Годинава економијата во земјите од еврозоната се намали за 0,6 отсто, а слични тенденции се очекуваат и во земјите од Западен Балкан, кои се економски поврзани со земјите од Европската Унија

Економијата на еврозоната повторно влезе во рецесија, поради влијанието на пандемијата на економските активности. Европската економија претрпе дополнителен удар со зголемување на бројот на заболените од ковид-19 и рестрикциите што беа воведени за намалување на пандемијата, пренесе агенцијата „Фена“. Во периодот од јануари до март годинава, економијата во земјите што ѝ припаѓаат на еврозоната се намали за 0,6 отсто, а тоа е второ последователно намалување на економските активности. Двократниот пад на економијата, од почетокот на пандемијата, го повторила само Италија. Другите земји пријавиле одреден раст во еден или во вториот во два последователни квартали. Француската економија пораснала во првите три месеци годинава, но само за 0,4 отсто, по падот што го оствари кон крајот на 2020 година. Во Германија е остварен одреден раст во четвртиот квартал лани, по што следуваше силен пад од 1,7 отсто.
Ваквите трендови се очекува да бидат пренесени и во земјите од Западен Балкан, кои се економски поврзани со земјите од Европската Унија. Србија веќе објави дека во првиот квартал од годината оствари економски раст поголем од еден отсто, наспроти очекувањата од минус 1,3 отсто, соопшти викендот српскиот претседател Александар Вучиќ. Тој на својот инстаграм-профил напиша дека Германија очекувала минус од 1,5 отсто, а остварила минус од 1,7 отсто.

– Србија оди со голема брзина напред. Доколку имаме раст од 11,5 отсто во вториот квартал, ќе бидеме шампиони во Европа во економската стапка на раст. Тоа ќе го оствариме ако се вакцинираме и набрзо се вратиме на работа – порача Вучиќ.
Светската банка во својот извештај за годинава прогнозира враќање на економскиот раст на економиите на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија, по најтешкиот пад што го доживеа регионот во 2020 година.
По економската девастација што се склучи поради ковид-19, балканскиот регион би требало да оствари економски раст од 4,4 отсто во 2021 година. Во наредните години се очекува забавување на растот од 3,7 отсто во 2022 и 2023 година, а последиците од пандемијата ќе продолжуваат да ги ограничуваат инвестициите и вработеноста во регионот.
– Се забележуваат некои позитивни трендови во регионот, предизвикани од брзата реакција на многу земји поради намалување на последиците од пандемијата, но последиците од пандемијата на здравјето и економската девастација и натаму ќе се чувствуваат – изјави Линда ван Гелдер, регионална директорка на Светската банка за Западен Балкан, пренесува „Данас“.
Воведувањето на вакцината против ковид-19, со јакнењето на довербата во економските можности, подобрувањето на побарувачката и трговската размена, ќе помогне за одржувањето на овој залет, но земјите мора со внимание да ги насочуваат напорите кон воведување н засилување на политиките што водат кон раст, заштита на здравјето и јакнење на човечкиот потенцијал, предупредуваат од Светската банка.
Пандемијата го прекина напредокот на регионот во зголемувањето на приходите и намалувањето на сиромаштијата, а пазарот на трудот на Западен Балкан доживеа нови потреси, со голем број невработени. Стапката на невработеност се намали од 13,5 отсто во 2019 година на 12,6 отсто во 2020, тоа е главно последица на зголемената неактивност, со што вкупната загуба на работните места на Западен Балкан достигнаа до 70.000 до крајот на 2020 година, се наведува во извештајот на Светската банка.

Овие загуби диспропорционално ги погодија најранливите групи на населението во регионот, вклучувајќи ги жените и младите. Стапката на невработеност кај младите порасна на 33,6 отсто во 2020 година, по петгодишниот тренд на намалување.
– Сите земји треба да обезбедат дополнителни ресурси на своите здравствени системи за набавка и дистрибуција, тестирање, терапии и лична заштитна опрема, унапредување и одржување на здравствените установи. Инвестициите во образованието, дигитализацијата и другите инфраструктурни проекти, како и зелените иницијативи, треба да станат приоритет затоа што може да ја забрзаат неопходната транзиција кон намалување на зависноста од јаглен на земјите во текот на заздравувањето од пандемијата – порачуваат од Светската банка.