Фото: Маја Јаневска-Илиева

Балканот во наредните години, поради недостигот од домашна работна сила, може да очекува бран на странски работници, пред сѐ од Индија, кои би биле ангажирани во градежниот сектор, а со истиот предизвик се соочуваат и во другите земји од регионот

Фирмите од Балканот, особено земјите од Западен Балкан се соочуваат со сериозен недостиг од домашни работници, кои масовно заминуваат во западните земји за повисоки плати. Со овој проблем се соочуваат и земјите што се членки на Европската Унија, како што се Хрватска и Бугарија, кои се обидуваат недостигот од работници да го пополнат од соседните земји. Србија во наредните години, поради недостигот од домашна работна сила, може да очекува бран на странски работници, пред сѐ од Индија, кои би биле ангажирани во градежниот сектор, каде што се чувствува голем недостиг од домашен квалификуван кадар. Според Саша Торлаковиќ, претседател на Синдикатот за работници во градежништвото и индустријата за градежни материјали, странските работници би можеле да бидат ангажирани и во српските фирми за производство на делови за автомобилската индустрија.
– Масовниот прилив на индиски работници делумно е забавен поради пандемијата на коронавирусот, но во иднина може да се очекува да дојдат во поголем број во Србија, во групи од по 500 луѓе. Лани во Србија се регистрирани околу 12.000 странски работници, а се проценува дека оваа бројка е надмината за 50 отсто. Освен од Индија, работници доаѓаат и од Кина, Турција, Романија, Црна Гора, БиХ, Македонија, Албанија, Русија, Украина… – изјави Торлаковиќ за „Бета“.
Странските работници се ангажирани, главно, од компании што работат на изградбата на сообраќајните коридори во Србија. Нивната плата изнесува до 300 долари, што за индискиот стандард е висок износ, додека оваа сума за домашните работници е прениска. Просечната месечна заработувачка во градежништвото е 51.000 динари, а во Германија градежните работници заработуваат многу повеќе од српскиот просек.

Поради ангажирањето странски работници на црно, српските инспекциски органи вршат редовно контроли на градилиштата во земјата. Во првите четири месеци од годинава биле регистрирани 3.197 работници од Кина, од нив шестмина немале работни дозволи, како и 584 турски работници, од кои 385 биле ангажирани на црно. На градилиште во Нови Сад биле затекнати 1.000 државјани од Романија, сите без работни дозволи, а на Коридорот 11 и брзата пруга Белград – Суботица биле откриени сто работници од Индија, од кои неколкумина имале дозволи за работа, објави „Данас“.
Властите во Хрватска пред пандемијата издаваа над 25 илјади работни дозволи за странски работници, кои се ангажираа претежно како сезонски работници во туристичкиот и угостителскиот сектор. Годинава бројот на издадени работни дозволи е преполовен на 12.456, но со тенденција за зголемување на побарувачката за сезонски работници. Од Хрватската стопанска комора проценуваат дека зголемена потреба од странци ќе има во градежништвото, поради обновување на разурнатите објекти од земјотресите во Загреб и Петриња.
Во Хрватска има континуиран недостиг од квалификувани келнери, готвачи, продавачи, хигиеничари, ѕидари, медицински сестри, возачи и бравари. Во Хрватскиот завод за вработување постојано има огласи за вработување лица со овие занимања. Во време на туристичката сезона, овој недостиг во минатите години се покриваше со увоз на работна сила. Владата го олесни пристапот на странски работници во случаи кога фирмите не можат да најдат соодветен домашен кадар.

Под либерален режим на вработување се ставени 42 занимања што недостигаат во Хрватска.
– Ние немаме работници фасадери, а во тек е постапката за енергетската ефикасност на објектите. Градежништвото бара квалитетно мајсторско знаење, а кај нас училиштата не образоваат квалификувани работници – вели Мирко Хабијанец, претставник од градежниот сектор во Хрватска, за порталот Фактограф.хр.