По завршувањето на епидемијата ќе расте бројот на луѓе што ќе работат од дома, а секој од нив е и потенцијален дигитален номад што на некое одредено место останува подолго отколку при класичен туризам, со што се продолжува туристичката сезона и се придонесува за развој на локалните економии

Пандемијата на ковид-19 го забрза развојот на номадскиот туризам, во кој се вклучени луѓе што можат да работат надвор од канцелариите. Најчесто дигиталните патници се висококвалификувани ИТ-експерти од земјите на Запад, но во заедницата на дигитални номади секој ден има сѐ поголем број лица од Балканот. За искористување на оваа можност сѐ повеќе се заинтересирани и земјите во регионот, кои минатата година беа посочени како атрактивни дестинации за новите туристи номади. Според процените, овој тренд ќе продолжи да расте и по завршувањето на епидемијата, па до 2035 година околу милијарда луѓе во светот ќе работат од дома, а секој од нив е и потенцијален дигитален номад што на некое одредено место останува подолго отколку при класичниот туризам, со што се продолжува и туристичката сезона.
Хрватска годинава стана дел од малобројните земји во Европа што им го легализираа статусот на дигиталните номади. Од земјите во регионот Хрватска е првата земја што воведе дигитални визи што ќе се доделуваат за странци што ќе работат за некој друг за период од една година. Тоа е нова област во економијата и туризмот во која се вклучуваат сѐ поголем број луѓе, кои се високообразовани и добро платени работници, кои со развојот на технологијата можат своите работни обврски да ги извршуваат од кое било место во светот, а во исто време и да патуваат. Според дефиницијата на хрватското законодавство, дигиталниот номад е државјанин на трета земја, кој работата ја извршува преку комуникациската технологија за сопствена компанија или за друга, која не е регистрирана и која не извршува услуги за други компании во Хрватска, пишува „Ал џезира“.
Економскиот аналитичар Адмир Чавалиќ, директор на здружението „Мулти“ и предавач на ИПИ-академијата во Тузла, вели дека земјите во наредниот период ќе се приспособуваат на новиот вид работници, кои ќе бидат сѐ повеќе на глобалниот пазар на трудот.

– Кон овој тренд треба да се приспособи и Босна и Херцеговина. Близината на Европската Унија, ниските трошоци на живот, тоа што е туристички привлечна дестинација се едни од причините поради кои дигиталните номади ќе се одлучуваат за БиХ – вели Чавалиќ, за „Ал џезира“.
Примерот на Хрватска го следат и во Црна Гора, која целосно се потпира на развој на туризмот. Василије Костиќ, професор на Факултетот за менаџмент во Херцег Нови, укажува на неопходноста од уредување на оваа област.
– Владата на Црна Гора треба да се погрижи да обезбеди широки бенефиции, иако ни тоа не е доволен мотив за подвижните работници да се определат за нашата земја. Мотивите се многубројни: убавината на земјата, нивото на сигурност, политичката стабилност, цените за сместување… Во секој случај постои позитивен ефект од дигиталниот туризам – смета Костиќ.
Економската корист се однесува за зголемени приходи од овие работници, кои дел од платата ќе ја трошат во одредена земја. Покрај ова се подобрува и имиџот за секоја, особено туристичка дестинација. Тука е и пренесувањето на знаењата во локалната заедница, преку унапредување на креативноста, иновативноста и пренесувањето идеи.
– Најголема потенцијална корист е приспособувањето на општеството на барањата на современиот начин на живот, што значи и повисоко ниво на општествена култура на живеење – истакнува Костиќ, експерт за менаџмент од Херцег Нови.
„Ал џезира“ го пренесува искуството на сараевскиот програмер Недим Делиахметовиќ, кој е еден од дигиталните номади и својата работа ја извршувал од егзотичните дестинации, како Малдивите, САД… Според него, БиХ, но и околниот регион, би била привлечна дестинација за туристите номади, кои се селат во повеќе земји со природни и туристички потенцијал, со добра гастрономска понуда и ниски цени.
Белград се наоѓа на врвот на листата на мапата на европските градови во кои дигиталните номади најдолго се задржуваат.

Србија има големи потенцијали за развивање на овој сектор, покажала анализата на иницијативата за „Дигитална Србија“ и на УНДП-лабораторијата за забрзан развој. Целта на оваа анализа е да се утврди профилот на дигиталните номади, зошто нивниот број сѐ уште е мал, како и да се најдат начини за нивно поголемо привлекување, особено во Белград. Во целната група на истражувањето се испитување на навиките на програмерите, лицата во дигиталниот маркетинг, видеоигрите, брокерите со криптовалути, писателите, корисниците на е-трговијата, лицата ангажирани на вештачката интелегенција, графичкиот и веб-дизајнот. Според првичните сознанија, некои од интернет-туристите менуваат локации повеќе од 12 пати во годината, но некои се одлучуваат за подолг престој во некоја земја. Во просек тие остануваат меѓу два и 45 дена на една дестинација. Во Белград, кој минатата година беше на седмо место од градовите во Европа, овие гости остануваат во просек по 12 дена и е во категоријата на градови како што се Лисабон и Берлин. Главниот град на Србија е особено атрактивен бидејќи има карактеристики на светска метропола, добар пристап до брз и стабилен интернет, развиена стартап-сцена, граѓаните се гостопримливи и добро зборуваат англиски јазик. Белград е лошо оценет поради студената есен и зима, бирократијата, лошиот квалитет на воздухот и недостиг од содржини што ги интересираат номадите, како и нетолеранцијата на белграѓани кон различностите.
Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој на Македонија, Коста Петров, уверува дека нашата земја ќе стане нова атрактивна дестинација за дигиталните номади.

– Веруваме дека Македонија и поради нејзината географска позиција и стандардот на животот им овозможува на дигиталните номади еден квалитетен престој. Значи, не се работи за луѓе што ќе отвораат фирми во Македонија, туку за луѓе што работат за друга фирма од друга земја, но одлучиле да живеат во нашата земја. Во моментот тие можат да седат три месеци во Македонија, со законските измени што ги подготвуваме ќе работиме на дигитална виза со која ќе можат да седат подолго – изјави Петров за Радио Слободна Европа.
Од ФИТР веќе се во контакт со многу портали што се занимаваат со дигитално номадство, кои, пак, веќе ја ставиле Македонија на листата земји што ќе ја нудат таа услуга.