Фото: Маја Јаневска-Илиева

Последниот случај што е поврзан со издавањето официјални патни документи од Македонија ја отвори темата за Балканот како криминална шенген-зона, во која им се издаваат пасоши под лажен идентитет на лица со сомнителна биографија

Пасошите од балканските земји станаа најбаран производ за странските државјани што сакаат да патуваат слободно низ светот. Поедноставената процедура за привлекување „стратегиски“ инвеститори, но и порозноста на системот за издавање лични документи, привлекоа многу лица од светот, кои со пасошите издадени од балканските држави можат послободно да се движат, особено во Европска Унија. Последниот случај што е поврзан со издавање официјални патни документи од Македонија ја отвори темата за Балканот како „пасошки рај“ за криминалци и за лица со сомнителна биографија.
По војната во поранешна Југославија продолжија да функционираат пријателствата и врските меѓу разните криминални групи од земјите од поранешните републики. Соработката се одвиваше во повеќе облици, а познато е дека најопасните криминалци од Србија се криеја на подрачјето на Хрватска. Меѓу нив беа и највисоките членови од Земунскиот клан, како што се Милош Симоновиќ, Сретко Калиниќ, кои по полициската акција во Србија именувана „Сабја“, најдоа сигурно засолниште во Загреб. Некои од тие криминалци поседуваа и оригинални хрватски пасоши и лични документи.

Тие немале никакви врски со хрватската држава ни пак поднеле барања за добивање легални документи. Списокот на лица со хрватско државјанство што биле од другата страна на законот е долга. Тоа главно беа водачи на белградското подземје, како Лука Бојовиќ (еден од двата пасоша бил на името Томас Драган), неговите соработници што добивале хрватски пасоши на други имиња. Лажен хрватски идентитет имал и Милорад Улемек Легија, кој се поврзуваше со политички убиства на Зоран Ѓинѓиќ, Иван Станболиќ. Пасошот го добил на име Владо Вукомановиќ. Со хрватска патна исправа се движел и Дарко Шариќ, кој е суден за шверцување кокаин од Јужна Америка. Но хрватски „путовници“ имаат добиено и сомнителни лица од БиХ, Албанија, Македонија…
Во поранешните изјави Божидар Спасиќ, поранешен шеф во Одделот за специјални акции од југословенската СДБ, вели дека всушност државата им го олеснува заминувањето на криминалците во странство.
Не е познато колку припадници на Шкаљарскиот клан и на Кавачкиот клан од Црна Гора, имаат хрватски пасоши. Главната предност е што со нив српските криминалци можат слободно да се движат низ Европа. Поволноста е што до нив се доаѓа полесно во однос на германските или австриските пасоши. Според анонимниот извор на „Ал џезира“, парите за добивање легална патна исправа играат главна улога и тоа не било проблем за „барателите“ на пасошот. Цената зависи од тоа дали се бара оригинален документ или се издава на име на лажен идентитет, се движи од 500 до 1.500 евра, до неколку десетина илјади евра.
Некои од пасошите што се издадени на нелегалниот пазар се оние што пред две децении исчезнаа од конзулатот на Хрватска во Мостар, кога исчезнаа околу 900 пасоши! Во рамките на акцијата „Бордер“ пред неколку години беа уапсени 30 лица, меѓу нив и полицајци, кои набавувале документи за припадниците на Земунскиот клан и криминалните групи од Црна Гора. Се споменува дека еден пасош се продавал за десет илјади евра, а вкупниот промет од овој бизнис изнесувал 680 илјади евра.

Деветмина лица се уапсени во акцијата „Двојник“, која е поврзана со издавањето пасоши во МВР. Во овој случај се осомничени и други лица, а десетмина од нив се вработени во службите на МВР за издавање пасоши, додека едно лице било посредник. Според информациите што ги објави Обвинителството, осомничените издале 219 пасоши, од кои четири му биле издадени на едно лице. Осомничените овластени службеници и контролори од управните служби на МВР издавале патни исправи на странци под туѓ, македонски идентитет, а со фотографија од лицето на кое бил издаван пасошот. Идентитетот што се злоупотребувал бил на лица што живеат во дијаспората. Најголем дел од веќе потврдени лажни пасоши биле всушност со идентитет на македонски државјани од Мала Преспа и од Пустец. Сликите биле од носителите на пасошите – криминалците, а податоците биле украдени.
Во акцијата „Двојник“ се уапсени деветмина полициски службеници, главно од управната пасошка служба во МТВ, но и двајца од полициските станици Драчево и Бутел, кои работеле на фотографирање на двојниците со легален македонски пасош. Истрагата траела 14 месеци во соработка со Интерпол и со американските безбедносни служби, кои технолошки ѝ помагале со алатки за препознавање лица.
За оваа акција информира ресорното министерство по објавите на прес-конференцијата на опозицијата, на која беше соопштено дека македонски пасоши добиле Јован Вуковиќ и Седат Пекер. Македонски пасош под име Георги Андонов му бил даден на српско-црногорскиот криминалец Вукотиќ. Вториот е за турчинот Пекер, кој гласел на име Џевадин Ајдемовски. И двата пасоши се издадени на адреси кои не постојат. Според извори од истрагата, пасошите биле издавани на име на лица што не живеат во државата, а имаат македонски државјанства.

Од опозицијата досега набројаа неколку имиња, на, како што велат, познати криминалци од регионот – Турчинот Седат Пекер, Албанецот Флорјан Мусај, Црногорците Стефан Џукиќ и Јован Вукотиќ, потоа Валид Иса Хмаис, за кој тврдат дека е главен соработник на италијанската мафија.
За 11 години, од 2008 до 2019, во Црна Гора биле издадени 643.479 пасоши, односно околу 20.000 повеќе од вкупниот број жители, кој официјално изнесува 620.000, објави порталот „Вјести“.
– Тврдам дека околу сто илјади граѓани немаат пасоши. Државата им даде државјанство на околу 500 заслужни луѓе, и тоа не е голема бројка, но меѓу нив има и криминалци што се под потерници на своите земји – изјави професорот по социологија Срѓан Вукадиновиќ.
Меѓу главно успешните луѓе има и такви што со новиот пасош се обидуваат да избегнат судења во матичните земји, како поранешниот премиер на Тајланд, Таксин Шинаватра.