Големата продукција на формални и неформални идеи за решавање на отворените прашања на Балканот ѝ претходеше на новата дипломатска офанзива на меѓународната заедница за надминување на двете, во овој момент, главни теми: процесот на проширување во ЕУ и дијалогот меѓу Белград и Приштина

По неколкуте нонпејпери што предлагаа промена на границите на регионот и решавање на отворените прашања, беше промовиран нов документ во кој се поддржува побрза и поголема интеграција на регионот во ЕУ. Големата продукција на формални и неформални идеи за решавање на отворените прашања на Балканот ѝ претходеше на новата дипломатска офанзива на меѓународната заедница за надминување на двете, во овој момент, главни теми за земјите од регионот: почнувањето на пристапните преговори на Македонија и Албанија со Европската Унија, како и реафирмирање на дијалогот меѓу Белград и Приштина, по изборот на новата косовска влада, предводена од Албани Курти.
Вчера актуелна вест беше нонпејперот на четирите земји на Вишеградската група и Австрија, кои го испратиле овој документ до раководството на ЕУ, Европската комисија и еврокомесарот за проширување, а во него бараат поголема поддршка на Унијата за Западен Балкан. Повикувајќи се на дипломатски извори, сараевскиот портал „Кликс“ објави дека министрите за надворешни работи на Чешка, Полска, Словачка, Унгарија и Австрија бараат од членките и граѓаните на Западен Балкан да се вклучат во официјални разговори за иднината на Европската Унија. Унгарскиот европратеник Андор Дели го потврди постоењето на новиот неофицијален документ, чија цел е стратегиско вклучување на земјите од Западен Балкан во процесите што ќе влијаат на иднината на ЕУ, како што е Конференцијата за иднината на Европа, и тоа во сите пет тематски области.

– Од овој нонпејпер и целата иницијатива, апсолутно е јасно колку е важно проширувањето кон Западен Балкан за Унгарија, како и за другите земји од Вишеградската четворка и Австрија. Лично мислам дека би било исклучително важно и би било исклучително добра порака за граѓаните од регионот, бидејќи, како и граѓаните на земјите-членки на ЕУ, тие би можеле да го искажат своето мислење и веќе би биле активно вклучени во креирањето на правецот на развој на иднината на ЕУ – рече Дели за „Танјуг“.
Министерката за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Бисера Турковиќ, ја поддржува оваа иницијатива и појаснува дека БиХ суштински секогаш била дел на Европа, а сега оваа земја е во процес на достигнување на напредните европски стандарди во функционирањето за јакнење на државата.
– Потегот на земјите од Вишеградската група плус Австрија е сигнал дека нема да бидеме оставени предолго да чекаме на напредокот на членството. Истовремено, тоа е добро и за ЕУ, која без стабилен и европски Западен Балкан не е комплетна – вели Турковиќ.
Португалскиот претседател вчера беше во „олеснувачка“ мисија за наоѓање компромис меѓу Македонија и Бугарија, која се противи нашата земја да ги почне пристапните преговори со ЕУ.

– Проширувањето на Европската Унија не треба да се гледа механички, бидејќи ова не е спринт каде што треба да завршиме во одредено време, туку заедничко патување на пријатели – порача бугарскиот претседател Румен Радев на средбата со неговиот португалски колега Марсело Ребело де Соуза, кој е во посета на Софија.
Како што пренесуваат бугарските медиуми, двајцата разговарале за европската перспектива на земјите од Западен Балкан, што е поддржано од Португалија. Според бугарски „Медиапул“, Радев вели дека најважната задача за Софија и за Скопје е да го обноват целосниот дијалог на сите нивоа.
– Има изгледи за интензивно проширување на дијалогот, за развој на патокази, за релевантни документи и ставови, се разбира, на сите структурни нивоа, за да се обезбедат соодветни гаранции дека процесот на проширување е ефикасен, стабилен и неповратен – изјави Радев.
Како што пренесува МИА од Софија, Бугарија бара гаранции при проширувањето на Европската Унија со Северна Македонија. Бугарскиот претседател Румен Радев на заедничката прес-конференција со претседателот на Португалија, Марсело де Соуза, истакнал дека португалското претседателство и лично претседателот Марсело де Соуза може да помогнат да се најде конструктивен пристап.

Еден ден претходно, австриската агенција АПА објави дека Генералниот секретаријат на Советот на Европската Унија го чува „под клуч“ документот, односно спорниот нонпејпер во кој се предлага промена на границите на Западен Балкан, со образложение дека тоа може да ги загрози меѓународните односи. Постоењето на вакви тајни документи за иднината на Балканот со нови прекројувања на границите уште повеќе ги поттикна сомневањата кај граѓаните од регионот за процесот на проширувањето на Унијата. Објавувањето на „словенечкиот“ нонпејпер предизвика остри реакции во Босна и Херцеговина, која беше и најзасегната од новите тајни карти за регионот.
Реакцијата на Србија на прашањето за непочитување на договорите потпишани под покровителство на меѓународната и на Европската Унија ќе биде силна и остра – порача вчера шефот на српската држава, Александар Вучиќ, во пресрет на посетата на помошникот на државниот секретар на САД и специјалниот пратеник за Западен Балкан, Метју Палмер.
Двајцата дипломати вчера пристигнаа во Белград, по посетата на Приштина. Вучиќ напомена дека е неприфатливо и дека ЕУ, како гарант на Бриселскиот договор, молчи на фактот дека албанските лидери во Косово отворено го попречуваат продолжувањето на дијалогот и се противат на формирањето на заедницата на српските општини.