Влажната и нестабилна воздушна маса, која за викендот ја погоди територијата на Хрватска, Црна Гора и делови на Босна и Херцеговина, се приближува кон Србија и Македонија

Балканот се наоѓа под силно влијание на влажен бран што се движи и кон Македонија, а во наредните денови се очекува голема временска промена, дождови и намалување на температурите. Влажната и нестабилна воздушна маса, која за викендот ја погоди територијата на Хрватска, Црна Гора и делови на Босна и Херцеговина, се приближува кон Србија и Македонија.
– Денеска ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Ќе дува умерен, во западните делови повремено засилен ветер од југозападен правец. В среда и в четврток ќе има повремени врнежи од дожд. Температурите ќе бидат во опаѓање, особено во четврток кога ќе дува повремено силен северозападен ветер – прогнозираат македонските метеоролози.
Во западните предели, локално се очекува да наврнат над 20 литри на квадратен метар воден талог, а ќе продолжи да дува умерен, повремено засилен ветер од јужен и од југозападен правец, кој особено денеска и утре ќе условува натпросечно високи температури на воздухот. Во вторник ќе биде значително посвежо и тоа ќе се почувствува најмногу во северните предели од државава.

Тогаш максималните дневни температури ќе се искачуваат во интервалот од 20 до 28 степени, додека во најтоплите предели на државава се очекува истите тие да се искачат до околу 30, 31 степен. Значително освежување на времето ќе имаме од четврток кога максималните дневни температури ќе се искачуваат во интервалот од 17 до 25 степени.
Нестабилно време во текот на вчерашниот ден се најавуваше и во западните и северозападните делови на Србија, а во втората половина на денот се најавени можни промени и во другите краеви на југот и југоистокот на земјата. Убавото време, кое се задржа изминатиот викенд, ќе биде прекинато до петок, по што следуваат сончеви и топли денови.
– Од понеделник до четврток ќе имаме променливо облачно време, наместа со дожд и грмежи. Во вторник ќе биде посвежо за пет до осум степени. Од крајот на работната недела повторно ќе биде претежно сончево и потопло – се наведува во соопштението на РХМЗ.

За вчера во Србија важеше жолтиот метеоаларм, а тоа значи повремени временски појави и на граѓаните им се препорачува ограничување на своите активности на отворено, со што би се изложиле на метеоролошки ризик.
Големо невреме со поројни дождови и силен ветер викендов ги погоди прво Хрватска, па Црна Гора. Во Далмација, во повеќе градови ветрот со брзина и од над 100 километри на час уриваше сѐ пред себе, а во Сплит и во Задар брановите достигнаа висина од 4 до 6 метри. Главниот град Подгорица во неделата беше зафатен од град и силен ветер, поради што во поединечни делови од градот имаше прекин на електричната енергија. Директорот за вонредни ситуации ги повика граѓаните в понеделник и во вторник активностите да ги сведат на минимум и доколку немаат потреба да не излегуваат надвор. Силно невреме проследено со ветар вечерва го зафатило подрачјето на Унско-санскиот кантон во БиХ поради, при што на неколку локации е направена материјална штета, а прв на удар беше Бихаќ.

Во овој град од ветрот се откорнати и искршени дрвја што предизвикало и застој во сообраќајот.
Во силното невреме во Хрватска, оштетен бил аеродромот во Лучко, во близината на Загреб, три помали авиони претрпеа штета. Во загрепскиот регион имало над илјада грома, а биле надминати и рекордите на дожд од 70 литри на квадратен метар, кои паднале за кратко време. Дувал и ветар од 70 километри на час.
– Одеднаш почна да тече вода низ плафонот, преку лустерите и сфативме дека нема покрив на куќата. Торнадото го откорна покривот – изјави еден граѓанин на Хрватска.
Метеорологот Теа Блажевиќ за Н1 објасни дека станува збор за несекојдневна временска појава, односно за нагло пропаѓање на воздухот, кој при ударот на земја се шири во сите правци, а брзината на ветерот станува силна, што предизвикува вакви штети на куќите и привремените лимени објекти.