На целата територија на Бугарија вчера паѓаше снег, а најголема снежна покривка се очекуваше во централните делови на Северна и на Јужна Бугарија, особено во планинските области.

– Студеното време ќе трае 10 дена. Најниските минимални температури ќе бидат в недела и в понеделник, кога ќе има ветер, студ и благи врнежи од снег. Тогаш живата во термометарот ќе се спушти до -18 степени во Дунавската Рамнина и на високите предели на Западна Бугарија – изјави Маријана Попова, од хидрометеоролошката станица во Софија.

Поради снежно невреме што го зафати Белград вчераутро сообраќајот се одвиваше отежнато, а градските автобуси во некои делови од градот не сообраќаа поради појава на голомразица на улиците.

Од Градското сообраќајно претпријатие истакнуваат дека состојбата во Белград е катастрофална и дека автобускиот сообраќај е прекинат во населбите Железник и Сремчица.

Со снежно невреме е зафатена и Босна и Херцеговина, каде што полицијата ги исклучува од сообраќај сите товарни возила, кои немаат соодветна зимска опрема.
На повисоките планински предели е отежнат сообраќајот поради замрзнатите улици, а во сила е забрана за сообраќај за товарни возила со приколки и за шлепери.
На патиштата каде што се одвиваат градежни работи, сообраќајот се одвива побавно, со задолжително почитување на поставената сигнализација.

Зголемена е фреквенцијата на возила на граничните премини, каде што се чека до 30 минути.

На поширокото подрачје на областа Романија во текот на ноќта паднаа околу 13 сантиметри нов снег, што доведе до метеж во сообраќајот.
Силна бура, пак, го зафати Сплит, со ветер со брзина и до 100 километри на час, поради што е прекинат морскиот сообраќај.
Како што пренесува „Далмација данас“, пожарникарите имале десетина интервенции за отстранување паднати дрвја, а паѓале и ролетни и разни предмети од терасите.