кинескиот подем на Западен Балкан е длабоко вкоренет откако кинескиот претседател Си Џинпинг ја најави иницијативата „Појас и пат“ во 2013 година. Преку проектот за изграба на мостови во Хрватска, инвестициите во енергетскиот сектор во БиХ и развојот на 5Г мрежата во Србија, Пекинг го претвори Балканот во важна крстосница, во обидот за засилување на извозот во Европа и за олеснување на патот на директните странски инвестиции во Кина. Но, дипломатските и економските активности на Кина на Балканот не се во согласност со разбирање на комплексниот спој на етничко, политичко и историско наследство што го дефинира овој регион, па така би можеле да предизвикаат нестабилност во веќе кревкото подрачје, пишува „Нешнл интерест“.

– Засилените дипломатски и економски активности на Пекинг во регионот се дочекани со скептицизам во врска со прашањето дали Европската Унија може да заземе став кон кинеската стратегија. Балканот поради географската положба има голема стратешка вредност за кинеските краткорочни и долгорочни амбиции во Европа, па без заеднички став на ЕУ кон Кина може да се очекува дестабилизирачко присуство на Балканот. Забележливо е јасното присуство во Србија каде автократското политичко уредување претставува огледало на моделот на кинеската комунистичка партија. Во ваква ситуација доаѓа до политичко отуѓување на Босна која се наоѓа во средиштето на политичките и етничките тензии во регионот – се заклучува во анализата на „Нешнл интерест“.

Од друга страна може да се каже дека кинеската платформа „Појас и пат“ нуди атрактивна алтернатива за државите кои губат надеж дека ќе се приклучат на европскиот блок, додека се јавува сомнеж за посветеноста на Брисел по одлуката на Европската унија да го одложи доделувањето на датумот за преговори за Македонија и за Албанија, пишува „Политико“.

Кина беше позната по евтината облека и колоритните пластични производи, но во Црна Гора, моментно, е повеќе позната по градежните проекти, откако ја почна изградбата на мост висок 200 метри и долг еден километар, над реката Морача.

Кина пристигна во Црна Гора и на Балканот со куфери полни со пари, што е спротивно на практиката на Западот и неговата традиција на мешање во локалната политика, а од неодамна, преку ЕУ, и на бројни ветувања што не ги исполнува. Се стекнува впечаток дека граѓаните на Балканот се проевропски определени, но оти им здодеа од однесувањето на ЕУ. Не е ниту важно кој е виновен. Луѓето се чувствуваат запоставени и разочарани. По распадот на СФР Југославија имаше грозоморно насилство и економско уништување, но потоа се јави надеж. А сега има само стагнација.

Поради отсуството на ЕУ во регионот, Пекинг моментно дејствува во своевиден вакуум, нудејќи примамлива понуда – финансирање без условување кое е засновано врз взаемна почит. За разлика од Брисел, Пекинг не поставува политички услови. Приоритет за Пекинг е развојот, а на Балканот нуди изградба на национални проекти кои ЕУ не сака да ги „допре“ – фабрики во БиХ и во Србија и автопат во Црна Гора. 

– Извесно е дека Кина не може да пружи алтернатива за интеграцијата во ЕУ. Но присуството на Пекинг во регионот е ново, а Кина е богата и нуди оптимизам и надеж – наведува „Политико“.