Грција

Грција планира да купи оружје, да ги зајакне своите вооружени сили и да ја обнови својата одбранбена индустрија, соопшти грчката влада, како одговор на зголемените тензии со сојузникот во НАТО Турција, за енергетските ресурси на истокот на Медитеранот. Грција, која во 2018 година излезе од економската криза и се бори со економското влијание на кризата со коронавирусот, сака да потроши дел од своите готовински резерви од неколку милијарди евра на својот одбранбен сектор. Премиерот Кирјакос Мицотакис ги претстави ваквите планови за време на годишниот говор за економска политика, пренесе Радио Слободна Европа.

Претставник на грчката влада минатата недела за „Ројтерс“ изјави дека Грција разговара со Франција и со други земји за аквизиција на борбени авиони. Мицотакис ќе се сретне со францускиот претседател Емануел Макрон на Корзика в четврток, пред самитот на јужноевропските лидери на овој француски остров Корзика. Двајцата лидери се очекува да разговараат за затегнатите односи на Европската Унија со Турција, соопшти кабинетот на Макрон. Тема на разговорот ќе бидат затегнатите односи меѓу Европската Унија и Турција, соопшти денеска канцеларијата на Макрон.

Макрон и Мицотакис ќе присуствуваат на самитот МЕД 7 на францускиот остров Корзика на 10 септември, заедно со лидерите на Португалија, Шпанија, Италија, Кипар и Малта, објави „Ројтерс“.
Сојузниците на НАТО, Турција и Франција, имаат спротиставени ставови за Сирија, Либија и за спорот на Анкара со Грција за енергетските ресурси во источниот Медитеран.