Дождовите ја исфрлаат на површина ниската еколошка свест во земјите од Западен Балкан / Фото: Маја Јаневска-Илиева

По секој обилен дожд, со поплавите од реките и водотеците се носи и огромно количество амбалажа и друг материјал што поради неефикасниот систем за третирање на комуналниот отпад се таложи на дното од езерата или по крајбрежните места

Телевизиските прилози за пловечката депонија во водите на вештачкото езеро на хидроцентралата „Потпеч“ го исфрли на површина проблемот со неуспешните системи во сите земји на Западен Балкан за управување со комунален отпад, што претставува сериозна закана за животната средина и за јавното здравје на луѓето. Обилните дождови во јануари предизвикаа поплави што го зафатија ѓубрето од патиштата и од другите диви депонии во овој регион. Милиони пластични шишиња, остатоци од дрвена амбалажа и друг отпаден материјал пливаа и постојано пливаат низ балканските реки, кои по секои обилни врнежи ги исфрлаат на земјата од речните корита и со тоа го „искажуваат“ целиот срам од ниската еколошка свест на граѓаните, но и неефикасноста на институциите да воспостават траен систем за управување со комуналниот и секаков вид друг отпад.
Приказната за еколошката катастрофа на езерото Потпеч, кое е дел од реката Лим што се слева од Црна Гора, беше тема на репортажата на Франс 24, која се осврна на проблемот на пловечкиот остров со отпад што се таложи и распаѓа на дното од езерото Потпеч. Непријатниот мирис од распаднато ѓубре со години е присутен во околината на езерото.

– Многу е грдо. Имам седум деца и тажен сум што не можам да ги однесам на риболов или да дојдам овде налето на плажа – изјави Миломир Мијовиќ, 34-годишник, кој живее во близината на браната.
Расчистувањето на ваквите купишта од ѓубре стана редовна активност за операторите на хидроакумулациите на Балканот.
– Не можеме да го решиме овој проблем, можеме само да го санираме – го собираме ѓубрето што општините го оставаат на бреговите – вели Томислав Поповиќ, кој работи во електроцентралата на реката Дрина.
Во целиот регион нема ефективното управување со отпад за што се одвојуваат ниски буџети во општините, чии комунални претпријатија работат со застарена опрема и инфраструктура. Рециклирањето на отпадот е ниско во земјите од регионот, во кои се шират дивите депонии покрај руралните патишта и на периферијата на градовите. Статистиката за рециклирање на комуналниот отпад во Србија е поразителна. Во 2016 година преработката на отпадот учествувал со три отсто, за поголемиот дел завршил на депониите, се наведува во извештаите на „Балкан грин енерџи њуз“. Србија сериозно заостанува зад земјите од Централна и од Источна Европа во сите фази од собирање, фрлање и преработка на комуналниот отпад. Во оваа земја недостига и развиен систем на контрола и третман на индустрискиот отпад, а има примери и кога потенцијални опасни материи неконтролирано се закопуваат во земја. Слаби точки има и во управувањето со другите видови отпад, како што се амбалажата, медицинскиот и градежниот отпад.

– Во депониите низ земјата тешките метали и другите опасни материи се испуштаат директно во животната средина и со тоа се загадуваат водата и воздухот. Властите продолжуваат проблемите со управувањето со отпадот да ги ставаат под тепих. Оние што се на власт само се надеваат дека проблемите нема да се појават за време на нивниот мандат и, на долг рок, не сметаат дека е во нивен интерес да се занимаваат со ова прашање – вели Игор Јездимировиќ, кој ги предводи српските невладини организации за заштита на животната средина.
Со несоодветно третирање на отпадот се соочува и Македонија, а речните корита се преплавени од разни пластични предмети, стар домашен мебел, електрични апарати… Нелегалните депонии го опкружуваат и главниот град Скопје. Во областа Вардариште, некогашната официјалната градска депонија што беше затворена пред 26 години, редовно се фрлаат домашен отпад и шут од несовесните граѓани, се посочува во репортажата прикажана на АФП.
Ситуацијата е слично тешка и во Косово, каде што само половина од 1,8 милион жители се опфатени со услуги за собирање отпад. Неодамнешниот владин извештај од 2017 до 2019 година, покажа дека ситуацијата се влошува, со зголемување на бројот на диви депонии за 60 проценти.

Фото: Игор Бансколиев

Неофицијалните процени за Босна и Херцеговина покажуваат дека земјата е на дното од процентуалното учество на рециклираниот отпад, кој се движи меѓу пет и седум отсто. Не постојат официјални податоци за преработка на амбалажите, бидејќи овие податоци не се објавуваат од ентитетските министерства за заштита на околината, објави Радио Слободна Европа. БиХ не располага со развиен систем за собирање на комуналниот отпад, а недостигаат и санитарни депонии. Во земјата има многу диви депонии, а дел ѓубрето се фрла и во природата. Од компаниите што се занимаваат со третман на отпадот изјавуваат дека процентот на рециклирање на амбалажа, пластика, хартија и друг корисен материјал е околу 10 отсто.
Во земјите од Европската Унија последните неколку години се рециклираат околу 40 отсто од амбалажниот отпад, а до 2030 година сета пластична амбалажа треба да биде приспособена за рециклирање, се наведува во извештаите на Европскиот парламент.