Пожарот што избувна во западниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, до вчера напладне сè уште не беше ставен под контрола. Поради можно проширување на огнот, превентивно беа евакуирани уште пет села и дом за стари лица.
Пожарот е во непристапен дел, на врв од планина, каде што гори густа борова шума, а со разденувањето, во гаснењето се вклучија и воздушните средства.
Според противпожарната служба на Грција, интервенираат 330 пожарникари, со осум пешадиски тима и 115 возила, шест хеликоптери и пет авиони, меѓу кои и рускиот „вериев-200“, а помагаат и 143 пожарникари со 46 возила од Полска.
Пожарот изби завчера, околу 13 часот, а силниот ветер брзо ја прошири огнената стихија и дополнително им ја отежнуваше работата на пожарникарите.