Неподготвеноста на националните политички елити да ги прифатат историските факти за настаните од овој дел од Балканот го држи регионот во повеќедецениска изолација од глобалните политички и економски текови. Колку е силна поделбата се гледа низ одбележувањето на воената акција „Бура“, на геноцидот во Сребреница, Илинденското востание, па дури и историските погледи за Косовската битка против османлиските освојувачи

Одбележување на годишнината од воената операција на хрватската војска во 1995 година помина со веќе познатите спротивставени погледи меѓу Хрватска и Србија. Двете соседни земји што учествуваа во воените конфликти по распаѓањето на Југославија не можат да пронајдат заеднички поглед на поблиското минато, што дополнително ги обременува односите меѓу српскиот и хрватскиот народ, кои имаат и други „историски“ несогласувања за настани поврзани со периодот пред и по Втората светска војна. Различни погледи на минатото има и меѓу другите земји од Западен Балкан. Во случајот со Македонија, која беше пред одобрување за почеток на пристапните преговори за зачленување во Европската Унија, Бугарија го искористи моментот да ја наметне својата приказна за минатото. Но, за разлика од хрватско-српскиот историски јаз, кој се однесува на тоа кој е виновен за етичките чистења, бугарските историчари се обидуваат да стекнат „ексклузивно“ право на настаните што се однесуваат и на негирање на македонската национална борба за создавање сопствена македонска држава.
Хрватскиот историчар Хрвоје Класиќ вели дека Србите и Хрватите веќе треба да постигнат консензус за минатото.
– Има повеќе причини зошто „Бура“ се одбележува на ваков начин. Се плашам дека начинот на кој со години се прави тоа нема премногу смисла. „Бура“ е навистина најважен настан во современата хрватска историја, за која најголемиот дел Хрвати, воопшто, не се заинтересирани. Да бидеме искрени, повеќето гледаат кога е петти август за да можат да ги спојат деновите за одмор. Ако го изземете Книн, погледнете во другите градови, сето тоа полека ја губи смислата, освен кај политичките елити, кои покажуваат дека сѐ уште сметаат на минатото како важен инструмент во политичките борби, што не е добро – вели Класиќ во разговор за телевизијата Н1.
Тој дава одговор и на обвинувањата на српската страна за постоењето на етничко чистење при воената операција „Бура“ и вели дека „наредбата за повлекување на српското население е дадена пред хрватската војска да го освои Книн“. Но тоа што се случувало по ова околу спречувањето на српското население да се врати назад е голема дамка за хрватското општество. Како што појаснува Класиќ, обидите на Милорад Додик и Александар Вучиќ да ја прикажат акцијата како етничко чистење се „еклатантен пример за ревизија на историјата“.

Во Србија, 26 години по српско-хрватската војна, се застапува поинакво мислење. Славица Башиќ, која е една од неколкуте стотици луѓе што ги бараат телата на членовите на своите семејства убиени за време на хрватската акција „Бура“ или непосредно по неа, посочува дека „сѐ уште нема обвинети за сторените злосторства врз српскиот народ“. Драгана Ѓуќиќ од Здружението на семејствата „Солза“ стравува дека се наѕира крај на политизацијата на целиот процес, бидејќи очигледно е оти нема волја сето ова да се реши.
Половина век трае борбата на семејствата на жртвите од српскиот егзодус од Хрватска, но и потрагата по вистината за убиените цивили за време на акцијата на хрватската војска, во која, според податоците на Координацијата на српските здруженија, своите огништа ги напуштиле околу 220 илјади Срби, запалени се над 20 илјади домови и убиени 1.800 лица од српска националност, од кои 1.200 цивили, пишува „Дојче веле“.
Податоците од Хрватска се екстремно различни. Според наводи на хрватскиот Хелсиншки комитет за човекови права, до крајот на 1995 година, околу 400 Срби се убиени во нивните домови. Според податоците на меѓународните организации, овој број е значително помал – според нив, убиени се 80 цивили што се движеле во колоните возила.
– Хрватска го слави Денот на победата и на благодарноста на татковината. Победа над кого? Над добрите и скромни луѓе, граѓаните на Книн, Вргин Мост, Двор, Костајница, над чесните домаќини, земјоделци во селата на Лика, Далмација, Банија, Кордуна – изјави српскиот претседател Вучиќ, предупредувајќи дека Србите никогаш нема да ги заборават колоните со бегалци.
Земјите од Западен Балкан долго време се наоѓаат во расчекор меѓу „мрачното минато“ и „светлата иднина“. Неподготвеноста на националните политички елити да ги прифатат историските факти за настаните од овој дел од Балканот го држи регионот во повеќедецениска изолација од глобалните политички и економски текови. Колку е силна поделбата се виде и при годинашново одбележување на геноцидот во Сребреница. Тоа продолжи и со иницијативата на високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, кој на крајот од својот мандат го донесе законот за осудување на сите лица што ќе го негираат постоењето на геноцидот. Ова предизвика остри реакции од властите на Република Српска, кои објавија дека нема да го почитуваат овој закон. Истото тоа се случува и на релацијата Белград – Приштина, со тоа што во последно време има обиди за целосна ревизија на историјата, дури од времето на доаѓањето на Османлиите на Балканот.

Така, деновиве од официјална Приштина можеше да се слушнат и „нови“ историски толкувања дека Косовската битка била „борба на балканските сојузници“ против отоманскиот освојувач. Овие толкувања се спротивни на досегашните податоци за учество на српската војска, која ја предводел кнез Лазар против војската на султан Мурат, како што тврдат српските историчари.