Фото: Маја Јаневска-Илиева

Прашањето за ограничување на патувањата преку воведување „зелени пасоши“ од државите од Европската Унија за вакцинираните граѓани од трети земји е особено актуелно за земјите од Западен Балкан, кои сѐ уште доцнат со процесот на вакцинација

Поради недоволниот број вакцинирани лица, земјите од Западен Балкан може да се најдат под нов „визен“ режим што се подготвува од Европската Унија. Дванаесет членки на Унијата постигнале договор за критериумите за издавање т.н. зелен пасош, кој во периодот на пандемијата ќе го олесни протокот на туристите. Во оваа група земји се: Грција, Хрватска, Австрија, Кипар, Данска, Франција, Германија, Италија, Малта, Португалија, Шпанија и Словенија, кои уште кон крајот на март договорија седум критериуми за ковид-пасошите, кои би требало да почнат да се применуваат најдоцна во почетокот на јуни. Ковид-пасошот преку кјуар-кодот веднаш ќе дава информации дали лицето е вакцинирано, дали има негативен ПЦР-тест или ја прележало болеста. Со тоа ќе се овозможи негова едноставна примена во целата Европска Унија.
– Нашата цел е издавањето зелен пасош да се применува во единствен облик на ниво на ЕУ. Ова е прашање на опстанок на европскиот туризам – изјави австриската министерка за туризам Елизабет Коестингер.
Следната цел е усогласување на примената на зелениот пасош со трети земји. Листата со критериумите е предадена на контрола кај Европската комисија, а за да станат ефективни, мора да бидат одобрени во Европскиот парламент и државите-членки, пренесе „Хина“.
Најавата за воведување ковид-пасоши, според Зекеријах Смајиќ, долгогодишен дописник од Брисел и експерт за европските политики и процесот за проширување на ЕУ, претставува „загрижувачка појава, која ја има наклонетоста на лидерите и челниците на заедничките институции кон кршење на меѓународните норми“.

– Сигурно и слободно движење на граѓаните од државите-членки внатре во ЕУ подразбира шовинистички однос кон сите други граѓани на Европа и светот, вклучувајќи ги и граѓаните од земјите со статус на кандидати, потенцијални кандидати или други претенденти за членство или за блиска соработка со Унијата. Вистина е дека ЕУ најавува да се понуди можност за проширување на сопствениот механизам на дигитална зелена потврда и на други компатибилни потврди издадени во трети земји, но сѐ додека ветената „можност“ не биде на дело, на одлуките на официјален Брисел мора да се гледа низ призмата на горчливото сознание за европскиот нарцизам – напиша Смајиќ во авторскиот текст објавен на „Ал џезира“.
Европската комисија кон крајот на јануари годинава арогантно се оглуши за Резолуција на Советот на Европа на слободниот избор на вакцина. Подоцна ја игнорираше и сличната препорака на генералниот секретар на Обединетите нации, а потоа и Светската здравствена организација за вонредни состојби неодамна категорично се изјасни против воведување каков било документ за вакцинација. Прашањето за ограничување на патувањата од трети земји во државите од Европската Унија е особено актуелно за земјите од Западен Балкан, кои сѐ уште доцнат со процесот на вакцинација. Една од најголемите причини за тоа, секако, беа и „ограничувањата“ на ЕУ што неформално ги наметна и кон надворешните држави, кои беа спречени да набават вакцини од други производители од Русија и од Кина.

Земјите од Западен Балкан првите дози вакцини против коронавирусот преку системот „Ковакс“ ги добија во средината на март. Во Македонија на 28 март годинава пристигнаа 24.000 дози вакцини од производителот „Астра Зенека“. Исто количество вакцини беа испорачани и во Црна Гора. Босна и Херцеговина доби 26.400 дози вакцини од „Астра Зенека“, како и 23.400 вакцини од „Бионтек/Фајзер“. Се очекува на 22 или 23 април да пристигнат 81.600 дози вакцини од „Астра Зенека“. Косово доби 24.000 дози од „Астра Зенека“, а до јуни во рамките на програмата треба да добие вкупно 100.800 дози вакцини, објави „Дојче веле“.
Досега вакцинацијата во земјите од нашето поблиско опкружување се одвиваше благодарение на донациите што се добија пред сѐ од Србија, со што и почна процесот на вакцинацијата на населението. Се чини најкритично со вакцинацијата е во Босна и Херцеговина. БиХ е прва во регионот и осма во светот по бројот на починати од коронавирусот. Населението се пријавува за вакцинирање, иако моменталните количества на вакцини не се доволни ни за приоритетните категории. Во исчекување поголеми количества на веќе платените вакцини по пат на механизмот „Ковакс“, во БиХ и натаму пристигнуваат донации, главно од Исток, по српските (5.000 дози) и словенечките (4.800 дози) донации, Турција испрати 30.000 дози, додека Кина и Малезија најавија донации од по 50.000 дози.
Албанија ќе добие нова пратка од 7.020 дози вакцини од „Фајзер“. Досега се вакцинирани над 185 илјади постари лица, или вкупно повеќе од 260.000, здравствени и просветни работници, вработени во градинки, новинари, полициски службеници, припадници на армијата и на националната гарда.

На Македонија за вториот квартал од годинава ќе ѝ следуваат вакцини против ковид-19 на „Фајзер/Бионтек“, откако во првиот квартал на земјава ѝ беа распределени вакцини од „Астра Зенека“.
И покрај доцнењата со доставата на вакцините преку механизмот „Ковакс“, кои се појавија на почетокот од годинава, Македонија на 28 март годинава доби 24.000 дози од вакцината на „Астра Зенека“, со која во моментов се вакцинира населението постаро од 77 години. До крајот на април, преку овој механизам се очекува да пристигнат и преостанатите околу 76.000 дози од вакцината на „Астра Зенека“, кои ѝ следуваат на земјава преку Глобалниот сојуз за вакцини и имунизација (ГАВИ). Има најави и за добивање вакцини од други производители.
Вицепремиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, најави дека на крајот на април ќе почне масовната вакцинација, чија цел е да се имунизираат граѓаните, пред сѐ угостителите и туристичките работници, за подобро да се подготват за летната туристичка сезона.