Во Србија има зголемување на бројот на новозаразени и се најавуваат нови мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, Хрватска вчера ја симна забраната за работа на некои дејности, додека Црна Гора и Грција воведуваат построги мерки во „црвените“ зони

Надолниот тренд на заболени лица од ковид-19 и почетокот на вакцинацијата придонесе за предвремено олабавување на мерките во земјите од регионот, наспроти предупредувањата на епидемиолозите дека постои опасност од нов бран на ширење на коронавирусот. Во изминатата недела секоја земја поединечно носеше мерки, што само дополнително ја поттикна неизвесноста кај луѓето за присутноста на болеста меѓу населението. Хрватска отстрани некои од забраните за работата на стопанските субјекти. Истото тоа го стори и Косово, додека Црна Гора и Грција го продолжија карантинот во најризичните градови и области. Србија од следната недела најави заострување на режимот на работа на угостителските објекти и хотели, додека во Македонија се продолжува со вообичаениот режим на работа.
Доколку бројот на новозаразените лица продолжи да расте, медицинскиот дел од Кризниот штаб на Србија следната недела ќе побара да се заострат епидемиолошките мерки. Конкретниот предлог ќе биде целосно и привремено затворање на угостителските објекти, вклучувајќи ги и рестораните во хотелите, дознава „Новости“.
Во Србија има зголемување на бројот на новозаразени, но нивниот број е за четири пати помал во споредба со најкритичниот период од појавата на епидемијата. Но српските епидемиолози сметаат дека здравствената состојба во моментот не е добра и се движи кон влошување. Овој заклучок е направен врз основа на два критериума – зголемен број на заразени и голем број на хоспитализирани лица.
Како најризични места за ширење на заразата во овој период се детектирани полните хотели во змиските центри и угостителските објекти низ целата земја, кои го почитуваат ограниченото работно време, но не и препораките што се однесуваат за дозволениот број гости, според површината на објектот.

Мијомир Пелемиш и Срѓа Јанковиќ, епидемиолозите и членови на Кризниот штаб, предупредуваат дека Србија сѐ уште е далеку од прагот што би спречил натамошно ширење на вирусот меѓу населението.
– Клучно е да се спречи групирањето на места каде што вирусот е најприсутен. Бројот на хоспитализирани се зголеми на 4.183 лица. Вирусот е пронајден кај 2.000 граѓани, а имаше и 15 смртни случаи на ден. Бројот на пациенти приклучени на респиратори се зголеми на 141. Ова покажува дека епидемиолошката состојба е нестабилна – изјави Јанковиќ за „Новости“.
Во Хрватска се забележани повеќе случаи со британскиот вирус што е попренослив, сепак од здравствените власти се одлучија за благо попуштање на мерките, поради сѐ поголемите притисоци на хрватските угостители. Од понеделник повторно ќе може да се продава кафе за носење, како и да се отворат салоните за вежбање и фитнес-центрите. Меѓу предложените мерки се и дозвола за следење часови по странски јазици за децата и да се отворат игротеките, обложувачниците и казината, најави хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.
Жаклина Троскот од Независното здружение на угостители, во врска со новите мерки, изјави дека тие имаат повеќе психолошки отколку финансиски ефект.
– Со дозволата за продавање кафе, само се исправа неправдата кон угостителите, кои не можеа да го прават тоа како и бензинските пумпи и киосците – изјави Троскот за „Хина“.

Црна Гора ги засилува мерките заради превенција од ширење на коронавирусот. Дополнителен режим се воведува за општините Будва и Тиват, каде што епидемиолошката состојба е особено тешка. Во овие градови се забранува работа на угостителските објекти во трговијата со непрехранбени производи, трговските и фитнес-центрите, салоните за рекреација и забава, а се забранети сите собирања на отворен и на затворен простор. Учениците во овие градови преминуваат на онлајн настава. Во целата земја во сила се забраните за излегување во објектите од 21 до пет часот наутро и се забранува меѓуградскиот сообраќај во текот на викендите до понеделник во пет часот наутро. Работното време на трговските објекти е ограничено од седум до 18 часот.
Во предизборната кампања за парламентарните избори во Косово ниедна од политичките партии не ги почитуваше ограничувањата за собирање на граѓаните на отворен и на затворен простор. Завчера косовската влада донесе одлука за олеснување на антиковид-мерките за своите граѓани со целосно отстранување на полицискиот час и во црвените зони. Предвидено е и продолжување на работното време за економските субјекти во црвената зона, до 22 часот. Беше одлучено студентите да се вратат на предавањата на универзитетот, со што ќе се прекине наставата преку интернет. Ова предизвика реакции од здравствените работници, кои ги повикаа Националниот институт за јавно здравје и експертите за здравство да се дистанцираат од скандалозните и „самоубиствени“ политички акции.

Микробиологот Лул Рака изјави дека за оваа одлука, актуелната влада воопшто не се консултирала со советодавниот одбор. Тој е против олабавување на мерките во овој момент, велејќи дека олеснувањето на мерките ќе придонесе за ширење на вирусот.
Вчера во областа Атика и поширокиот регион на Атина е воведен строг карантин, а оваа мерка пред два дена ја најави премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис. Целосно се затворени продавниците, фризерските и салоните за убавина. Се укинува и системот за нарачки и подигнување на производите во закажан термин. Училиштата се враќаат на онлајн настава, а градинките ќе бидат затворени. Полицискиот час сè уште е во сила од 21 до шест часот од понеделник до петок, а за време на викендот од 18 часот граѓаните можат да се движат само со претходно испратен СМС.