Фото: Маја Јаневска-Илиева

Како резултат на глобалното затоплување

Пеколни летни температури, кои во некои денови достигнуваа над 40 степени и локални поројни дождови го зафатија Балканскиот Регион. Невремето од Западна Европа, кое предизвика поплави и одрони на земјиштето и однесе многу човечки животи, се сели во јужните делови на континентот. Делови од Хрватска, Босна и Србија во текот на викендот беа зафатени со поројни дождови, кои за кратко предизвикаа излевање на реките и поплавување на сообраќајници. Ваквата временска прогноза, со нагли осцилации во падот на температурите, проследени со обилни врнежи и град, ќе биде сѐ почеста во Европа и на Балканот. Експертите предупредуваат дека тоа е последица на глобалното затоплување на планетата, кое предизвикува нестабилно време во текот на летниот период.
Последните денови, Балканот беше зафатен со високи температури на воздухот, кои беа над вообичаениот просек за ова време, регистрирани во последните години. Метеоролозите во Србија објавија дека во претходниот месец во земјата бил надминат рекордот стар 100 години. Односно во Белград биле измерени 38,7 степени Целзиусови. Досега најтоплиот ден во јуни во главниот град на Србија беше 18 јуни 1918 година со 38 степени. Натпросечни температури летово се измерени и во други градови од земјите од Западен Балкан. Од нив со високи температура се издвојува Мостар, но и во Македонија овој месец беа забележани дневни температури околу 40 степен.

– Ефектите на глобалното затоплување се помалку видливи во Југоисточна Европа, во кои припаѓа и Западен Балкан – вели Владимир Ѓурѓевиќ, климатолог и вонреден професор на Факултетот за физика во Белград, за Радио Слободна Европа.
Советот за регионална соработка, составен од 45 земји, организации и меѓународни финансиски институции, објави Студија за климатските промени на Западен Балкан во која се предвидува годишен пораст на температурата од 1,7 степен до средината на овој век. Извештајот на мрежата на невладините организации со седиште во Прага, „Банквотч“, кој е претставен во 2019 година во Европскиот парламент, предупредува на постоењето на високи емисии на сулфур диоксид од термоцентралите на јаглен во Србија, Косово, Босна и Херцеговина и Македонија. Нивните вредности биле за шест пати повисоки од тие што се дозволени во Националните планови за намалување на емисијата, кои земјите ги доставија до Секретаријатот на Енергетската заедница со седиште во Брисел, пишува РСЕ.
Ѓурѓевиќ наведува дека регионот на Западен Балкан заостанува зад Европа во спроведувањето на мерите за намалување на емисијата на стакленичките гасови. Но се очекува промена на состојбата по потпишувањето на декларацијата за зелена агенда во Софија во ноември 2020 година. Со оваа декларација, земјите од регионот се обврзаа на воведување оданочување на емисијата на гасовите со ефект на стаклена градина, на зголемување на учеството на обновливи извори на енергија и целосното укинување на субвенциите за јаглен. Зелената агенда е содржана во Европскиот зелен план, кој содржи мерки како ЕУ да стане климатски неутрална до 2050 година.
Рекордно високите температури во јуни во светот се потврда на предупредувањата на експертите дека на планетата ѝ се заканува глобално затоплување, кое може да доведе до зголемување на температурата од два степени Целзиусови. Топлотниот бран во Канада однесе десетици човечки животи, поради енормните температури од 46,6 степени во Британска Колумбија. Со ова е соборен рекордот за оваа област од 1937 година, кога биле измерени 45 степени. Во сојузната држава Орегон, во западниот дел на САД, биле измерени температури над 40 степени. Светската метеоролошка организација (СМО) соопшти дека во 2020 година температурите на Арктикот растат двапати побрзо од глобалниот просек.

– Планетата денеска во просек е потопла за еден степен во споредба со крајот на 19 век. Во последните сто години, интензивно се користат фосилните горива за производство на електрична енергија. Со нивното согорување се емитува големо количество јаглерод диоксид во атмосферата и таму останува речиси засекогаш, неколку илјади години. Иако ова лето ни е топло, ние можеме да очекуваме летата да бидат уште потопли – вели климатологот Владимир Ѓурѓевиќ.
Во нацрт-извештајот на Меѓудржавниот панел за климатски промени (ИПЦЦ) се наведува дека 80 милиони луѓе ќе бидат во поголем ризик од глад до 2050 година. Екстремните жештини можат да загрозат 420 милиони луѓе на Земјата, предупредуваат експертите на ИПЦЦ. Со Парискиот договор за климата, кој е потпишан од сите држави во 2015 година, целта е да се задржи растот на глобалната температура под два степени Целзиусови, а доколку е можно на максималните 1,5 степен, за да се спречат најлошите последици од климатските промени, а тоа е трајно да се загрози производството на храна во некои делови од светот, пренесува Радио Слободна Европа.