Светските медиуми којзнае по кој пат предупредуваат дека Балканот е локација каде што се регрутираат припадници на различни терористички организации

Една од попознатите борбени единици, која војува во северозападниот дел на Сирија и го носи името „Катиба“, e составенa претежно од луѓе од Албанија, Косово, Србија и од Македонија, а со неа командува извесен скопјанец Абдул Јашари, познат по своето џихадистичко име Абу Катада ал Албани

Коронавирусот и животот со пандемијата на Балканот, како и секаде низ светот, се чини не успеа да ги стивне заканите што доаѓаат од тероризмот. На оваа констатација наведуваат постојаните натписи на светските медиуми, кои којзнае по кој пат предупредуваат дека Балканот е локација каде што се регрутираат припадници на различни терористички организации. Меѓу другите, за ова информира и весникот „Њу Делхи тајмс“ истакнувајќи загрижувачки информации, според кои, Балканот останува „жешка“ локација каде што се регрутираат идните припадници на исламските радикални терористички организации, кои дејствуваат во светот.
Според весникот, граѓаните на балканските земји, кои се регрутирани од радикалните исламски организации, со години војуваат на боиштата на Блискиот Исток.

Во својот текст „Њу Делхи тајмс“ подвлекува дека Балканците во борбите во Сирија и во Ирак во најголем дел членувале во редовите на Исламската држава, но постојат и информации дека овие луѓе биле составен дел на единиците на странски доброволци што војуваат под знамињата на помалку познати радикални групации како Џабат ал нусра, Ал каеда, Хајат Тахир ал Шам и други.
Весникот истакнува дека една од попознатите борбени единици, која војува во северозападниот дел на Сирија и го носи името „Катиба“, e составенa претежно од луѓе од Албанија, Косово, Србија и од Македонија. Весникот притоа потсетува дека извесен скопјанец Абдул Јашари, познат по своето џихадистичко име Абу Катада ал Албани е командант на единицата.

„Њу Делхи тајмс“ пишува дека скопјанецот во 2016 година од американските власти е прогласен за терорист, бидејќи било заклучено дека тој бил активен во финансирањето на терористичките активности на милитантната организација Џабат ал нусра. Весникот потсетува дека лицето на овој џихадист се појавува на голем број пропагандистички видеа објавени на интернет меѓу 2016 и 2020 година, во кои тој ги глорификува воените операции на терористите, нивните планови за дејствување и храброста на загинатите борци.

Според наодите на „Њу Делхи тајмс“, скопјанецот командува со група од најмалку 24 војници од албанска националност, како и одреден број борци што не се од оваа етничка припадност.
– Во едно од своите пропагандистички видеа објавени на 8 мај 2020 година, Јашари командува со обука на нови припадници, кои увежбуваат борбени маневри користејќи ги тешките митралези од типовите „СПГ-9“ и „АСГ-17“ – пишува „Њу Делхи тајмс“.
Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски, во свој коментар на актуелните настани, вели дека информациите што ги објави „Њу Делхи Тајмс“, за жал, не се новина во овие простори.

– Справувањето со активностите на светските терористички организации е во фокусот на работата на домашните и регионалните служби повеќе децении на Балканот. Проблемот со регрутирањето на борците за овие организации доби замав пред неколку години, но тоа значително се намали кога земјите од регионот воведоа силни рестриктивни активности за спречување на оваа појава, кои дури подразбираа и подолги затворски казни – вели Стефаноски.
Аналитичарот е уверен во капацитетите на македонските безбедносни органи за справување со оваа закана, бидејќи нашата земја има долга традиција во битката со терористичките организации.

[email protected]