Македонија е на претпоследното место од шесте држави на Западен Балкан според заплената на дрога од страна на полицијата, зад неа е единствено Косово

Извештајот на „Глобалната иницијатива против транснационалниоторганизиранкриминал“

Шверцот на дрога од размери какви што има на Западен Балкан е можен само во дослух со државни структури. Оваа „заштитничка економија“ опфаќа корумпирани гранични службеници на клучните премини, полицајци што го игнорираат, па дури и се вклучени во шверцот. Исто така може да вклучува и политичари што ги штитат клучните играчи за процент од бизнисот. Фактот што има релативно малку заплени на дрога во регионот сугерира или на небрежност или на корумпираност кај силите на редот, се наведува во извештајот на „Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал“.
Според извештајот, Македонија е на претпоследното место од шесте држави на Западен Балкан според заплената на дрога од страна на полицијата, зад неа е единствено Косово. Во 2019-та биле запленети близу 1.000 килограми дрога (977 килограми канабис и два килограми други дроги). Истата година во Србија полицијата запленила над 7.000 килограми, во Албанија над 5.000, а во Босна и Црна Гора по околу 2.000 килограми.
Канабисот од Албанија преку Косово патува во земјите на Европската Унија и Турција, а од тие земји повторно преку Косово се пренесува кокаин во Западна Европа. Од Албанија дрогата поминува до Кукеш или Призрен, па преку Урошевац и Гњилане преминува во централна Србија. Вториот важен патен правец на дрогата е Пеќ – Рожаје кон Нови Пазар. Хероинот од Турција доаѓа преку Косово (Кукеш) од каде што заминува за пристаништето Драч во Албанија. Втората маршрута е преку Скадар во Црна Гора, а по истиот пат се пренесува и канабисот, тврдат авторите на извештајот.
Килограм канабис во нелегалните канали се продава меѓу 1.200 и 1.400 евра, додека најквалитетниот хибрид е со вредност од 1.600 и 2.000 евра. Од Албанија, канабисот се пренесува со бродови во Италија, каде што се продава од 1.800 до 2.000 евра за килограм. Вториот илегален канал е преку Охрид и Битола до Грција. Албанскиот канабис во Грција е поскап од Италија и се продава од 2.000 до 2.200 евра за килограм, додека канабисот одгледуван во затворен простор во Албанија се продава од 2.800до 3.200 евра за килограм.

Дел од канабисот што легално се произведува за медицинска употреба во Македонија можеби завршува на црниот пазар, се наведува во извештајот на „Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал“. Во извештајот се потсетува на неколку случаи на кражба на канабис од магацини на лиценцирани компании. Македонија, освен на канабис, е производител и на синтетички дроги. Источниот дел од Македонија вклучува „жешки точки“ каде што наркотиците доаѓаат од Бугарија (хероин и синтетички дроги) од Благоевград во Делчево, а канабисот оди во обратна насока. Преку Струмица во Грција се пренесуваат канабис и хероин, а кокаинот оди во двете насоки. Клучна точка е Велес.
На Балканот се забележува и зголемена активност на криминалните групи за трговија со азиланти, како и со перење пари преку отворање коцкарници. Се проценува дека околу 50 милиони евра годишно е прометот од трговија со мигранти.
– Мигрантскиот пазар во шесте земји од Западен Балкан и натаму е профитабилен бизнис за подземјето, но е помало во споредба со 2015 година. Пандемијата не влијаела значително на намалувањето на овие нелегални текови – се наведува во извештајот за трговија со луѓе.
Мигрантите и азилантите преку Албанија се пренесуваат по цена од 50 до 70 евра за лице, за во другите земји е повисока цената, во зависност од далечината и ризикот. Илегалното преминување на границите чини од 200 до пет илјади евра, во што е вклучен и поткупот за граничните службеници. Авторите на студијата проценуваат дека заработувачката за преминување на границата меѓу Грција и Албанија изнесува од седум до 11 милиони евра, додека на грчко-македонската граница е од 12 до 17 милиони евра.

Србија се споменува како важно одредиште за азилантите и мигрантите, бидејќи се граничи со четири земји од Европската Унија – Хрватска, Унгарија, Романија и Бугарија. Според податоците на Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци, во текот на 2019 година во Србија влегле 30.216 мигранти, двапати повеќе од 2018 година. Повеќето баратели на азил и мигранти доаѓаат од подрачјето на Македонија, преминувајќи ја границата во близината на Прешево и Трговиште на југот на Србија. Семејствата на мигрантите се упатуваат во прифатните центри во Врање, Прешево и Бујановац, а поединците продолжуваат да патуваат кон Белград. Мигрантите влегуваат и од Косово и од Црна Гора и од Бугарија
– Иако безбедноста на границата меѓу Грција и Македонија беше зајакната, Македонија останува клучна транзитна маршрута за мигрантите, која е особено популарна за мигрантите од Пакистан и од Авганистан, кои ангажираат локални шверцери – се наведува во извештајот на „Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал“, која е со седиште во Виена.
За нелегално минување низ македонска територија, од Грција до Србија, мигрантите плаќаат по 1.000 до 2.500 евра – за превоз од Гевгелија и Дојран до Куманово се наплаќа од 500 до 700 евра, а од Куманово преку граница до Србија уште 500 до 600 евра, наведуваат авторите.
Парите заработени од производството и трговијата со наркотици, шверцот со мигранти и други криминални активности се перат на повеќе начини.
– Валканите пари што се заработуваат и се перат во регионот го поттикнуваат екосистемот на криминал и корупција – објаснува Кристина Амерхаусер, една од авторите на извештајот.
Парите се перат преку недвижности, казина и туристички објекти, а процесот опфаќа и мали легални бизниси, како кафетерии, пицерии, ресторани, хотели и бензински станици.