Надежите и очекувањата за побрзо интегрирање на регионот во евроатлантските процеси почнуваат да се топат и кај граѓаните на Балканот растат незадоволството и скептицизмот кон институциите на Европската Унија. Последните воопштени формулации за некоја „европска перспектива на Балканот“, кои ќе бидат испратени од денешниот самит ЕУ – Западен Балкан, тешко ќе можат да бидат оправдани од националните државни водства, кои по сѐ изгледа ќе бидат принудени да бараат нови алтернативи

По двомесечниот карантин поради пандемијата на коронавирусот, граѓаните на Западен Балкан, а особено нивните политички лидери, ќе треба да се соочат со реалната состојба во кои се наоѓаат. Пораките што доаѓаат од западноевропските институции, а кои се однесуваат за демократската и економската слика на земјите од регионот, не се пријатни. Само неделава од два независна извора пристигнуваат извештаи и документи, во кои се даваат мошне неповолни оцени за демократските процеси и економските состојби во земјите од нашето поблиско опкружување.

Надежите и очекувањата за побрзо интегрирање на регионот во евроатлантските процеси почнуваат да се топат и кај граѓаните растат незадоволството и скептицизмот кон институциите на Европската Унија. Последните воопштени формулации за некоја идна „европска перспектива на Балканот“, кои ќе бидат испратени од денешниот самит ЕУ – Западен Балкан, тешко ќе можат да бидат оправдани од националните државни водства, кои по сѐ изгледа ќе бидат принудени да бараат нови алтернативи во нови регионални интеграции или кон приближување во односите со други светски велесили. Се чини, најоштетена во новото одложување за почеток на преговорите за зачленување во ЕУ ќе биде Македонија, која досега направи значителни отстапки од својот досегашен државен и национален идентитет.

Притисок на медиумите и целосно поткопување на правосудството, кои се одлика на автократските општества, и постоење декларирана демократија е заклучокот на годинашниот индекс на трансформација, кој го објавува фондацијата „Берстелсман“, која ги следи демократијата, пазарната економија и владеењето на правото во земјите во транзиција, а тие се однесуваат и за земјите од Југоисточна Европа. Во извештајот, за кој информира и „Дојче веле“, повеќето земји од регионот што се споменуваат како Западен Балкан, се наоѓаат во категориите „дефектни“ и „изразито дефектни“ демократии, а во последната категорија се наоѓа единствено Босна и Херцеговина.
Сабина Донер, која е една од авторите на извештајот за истокот и за југоистокот на Европа, во разговорот за ДВ, вели дека причините за намалувањето на индексот за БиХ се скриени во самата структура на земјата, но во последните две години се зголемила напнатоста на етнонационално ниво, што го отежнува донесувањето на одлуките на федерално ниво.

Како најголем губитник во споредувањето со последното истражување од пред две години се наведува Србија, во која е забележан „растечки притисок на медиумите и слободата на мислењето“. Во извештајот на фондацијата „Берстелсман“ се наведува дека претседателот на државата Александар Вучиќ во неколку пригоди влијаел на донесување на одлуките со што ги поткопува државноправниот поредок и системот на поделба на власта. Србија забележала и значаен пад во секторот на економска трансформација.
Во сите земји од Југоисточна Европа корупцијата сѐ уште е константна и еден од најголемите пречки за развој на демократијата. На ова не е имуна и Хрватска, која е земја-членка на Европската Унија, а како пример за слабостите на правосудниот систем во оваа земја се споменуваат и случаите за градоначалникот на Загреб Милан Бандиќ.

Оцените за политичките и за економските околности во земјите од Западен Балкан битно не се разликуваат и ни малку не се поповолни и во заклучоците што се содржани во нацрт-декларацијата од Загреб, која треба да биде усвоена на самитот ЕУ – Западен Балкан на денешната видеоконференција во главниот град на Хрватска, која претседава со ЕУ. Во текстот на овој документ не се споменуваат „проширување“, „членство“ или „интеграција во ЕУ“. Постои само неодредена реченица за „европска перспектива“ и посилна врска, пишува загрепскиот весник „Јутарњи лист“, кој имаше увид во документот, пренесува Радио Слободна Европа.
Со тоа, како што се додава, оваа декларација ќе понуди уште помалку од конечниот документ од самитот од пред 20 години понуден на регионот.

Причината е инсистирањето на некои земји како Франција и Холандија, но до одреден степен и Германија, ова да не биде самит за проширување. Во текстот, според „Јутарњи лист“, не се споменува ниту најголемиот успех во процесот за време на претседателството на Хрватска во ЕУ – одлуката за отворање на преговорите за пристапување со Албанија и со Македонија. Но дипломатските видувања се дека е добро што се одржува овој собир и да се повтори поддршката за „европската перспектива“ на регионот. Официјален Загреб се надеваше на силна политичка порака со која би се одбележале 20 години од првиот самит на ЕУ во главниот град на Хрватска, но се чини од тоа нема да има ништо, пренесуваат медиумите во регионот.
Во пресрет на загрепскиот самит беше објавена и анализата за јавното мислење во Австрија, во кое мнозинството Австријци се воздржани за прашањето за проширување на ЕУ кон Западен Балкан и сметаат дека пред проширувањето на заедницата прво треба да се среди сопствениот двор. Граѓаните на Австрија сѐ поголема поддршка даваат за евентуален прием на Србија, додека само 26 отсто од нив би гласале за прием на Македонија во ЕУ.

– Западен Балкан е регион во нашата непосредна близина и затоа имаме најголем интерес тој да биде стабилен и државите во регионот да имаат европска перспектива – порача австрискиот канцелар Себастијан Курц, пред самиот на ЕУ, кој вети голема поддршка за земјите од регионот за совладување на кризата поради коронавирусот.
Како и да е, земјите од Балканот, а особено Македонија, повторно ќе треба да се задоволат со вообичаените дипломатски фрази што беа содржани и во претходните документи на Унијата за „недвосмислената поддршка за европската перспектива на Западен Балкан“, без јасна потврда за пораката за целосна интеграција во ЕУ.

Но затоа од лидерите на регионот се очекува да ги продолжат европските вредности и принципите и да ги спроведуваат неопходните реформи. Од ова ќе зависи и искористувањето на ветената финансиска помош од 3,3 милијарди евра, која ќе биде поврзана со „опиплив напредок во владеењето на законите, како и на испорачување солидни докази во борба против организираниот криминал и корупција“. Конечната цел треба да биде политичката и социоекономската трансформација на регионот, што е во најголем интерес за граѓаните на Западен Балкан.