Големите туристички земји на Балканот прават подготовки за привлекување поголем број гости по најавите од Велика Британија дека ќе го олесни режимот за патување на британските туристи. Домашните хотелиери порачуваат за навремена промоција на туристичките можности на Македонија и побрза имунизација на населението

Процесот на забрзана вакцинација на европскиот континент ги зголеми надежите на туристичките претпријатија во овој дел на Европа дека годинава ќе имаат поуспешна сезона. Туристичките земји, меѓу кои и Хрватска, со вакцинацијата против коронавирусот се надеваат на повеќе странски гости. Слични очекувања имаат и грчките хотелиери, кои првите месеци од годинава го користат за сѐ поголема промоција на светскиот туристички пазар, на кој веќе се забележува зголемен број на резервации. Но сето тоа се само очекувања за туристичките организации, кои претрпеа најголеми загуби во работењето поради пандемијата. Процените се дека до летото во Европската Унија ќе бидат вакцинирани околу 50 отсто од населението, но засега е неизвесно каков ќе биде режимот за патување и за преминување на границите во рамките на ЕУ.
Поволни сигнали за туризмот пристигнуваат од најавата на британскиот премиер Борис Џонсон дека Велика Британија ќе почне со попуштање на мерките за спречување на ширењето на вирусот. Медиумите ја пренесоа информацијата дека во најголемата светска туристичка компанија се зголемува бројот на резервациите од британскиот пазар за рекордни 600 отсто во споредба со претходната година. Поволни најави има и од другите туристички оператори и авиокомпании во светот.

Зголемувањето на побарувачката за туристички аранжмани од Велика Британија изнесува околу 75 отсто. Некои од овие резервации се однесуваат за летувања на хрватското крајбрежје, особено за Дубровник. Британските туристи за годинава покажале заинтересираност за летување во Грција, Шпанија, Турција, Португалија и Италија, за кои има зголемени резервации и за 100 отсто во споредба со лани.
– Хотелиерите на дубровничката ривиера го потврдуваат порастот на резервациите од британското подрачје од 30 до 40 отсто. Тоа особено нѐ радува. Овие резервации главно се однесуваат на летната сезона, но хотелиерите се надеваат и на добра посетеност во месеците пред главната туристичка сезона, особено поради зголемувањето на бројот на вакцинираните лица – изјави Мато Франковиќ, градоначалник на Дубровник, за „Јутарњи лист“.
Во сезоната за 2020 година од Велика Британија во Хрватска пристигнале над 127 илјади гости, за разлика од 2019 година, кога нивниот број изнесувал 898 илјади туристи, кои оствариле 4,6 милиони ноќевања. Во првите три квартала од минатата година Хрватска изгубила 5,2 милијарди евра приход од туризмот, иако таа имаше најуспешна сезона од другите туристички земји во Медитеранот. Хрватската влада за минатата сезона се одлучи за полиберален режим за влез на странските гости, што им овозможи да остварат девизен приход над планираните проекции, во услови на пандемија.

Грција исто така прави големи подготовки за прифаќање што повеќе гости од светот по либерализацијата на патувањата меѓу земјите од Европската Унија. Туристичките власти на оваа земја разговараат за воведување ковид-пасоши за вакцинираните лица од Израел, но сличен договор се најавува и за државјаните на Србија и на Кина, кои се и најмногубројните гости во грчките туристички места. Белградска „Политика“ пишува дека Грција е подготвена да покрие половина од трошоците за задолжителните ПЦР-тестови за сите туристи што годинава ќе одлучат да летуваат на Халкидики.
Засега оваа опција сѐ уште е како најава од хотелиерите на овој дел од грчкото крајбрежје. Дали годинава ќе заживее туристичкиот сектор ќе зависи пред сѐ од глобалната епидемиолошка слика. Во Грција во сила се рестриктивните мерки и границите се затворени за посетителите од балканскиот регион. Александар Сеничиќ, директор на националната асоцијација на туристички агенции „Јута“, вели дека позитивен сигнал е тоа што грчкиот министер за туризам во контактите со кинеските колеги ги повикал туристите од Кина да летуваат во нивната земја. Ова би значело дека истите правила би важеле и за српските граѓани што се вакцинирале со кинеската вакцина, што би претставувало и „виза“ за патување во европските држави.
– За разлика од лани, туризмот годинава има подобри услови. Нашите граѓани сигурно ќе патуваат во Црна Гора, Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина и, секако, во Египет и во Турција, кои како и минатата година ќе бидат отворени за туристите – вели Сеничиќ.

Од Националната асоцијација за дојдовен туризам во Македонија посочуваат дека покрај финансиската поддршка од државата, за успешна туристичка сезона е важно подготовките и промоцијата на земјата како привлечна и безбедна туристичка дестинација да почнат многу порано.
– Ако сакаме да имаме успешна сезона, мора да работиме уште отсега, да ја промовираме земјава и да се позиционираме. Доколку не стигнеме во каталозите на странските туроператори, многу тешко ќе ја продадеме дестинацијата. Но исклучително важно е и државата да ја заврши својата работа – да спроведе имунизација што е можно побрзо, да покажеме дека сме сигурна дестинација – велат од Националната асоцијација за дојдовен туризам во Македонија.
Претседателот на НАИТМ, Влатко Сулев, смета дека домашниот туристички сектор мора да се прегрупира и да се подготви за периодот што следува, зашто отворањето на границите е сѐ поблиску, а туристите веќе ги планираат своите одмори.