Протестите во Белград се прв помасовен израз на незадоволство на граѓаните од почнувањето на пандемијата на балканските простори. Во слична состојба се наоѓаат и другите земји од Западен Балкан, во кои исто така има најави за воведување поостри мерки против ширењето на епидемијата, што ќе значи и продолжување на економската неизвесност на многу граѓани

Најмалку 43 полицајци се повредени, а 23 лица се уапсени, пет полициски возила се запалени, а повредени се и три коњи. Ова е билансот на „штетите“ по завчерашните немири во Белград, кога поголема група демонстранти влегоа во зградата на Собранието на Србија, поради најавите на претседателот на Србија Александар Вучиќ дека овој викенд во главниот град повторно ќе биде воведен полициски час поради влошената епидемиолошка ситуација. Полицијата, која употреби и хемиски средства за растерување на насобраните лица, по кратко време успеа да ги отстрани од собраниската зграда. Околу два часот по полноќ, полицијата успеа да ги потисне демонстрантите од платото пред српскиот парламент и од околните улици.

– Го осудуваме вандализмот на политичарите што стојат зад насилниот упад во парламентот, во моментите кога земјата се соочува со најсилниот удар на коронавирусот. Откако не успеаја да влезат во парламент преку изборите, тие повторно го покажаа своето вистинско насилничко лице – изјави премиерката Ана Брнабиќ.
Светските агенции ја пренесоа информацијата за протестите во Белград, кои се случуваат една недела по одржувањето на парламентарните избори во Србија. Демонстрантите извикувале „Оставка, оставка…“, а на неколку места во Белград полицијата се судрила со демонстрантите, кои им припаѓаат на крајни десни групи. Протести имало и пред зградата на Радио-телевизија Србија, која опозицијата ја обвинува за пристрасно информирање во корист на власта пред изборите и за време на епидемијата, пренесе АП.

„Ројтерс“ во своите извештаи се потпира на изјавите на епидемиолозите и на докторите, кои предупредуваат дека болниците се полни со пациенти, а противниците ја обвинуваат Владата за порастот на бројот на случаите со коронавирус и дека граѓаните не треба да ја плаќаат на цената на уште еден полициски час.
Протестите во Белград се прв помасовен израз на незадоволство на граѓаните од почнувањето на пандемијата на балканските простори. Србија подолг период се соочува со нарушени политички односи меѓу власта и опозицијата, што дополнително се влоши и со нарушување на здравствената состојба во земјата, поради високиот скок на новозаразени лица по одржувањето на изборите и олабавувањето на рестриктивните мерки. Во наредните месеци не се исклучува можноста тензиите во земјата да добијат и економско-социјален карактер, поради последиците од намалената економска активност и сѐ поголемата егзистенцијална неизвесност со која ќе се соочат некои од граѓаните.

– Протестите во Белград беа директна последица на арогантната и театрална конференција за печат, на најавата за враќање на полицискиот час и кога се испорача нов бран на пренесување на вината за пандемијата на сметка на граѓаните. Причината е што државата, очигледно, нема никаква контрола над пандемијата и сега се занимава со контрола на штетата, која е направена со одлуките на извршната власт и кризниот штаб. Мерките што се носеа и повлекуваа покажаа дека главниот мотив беше краткорочна политичка корист, а не здравјето и животот на граѓаните – изјави Дарио Хајриќ, социолог од Белград, во авторски текст за „Дојче веле“.
Во слична состојба се наоѓаат и другите земји од Западен Балкан, во кои исто така има најави за воведување поостри мерки против ширењето на епидемијата, што ќе значи и продолжување на економската неизвесност за голем број фирми од приватниот сектор.

Прогнозите за балканските земји за втората половина од годината не се оптимистички, од причина што тие се блиску и економски поврзани со Европската Унија, која ќе го доживее најтешкиот пат од Втората светска војна. Европскиот комесар задолжен за економија Паоло Џентилони ја пренесува прогнозата на економската комисија, дека реалниот глобален пад на БДП надвор од ЕУ ќе биде поголем од три проценти, додека вториот ќе биде многу потежок на глобално ниво, затоа што повеќето земји тогаш ги затворија државните граници. За Германија, падот на БДП за годинава се проценува да изнесува 6,3 отсто.
На почетокот на пандемијата експертите на Советодавната група за јавни политики на Балкан во Европа ширењето на коронавирусот го идентификуваа како критична точка, а кризата што ќе произлезе од неа може трајно да ги потресе институциите и општествата.

Во анализата на БИЕПАГ за Западен Балкан се посочува на предизвиците со кои националните влади се соочуваат во периодот на пандемијата. Студијата ги проучува влијанијата на сите критични области, како што се: улогата на државата. демократијата и заробената држава, геополитичките промени, новиот национализам, социјалната отпорност, влијанието на животната средина, миграцијата и здравствената заштита, социјалната сигурност и, секако, економските последици. Поради ранливоста на балканските општества, експертите предлагаат внимателно комбинирање на краткорочните и долгорочните мерки за да се спречи пандемијата да се претвори во трајна катастрофа за Западен Балкан. Кризата исфрли на површина многу структурни слабости во регионот, од слаби здравствени системи, ниско ниво на доверба во државата до слаби економии и заробени држави.

Поради тоа, неопходно е во плановите на Европската Унија за обновата на европските економии да се вклучат и земјите од регионот, без разлика на статусот на преговори за придружување во ЕУ. Целосното вклучување на регионот е од суштинско значење за надминување на посткризните и социјалните последици и геополитичките поместувања.
Податоците за економските последици од епидемијата за сите земји од Западен Балкан покажуваат зголемување на невработеноста и намалување на месечните приходи за лицата што работат во услужниот и транспортниот сектор, поради намалениот број потрошувачи. Сите влади донесоа краткорочни мерки за спречување на првиот бран на отпуштања, од воведувањето целосен карантин. Но за државите најголемиот предизвик доаѓаат во есенските месеци, со почетокот на грејната сезона, а тоа е периодот кога вообичаено расте и социјалното незадоволство кај населението, поради порастот на трошоците за живот.