Секоја земја од Балканот воведува разни мерки за олеснување на процедурата за донирање органи, а има сѐ поголем број граѓани што чекаат трансплантација на некој орган

Во земјите од Западен Балкан сѐ уште е недоволно развиена колективната свест за донирање органи. Бројот на лицата што имаат дадено согласност по нивната смрт да се донираат нивните органи е мал во однос на земјите од Запад. Последните години владите на земјите од регионот воведоа низа законски измени за да се олесни донорството на органи. Неделава во Босна и Херцеговина се донесени измени со кои на возачките дозволи во БиХ наскоро ќе биде наведено за тоа дали возачот се согласува неговите органи да бидат донирани во случај на смрт. Тоа е измена и дополнување на Законот за основите на безбедноста во сообраќајот на патиштата во БиХ, а оваа опција е дефинирана во случај кога некое лице ќе потпише ваква изјава кога поднесува барање за возачка дозвола.
Секоја земја од Балканот воведува разни мерки за олеснување на процедурата за донирање органи, а има сѐ поголем број граѓани што чекаат трансплантација на некој орган. Во Србија трансплантација на органи годишно чекаат околу 2.000 лица.

Просечно десетина семејства даваат согласност за одземање органи по смртта на нивен близок, а со тоа биле спасени 27 животи. Хрватска има 12 пати повеќе дарители на милион жители. По повод Светскиот ден на донорството на органи беа објавени поразителни податоци за бројот на српските донори (тројца) во однос на Хрватска (37), Словенија (19) или Унгарија (17). За споредба, Шпанија во 2018 година имала 47,96 донори на милион жители. Така, Хрватска од земјите во регионот е во европскиот врв во областа на донирањето и трансплантацијата органи.
Србија донесе нов закон за пресадување човечки органи, со намера да се олеснат бирократските процедури во оваа област во согласност со светската практика, за да се зголеми бројот на донори и да се спасат повеќе животи. Во Хрватска за можен донор на органи се смета секое починато лице што во животот не се откажало од донорство. Иако, хрватското законодавство не пропишува обврска за барање дозвола за експлантација на органи од семејството на покојниот, сепак се почитува ставот на семејството. Лицата што се противат на дарување делови на телото по нивната смрт треба кај лекар од примарното здравство да потпишат изјава за недарување органи.

Изјавите за недарување се регистрираат во Министерството за здравство на Хрватска. За нивната намера се издава донорска картичка на лично име. Доколку лицето имало донорска картичка, семејството во најголем дел ја почитува искажаната волја за донирање на органите.
Од 2019 година во Црна Гора повеќе не е потребна согласност од семејството за донирање органи во случај на мозочна смрт за лица што во текот на животот дале согласност или потпишале донорска картичка. Со изгласаните измени на Законот за земање и пресадување човечки органи се дава можност за зголемување на бројот на донори во случај да се констатира мозочна смрт, чиј број во Црна Гора годишно се движи околу 47.
На сајтот на Министерството за здравје на ЦГ е објавена листа на чекање за трансплантација на органи, но податоците за пациентите се шифрирани. Редоследот на лицата што чекаат органи е направен според приоритетот. Ова правило не важи за пациентите што чекаат трансплантација на бубрег, кои се повикуваат во случај на постоење на кадаверичен бубрег според крвната група и имунолошката компатибилност.
Годинава првпат во нашата земја е изведена трансплантација на срце, односно трансплантација од починат донор. Два бубрега од истиот донор се трансплантираа на Клиниката за урологија кај двајца пациенти со хронична бубрежна слабост, кои со години беа на дијализа. Овие трансплантации, кои беа извршени во мај, добија широк публицитет за донирањето во земјата да добие поголем одѕив.

– Во Македонија постои закон за трансплантација. Но 90 отсто не се информирани дека постои закон за трансплантација и дека секој граѓанин е потенцијал донор. Затоа е потребна една национална кампања за подигнување на свеста за донирање органи. Секој граѓанин е потенцијален донор, освен ако во текот на животот изјави дека по смртта не сака биде донор. На оваа тема се зборува во кругот на семејството, зашто по нечија смрт одлуката ја носи семејството дали ќе донира или не – изјави Марија Чиков од Здружението на пациенти со механичка циркулаторна потпора на работата на срцето и нивните поддржувачи „Храбро срце“.