Не е фер Германија да ги решава своите демографски проблеми и недостигот од работници со иселување на луѓето од сиромашните земји во Југоисточна Европа, предупредуваат експертите

Претприемачите, експертите и политичарите од Будимпешта до Атина се загрижени поради сѐ поголемиот број луѓе од Југоисточна Европа, кои заминуваат на работа во Германија, Италија и во Шпанија. Платите на работниците во домашните компании растат, но тоа е незначително. Цела Југоисточна Европа е погодена од одливот на млади и добро образовани лица, пишува германскиот весник „Берлинер цајтунг“.
Над два милиона Романци, според процените на Владата во Букурешт, живеат во странство, повеќето од нив се во Шпанија и во Италија. Сличен егзодус има и во соседните земји. Повеќе од 700.000 Бугари се иселиле во земјите во рамките на Европската Унија. Во Хрватска, според податоците на Националната банка во Загреб, само од 2013 до 2016 година заминале 230.000 граѓани во земјите од ЕУ. Тоа се два отсто од населението што се отселило во една година. Србија ја напуштиле 640.000 лица, во најголем дел млади лица, пишува германскиот весник „Берлинер цајтунг“.

Масовното иселување е поттикнато од политиката на Запад, посочува новинарот од овој медиум. Притоа потсетува на посетата на министерот за здравство во Германија на едно училиште во Косово, кое образова кадри за негувателки, кои се потребни за германскиот здравствен систем. На 30 ученици, кои ќе завршат во ова училиште, ќе им биде понуден договор за дошколување во Германија. Нема регистрирано ни еден што се вратил назад на Косово, се забележува во текстот на „Берлинер цајтунг“.
Во текстот посветен на балканскиот егзодус, се пренесува изјавата на Тед Јуриќ, политиколог од Католичкиот универзитет во Загреб, кој вели дека Германија не треба своите демографски проблеми да ги решава со вселување луѓе од Југоисточна Европа.
– Сметам дека не е фер Германија да се спасува себеси на сметка на сите нас – изјави тој за „Берлинер цајтунг“.

Во земјите од Југоисточна Европа отчукува демографската темпирана бомба, наталитетот, со ретки исклучоци, не е ни поголем од оној во Германија, а младите луѓе масовно заминуваат кон Западна Европа, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ во текстот со наслов „Југоисточна Европа крвави“.
– Германија се полни. Лани во земјата дојдоа околу 400.000 луѓе повеќе од бројот на иселените. Околу 290.000 лица пристигнале од земјите-членки на ЕУ или од другите европски земји, претежно од Југоисточна Европа – пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Веќе шест години функционира т.н. „Трипл вин“, заедничка програма на Сојузната агенција за работа и на Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ). Активноста на ГИЗ се состои во посредување меѓу германските работодавци и невработените негуватели од Србија, БиХ, Тунис и од Филипини.
– Додека во Германија недостигаат негуватели, квалификуваната работна сила во странство е без работа. Затоа сите три страни можат да профитираат од оваа соработката – наведуваат од ГИЗ. Но како што забележува весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, во Југоисточна Европа нема вишок кадар, затоа што во многу места има недостиг од лекари и негуватели.


Масовно затворање на основните училишта

Во ентитетите во Босна и Херцеговина во училишните клупи во новата учебна година ќе седнат помалку деца, а многу училишта ќе бидат затворени. Годинава во 92 подрачни одделенија во основните училишта во Република Српска нема да седне ниту едно прваче. Бројот на деца се намалува и во централните училишта, особено во оние од помалите места. За девет години има 1.300 првачиња помалку во овој ентитет.
Во новата учебна година само во Унско-санскиот кантон ќе бидат затворени 39 основни училишта. Без работа ќе останат 229 учители и наставници.

Трендот на намалување на бројот на учениците е присутен со години и претставува хроничен проблем за Федерацијата БиХ. Причините за намалувањето на бројот на учениците лежат во негативните демографски трендови, кои вклучуваат намалување на наталитетот, но и поради миграцијата на населението и иселувањето на семејствата со малолетни деца во други држави.

– За разлика од природниот прираст, кој е прецизен и мерлив, ние миграцијата ја анализираме само од аспект на внатрешната миграција, односно миграција меѓу Република Српска и ФБиХ. Податоците за надворешната миграција не се дел од официјалната статистика – вели демографот Александар Чавиќ, во изјава за Радио Слободна Европа.