Фото: Игор Бансколиев

Кои се можните политички и безбедносни рефлексии на авганистанската криза врз регионот

Авганистанската криза ќе има влијание на неколку клучни прашања во однос на земјите од Западен Балкан: обезбедувањето привремен престој на Авганистанците што соработуваа со САД, во подобрување на билатералните позиции со Вашингтон, како и за справување со евентуалниот бран бегалци, кои би биле задржани на
територијата на балканските држави, сметаат аналитичарите

Изменетите геополитички односи по повлекувањето на меѓународните сили во Авганистан може да се рефлектираат и на политичките услови во земјите од Западен Балкан. Според мислењето на повеќемина аналитичари, авганистанската криза ќе им го одвлече вниманието на САД и на Европската Унија во решавањето важни прашања во регионот, како што е приближувањето на регионот кон европските интеграции и менаџирањето на дијалогот меѓу различните етнички заедници во Косово и во Босна и Херцеговина. Соочена со можниот бран бегалци, ЕУ ќе се обиде да ги задржи раселените Авганистанци во земјите од Балканот, што дополнително ќе ги влоши меѓупартиските односи меѓу власта и опозицијата, околу прифаќањето или неприфаќањето на авганистанските граѓани што соработувале со меѓународните сили.
Кризата во Авганистан може да биде една од низата причини поради кои Европската Унија ќе се оддалечи од сериозниот пристап кон дијалогот меѓу Србија и Косово, а САД да останат во неутралната позиција, поради глобалните проблеми во светот, сметаат соговорниците на „Данас“.

Александар Ивковиќ, уредник во порталот „Јуропиен Вестерн Балканс“, вели дека сѐ уште е нејасно каков ќе биде притисокот од ЕУ за евентуалното прифаќање бегалци од Авганистан.
– Политичките лидери на ЕУ заземаат дефанзивен став и не сакаат да се повтори бегалската криза од 2015 година. Може да се очекуваат одредени политички проблеми и тоа да биде приоритет за ЕУ, кој ќе биде над решавањето на прашањето на Косово – вели Ивковиќ.

Борко Стефановиќ, поранешен преговарач од Србија во дијалогот со Косово, смета дека состојбата на Блискиот Исток и Авганистан не може да се спореди со косовското прашање и со Западен Балкан воопшто, гледано од аспект на важноста за големите сили.

Владан Живуловиќ, претседател на Атлантскиот совет на Србија, вели дека Американците се интересираат за Косово во одредено ниво, а за Србија толку колку што Кинезите и Русите се присутни во регионот.
– Не гледам дека САД имаат некој интересе за Балканот. Ги тргнаа Авганистанците од дневен ред, а тоа ќе го направат и со Ирачаните и со Сиријците, па ќе се посветат на своите проблеми. Нивниот проблем е Кина, која економски се воздигнува и евентуално со Русија, која напредува во вооружувањето – заклучува Живуловиќ за „Данас“.

Вук Вуксановиќ, доктор на науки за меѓународни односи на Лондонската школа за економија и политички науки и истражувач во Белградскиот центар за безбедносна политика (БЦСП), во анализата за „Еуроњуз“, смета дека авганистанската криза ќе има влијание на три клучни прашања во однос на земјите од Западен Балкан. Првиот аспект се однесува на балканските земји што обезбедуваат привремен престој за Авганистанците што соработуваа со САД.

Втората е дека додека некои влади како Косово ќе се обидат да ја искористат авганистанската приказна за да се доближат до САД, а другите земји, како Србија, ќе се обидат да ја зачуваат рамнотежата меѓу големите сили.
Трето, и потенцијално најопасна последица за Балканот, е можноста Авганистан да генерира бранови мигранти и бегалци кон Европа.

Вуксановиќ потсетува на поделениот став на земјите од Балканот за прифаќање на бегалците од Авганистан. Албанскиот премиер Еди Рама рече дека Албанија е подготвена да прими до 3.000 авганистански бегалци. Македонија се согласи да смести 650 Авганистанци, додека Косово амбициозно се фали со бројката од 10.000 луѓе.
Спротивно на тоа, Црна Гора не чувствува обврска да им понуди засолниште на граѓаните на Авганистан. Србија, најверојатно, нема да обезбеди домување за Авганистанците бидејќи, како што објаснува Тимоти Лес од Центарот за геополитика на Универзитетот во Кембриџ, тоа е поради „загубата на Косово и најверојатно нема да им помогне на САД да го спасат својот неуспешен проект“.

За трите земји што прифатија Авганистанци (Албанија, Косово и Македонија), ова беше начин да се игра со американската карта, со далечни очекувања за членство во ЕУ, смета Вуксановиќ. Како поранешен албански амбасадор во САД, Агим Нешо отворено изјави дека оваа акција за Албанија „беше шанса да биде прифатена од Западот“.

Косовскиот премиер Албин Курти беше уште подиректен, па рече дека „прашањето за сместување авганистански бегалци, освен аспектот на хуманитарна солидарност има димензија на сојуз и партнерство со САД“. Во случајот со Белград, авганистанската криза е уште еден предизвик за нејзината политика на балансирање помеѓу западните и незападните сили. Според српскиот печат, Белград не сакаше да се приклучи на споменатата изјава за Авганистан за да избегне гнев на Русија и Кина, но се воздржа поради притисоците од САД и Германија како начин за намалување на идните притисоци врз косовскиот спор. Претседателот на српскиот парламент, Ивица Дачиќ, неодамна изјави дека за време на српскиот министер за надворешни работи (2014-2020), Србија беше домаќин на неколку тајни разговори меѓу авганистанската влада и претставниците на талибанците.

Балканот има значајна важност за меѓународната заедница, а особено за Европската Унија, како еден од можните коридори на авганистанските баратели на азил. Безбедносните аналитичари на земјите од Западен Балкан гледаат како на тампон-зона за задржување на мигрантите. За време на последната криза, Србија освои добри поени за репутацијата за нејзиниот хуман однос кон бегалците. Но сега ситуацијата е поинаква. Многумина во ЕУ се претпазливи да примат нови бегалци, а ова се однесува и за европските членки, како што се Хрватска и Словенија. Стравот од нов мигрантски бран е присутен по изјавата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој рече дека Турција нема да стане „складиште за бегалци“ во Европа, истовремено повикувајќи ја Европа да ја прифати одговорноста за Авганистанците.

Навистина, Балканот е изложен на ризик да биде на миграциската маршрута и да биде во средината на политичка димензија меѓу ЕУ и Турција, заклучува Вук Вуксановиќ, во колумната за „Еуроњуз“.

Повлекувањето на НАТО и на американските војници од Авганистан беше повод и за политички расправии на партиите од власта и од опозицијата во Црна Гора. Преземањето на власта од страна на талибанците, владејачката партија Демократски фронт го искористи за обвинување на поранешната власт на Демократската партија на социјалистите, за „непотребно потрошените 20 милиони евра со праќањето на црногорските војници во меѓународната мисија во Авганистан“.
– Како припадниците на војската на Црна Гора се обучиле себеси и авганистанските безбедносни сили кога талибанците ја освоија земјата за рекордно кратко време – посочи Јован Вучуровиќ, функционер од ДФ.

Поранешниот министер за одбрана Предраг Бошковиќ, од партијата ДПС, за Радио Слободна Европа изјави дека војската на Црна Гора имала повеќеслојни бенефиции од мировната мисија во Авганистан. Бошковиќ смета дека Црна Гора за единаесетгодишното учество во мировната мисија во Авганистан се покажала како кредибилен партнер на најмоќната военополитичка организација и предлага да се продолжи со учество во меѓународните и мировните мисии на НАТО, пренесува РСЕ.
Случувањата во Авганистан се одразија и во македонските партиски односи, а дебатата меѓу стручната јавност и граѓаните одеше и во правец на тоа дали е потребното нашето учество во најголемиот воен сојуз на светот?!