Европската Унија мора во сопствената реакција во вонредната состојба да ги вклучи сите земји на Западен Балкан, во кои кризата исфрли на виделина многу структурни слабости во државите од регионот, кои се ставени во заднина поради корона-кризата

Пандемијата на коронавирусот ги стави во заднина сите демократски, политичкоправни и општествени случувања во земјите од Западен Балкан, а тоа може да продолжи и по периодот по здравствената криза, што може трајно да ги потресе институциите во овие држави, се предупредува во анализата на БиЕПАГ, советодавна група на Балканот во Европа, која е основана од Европскиот фонд за Балканот и Центарот за студии на Југоисточна Европа на Универзитетот во Грац.

Во ова истражување се разгледувани девет критични области во земјите од регионот во периодот на глобалната економија, како што се улогата на државата, демократијата во заробените општества, геополитичките промени, новиот национализам, социјалната отпорност, влијанието врз животната средина, миграцијата и здравствената заштита, социјалната сигурност и економските импликации.
Студијата го проучува влијанието во сите критични области и дава процени за ризиците и можностите, со идентификување конкретни интервенции што можат да ги спречат најлошите последици за регионот.

Клучната порака е дека Европската Унија мора во сопствената реакција во вонредната состојба да ги вклучи сите земји на Западен Балкан, како и во плановите за обнова по завршувањето на здравствената криза, и тоа без разлика на статусот во нивните преговори за придружување на европската заедница. Целосно вклучување на регионот е од суштинско значење за да се спречат тешките економски последици и геополитички потреси, а поддршката би требало да биде условена со мерките за намалување на „заробената држава“.

Пандемијата не може да биде оправдување за неограниченото укинување на демократијата, а ограничувањата мора да бидат привремени, пропорционални и транспарентни. Потребно е внимателно комбинирање на краткорочните и долгорочните мерки за да се спречи пандемијата да се претвори во трајна катастрофа за Западен Балкан. Кризата исфрли на виделина многу структурни слабости во регионот, од слаби здравствени системи, ниска доверба во државата, до слаба демократија и заробени држави, што придонесе за поголема свест и солидарност кај граѓаните, пренесува „Данас“ делови од анализата на БиЕПАГ.

Како позначајни препораки за ЕУ во однос на дејствувањето кон земјите од регионот се посочува решавањето на економските и социјалните последици врз граѓаните, со директна финансиска помош на малите фирми и социјално загрозените категории. За критична точка се смета и т.н. еколошка криза во регионот, која нема да биде решена со потенцијален ризик дека прашањата како намалување на загаденоста на воздухот ќе бидат оставени настрана во „интерес на брзото економско заздравување“.
Деновиве од Брисел пристигнаа најави за макрофинансиска поддршка од три милијарди евра за земјите што му се обратиле на ММФ за итна финансиска помош поради проблемите во платниот биланс.

Од земјите во регионот, Албанија ќе добие 180 милиони евра, БиХ 250, Косово 100 милиони, Црна Гора 60, а Македонија 160 милиони евра. Средствата ќе бидат достапни за 12 месеци, во форма на заеми под поволни услови, што на партнерските земји од Западен Балкан ќе им обезбеди макроекономска стабилност во периодот што следува.