Фото: Игор Бансколиев

Во војните на просторот на поранешна Југославија беа украдени стотици вредни уметнички дела што беа во музеите и јавните институции во Босна и Херцеговина и во Хрватска или беа во сопственост на приватни колекционери

Дипломатскиот скандал со украдената икона од Украина што Милорад Додик му ја подари на шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, при минатонеделната посета на Босна и Херцеговина, има најмалку два аспекта. Едниот е политички и се однесува на нарушување на дипломатските протоколи, а вториот е чисто криминалистички и се поврзува со постоењето на црниот пазар за уметнички предмети, икони и други црковни симболи што имаат голема историска и материјална вредност. Во војните на просторот на поранешна Југославија беа украдени стотици вредни уметнички дела што беа во музеите и јавните институции во Босна и Херцеговина и во Хрватска или беа во сопственост на приватни колекционери. Со едноставно пребарување на интернет може да се дојде до податоци за 31.000 „исчезнати“ дела само од Хрватска, од нив биле вратени 27.000. Состојбата со Босна и Херцеговина е уште полоша, поради нецелосните податоци за украдени уметнички дела. Од Центарот против шверцување уметнички дела од Тузла објавија и список со 109 уметнички предмети, а меѓу нив се и четири слики од личната колекција на Енвер Мулабдиќ. Позначаен податок е кражбата на 50 православни икони од Уметничката галерија на БиХ, три илуминирани исламски ракописи и други значајни дела со историска вредност. Листата на исчезнати дела е долга, а нивната вредност се проценува на неколку милиони долари.

Во потрагата за исчезнатите уметнички дела во војната во поранешна Југославија се вклучи и Интерпол, но многу од уметничките дела сѐ уште се наоѓаат во тајните депоа и се предмет на продажба на црниот пазар. По сознанијата за подарената икона, украинската амбасада во Сараево побара информација од српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, како дошол до иконата на која има украински печат. Американската новинска агенција АП објави информација дека иконата, најверојатно, потекнува од источна Украина, која беше зафатена со војна и беше под контрола на проруските војници. „Ројтерс“ потсети на учеството на десетина босански Срби што се бореа на страната на проруските војници во 2014 година. Обвинителството на БиХ отвори предмет за да се утврди дали подарокот од Додик претходно бил нелегално пренесен од воената зона на Украина, објави „Ал џезира“.
Ненад Макуљевиќ, професор по историја на уметноста од Филозофскиот факултет во Белград, вели дека политиката на давање подароци во дипломатијата треба да се прави промислено.
– Илегалниот пазар за артефакти постои и тој е голем и можен. На него се наоѓаат артефакти од сите краеви на светот и најчесто тие потекнуваат од воените подрачја, каде што културното наследство се уништува и се краде – изјави Макуљевиќ за „Ал џезира“.

Пред неколку години анонимно лице во амбасадата на Босна и Херцеговина во Белград врати 44 слики со печат на Музејот на АВНОЈ од Јајце. Овие дела исчезнале за време на војната пред 20 години. Од Центарот против шверцување уметнички дела велат дека тоа е прв таков случај, но и натаму се трага по илјадници дела. Од ателјето на Сеид Хасанефендиќ биле однесени околу 130 уметнички дела и ниедно од нив не е вратено. По војната му биле испраќани фотографии од неговите слики и му било понудено да ги откупи.
Босна и Херцеговина е плодна почва за илегална трговија со уметнички дела поради сложената структура на власта. Оваа земја е високо на листата на земјите од Југоисточна Европа на чија територија, според податоците на Интерпол, се реализира 6,3 отсто од продажбата на црниот пазар. По оружјето, наркотиците и луѓето, илегалната трговија на уметнички дела е најзастапен криминал во глобални рамки. Се претпоставува дека многу од украдените артефакти од БиХ завршиле во соседните земји, Хрватска и Србија, од каде што заминуваат во непознат правец. Земјите од Западен Балкан се користат и за „транзит“ на вредни артефакти што се шверцуваат од други земји, кои поради порозноста на границите и неискуството на безбедносните служби за овој вид илегална трговија, се користат од илегалните трговци со уметнички слики и предмети.