Според податоците на повеќе меѓународни истражувања за животна средина, се посочува дека и за време на летниот период воздухот во регионот на Балканот е загаден. Причина за ваквите алармантни податоци, според експертите, е покачената температура на воздухот, но и зголемените градежни и земјоделски активности на терен

Загадувањето на воздухот е глобален проблем, но Балканците дишат потоксичен воздух во лето од нивните европски сограѓани, особено оние што живеат во урбаните средини. Ова, меѓу другото, се наведува во последните процени на Светската банка, каде што меѓу другото се посочува дека загадениот воздух кај голем број луѓе од регионот го олеснува и патот на вирусите до белите дробови, особено кај децата. Имено, според податоците на истражувањето на Светската банка, во просек во Европа околу 15 проценти од смртните случаи од ковид-19 се должат на загадувањето на воздухот. Новата студија, која е изработена од германски и кипарски научници, покажува дека емисиите на издувни гасови влијаат и врз стапката на смртност од коронавирусот, особено и во земјите од регионот, а државите од Балканот се меѓу првите на светската листа со загаден воздух.

Екстремно загаден воздух деновиве е регистриран во Сараево, Белград, Загреб, Скопје, но и во Софија и во Букурешт, а загадувањето во најголем случај е предизвикано од термоцентралите на јаглен, индустријата, стариот возен парк и од зголемените градежни и земјоделски активности, пишува „Ал џезира балканс“.
Според медиумот, нејасно е зошто сега за време на летниот период во Сараево, но и во преостанатите метрополи на Балканот се бележат податоци дека воздухот е опасен по живот на граѓаните со просечна вредност од 875 микрограми на кубен метар од ПМ 10 честичките, додека ПМ 2,5 честичките во воздухот во просек изнесуваат до 801 микрограм на кубен метар.

Срѓан Кукој, советник за Балканскиот Регион во Алијансата за здравство и животна средина (ХЕЛА), посочува дека зголемените температури го зголемуваат количеството озон во земјата, што носи многу здравствени проблеми. Според него, зголемената земјоделска и градежна активност, дополнително ја загрозува животната средина, покрај постојано споменуваните балкански термоцентрали.
– Температурата на воздухот влијае на движењето на воздухот, а со тоа и на движењето на загадувачите во воздухот. Бидејќи површината на Земјата апсорбира енергија од сонцето, воздухот во близината на Земјата е потопол, па бидејќи тој е полесен се движи од површината нагоре, а тоа предизвикува потешкиот загаден воздух од горната тропосфера да се спушта надолу, што всушност претставува пренос на загадениот воздух и честички директно на Земјата. Со прости зборови, топлиот воздух и неплански изградените згради ги задушуваат градовите – објаснува Кукој.

Во меѓувреме, Светската здравствена организација (СЗО) посочува дека земјите од Западен Балкан треба да постават построги мерки за загадување и построги стандарди за процена на квалитетот на воздухот.
– Да, постои сезонска разлика кога зборуваме за концентрацијата на загадувачи во воздухот, но кога ги гледаме извештаите за квалитетот на воздухот, тогаш можеме да видиме дека всушност квалитетот на воздухот е лош во текот на целата година. Концентрациите на загадувачи на воздухот се многу поголеми од препорачаните во Упатствата за квалитетот на воздухот издадени од нашата организација – посочува СЗО.

Паралелно на ова, во извештајот на заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија за статутот на загадувачи на воздух и стакленички гасови на Западен Балкан се истакнува дека во Западен Балкан концентрациите на загадувачи на воздухот ги надминуваат вредностите дадени и од Европската Унија, што според пишувањата на регионалните медиуми, може во иднина и да го блокира патот на земјите-аспиранти во блокот сѐ додека не се решат еколошките проблеми кај нив.